Светските статистики велат дека еден од десет пациенти кои имаат потреба од хируршка интервенција (особено некардијална хирургија) е над 70-годишна возраст, а 50% од хируршките интервенции се итни. Најкарактеристичните интервенции кои се изведуваат кај повозрасната популација се разни видови бајпас хирургија, хернија, катаракта, замена на колк и уште многу други операции.
Анестезија кај возрасни пациенти
Стареењето на системите и органите во човековиот организам претставува составен дел на животот. Овој процес почнува од раѓањето и се забрзува во текот на напредната возраст, при што се случуваат видливи, но почесто незабележливи промени во текот на подолг временски период. Неодамна направените студии на возрасни испитаници ги класифицирале „старите пациенти” хетерогено, и тоа како „стари”, од 70 до 80 години, додека пациентите постари од 85 години, како „многу стари”. Д-р Марина Темелковска Стевановска, анестезиолог, објаснува: „Овие лица со физиолошки промени на стареење ги дефинираме како ‘здрави стари’. Но, често постарите лица страдаат од голем број коморбидитети. Не само што имаат поголеми ризик-фактори за коронарна артериска болест туку кај нив постои поголема веројатност да имаат цереброваскуларни заболувања, периферна артериска болест, конгестивна срцева слабост, хронични бубрежни заболувања, атријална фибрилација, хронична опструктивна белодробна болест, артритис, дислипидемија, хипертензија, дијабетес, деменција и сл. Од друга страна, наспроти поголемата преваленција на кардиоваскуларни заболувања, кај нив, ефективната терапија што ја користат доведува до поголема редукција на апсолутните кардиоваскуларни инциденти.“
Одредување на ризик за интервенција
„Целта на периоперативната евалуација на пациентот не е да се даде лекарска дозвола за некардијалната хируршка интервенција туку да се изврши проценка на моментална медицинска состојба на пациентот и да се дадат препораки кои се однесуваат на проценката и на ризикот од компликациите во текот на целиот периоперативен период. На тој начин, пациентот, докторот, анестезиологот, хирургот ќе можат да донесуваат одлуки за начинот на лекување кои можат да влијаат врз краткорочните и долгорочните резултати. Треба да се применуваат дијагностички тестови бидејќи влијаат врз лекувањето на пациентот. Кај оваа група пациенти, покрај детална анамнеза за медикаментозна терапија која ја користат, како и стандардни дијагностички тестови (рендген на бели дробови, EKG и комплетни лабораториски анализи на крвта), честопати се неопходни и дополнителни тестови како ехо на срце, стрес-тест, а понекогаш и спирометрија, ангиографија и сл.“ објаснува д-р Стевановска.
Тип на анестезија
Доколку хируршката интервенција се изведува во предел на долен екстремитет или мала карлица, се преферира регионална (спинална или епидурална) анестезија. „Изборот помеѓу овие два типа регионална анестезија зависи најчесто од очекуваната постоперативна болка. Епидуралната анестезија обезбедува одлична постоперативна аналгезија и овозможува редуцирано интравенско користење на опиоидни аналгетици, кои кај стари пациенти можат да доведат до респираторна депресија или постоперативна конфузија. По потреба, епидурална анестезија може да се комбинира и со општа анестезија. Доколку е неопходно, за хируршка интервенција се применува општа анестезија, која секако не е контраиндицирана кај постари лица со коморбидитети и се изведува со администрација на помали количини анестетици.“ вели д-р Стевановска. Од поголемо значење е фактот дека секоја анестезиолошка техника ги потенцира ограничените физиолошки резерви и коморбидитетот на постарите пациенти. Токму затоа неопходна е добра предоперативна подготовка на пациентот и изведување на сите неопходни анализи и тестови.
Можни компликации
Можни компликации по хируршки интервенции кај постари пациенти, особено по ортопедски операции, се рана постоперативна когнитивна дисфункција (губење меморија, конфузија и намалена способност за концентрација и мислење) и делириум. Регионалната анестезија го намалува степенот на постоперативната когнитивна дисфункција во првата постоперативна недела. Но, сепак, според најновите студии не е најдена значајна разлика во степенот на когнитивна дисфункција три месеци по општа или регионална анестезија кај постари пациенти. За соодветен третман на овие компликации oд голема важност е пациентот да го информира док- торот за сите лекарства што ги користи, а делуваат на нервниот систем.
Како да си помогнете?
За да си помогнете во побрзата ориентација по интервенцијата, земете ваш близок член од семејството да биде со вас. Најбрзо што може по интервенцијата повторно ставете ги очилата за гледање или слушниот апарат. Одберете болничка соба со прозорец за да ја следите промената на денот и ноќта. Семејна фотографија, часовник или календар исто така се добредојдени за подобра и побрза ориентација.