/АКО ПУШИТЕ ПРЕСТАНЕТЕ, АКО СТЕ ПУШЕЛЕ НЕ ПОЧНУВАЈТЕ ПОВТОРНО, АКО НИКОГАШ НЕ СТЕ ПУШЕЛЕ НЕ ПОЧНУВАЈТЕ!

АКО ПУШИТЕ ПРЕСТАНЕТЕ, АКО СТЕ ПУШЕЛЕ НЕ ПОЧНУВАЈТЕ ПОВТОРНО, АКО НИКОГАШ НЕ СТЕ ПУШЕЛЕ НЕ ПОЧНУВАЈТЕ!

Сподели

Иако на почеток на ковид-пандемијата се создаде погрешен впечаток дека пушењето и другите никотински суплементи всушност штитат од ковид, веќе е докажано, кај пушачите има поголем ризик од инфекција, но и поголем ризик за хоспитализации, па и за смртен исход. Нема дилема дека пушењето штети на здравјето, но е голем сојузник на пандемиската болест Ковид-19, децидни се докторите.

Д- р Камелија Бушљетиќ, пулмолог, вели дека дефинитивно пушењето е проследено со влошување на тежината на ковид инфекцијата и го зголемува ризикот од смртен исход. Големата студија на Биобанк направена во Велика Британија покажала дека 80 отсто од заразените кои биле пушачи биле хоспитализирани наспроти оние кои никогаш не пушеле. „Денес знаеме дека да се биде пушач и уште повеќе тежок пушач кој консумира над 20 цигари на ден е генетски предодредено. Генетската предодреденост со пушењето е асоцирана и со двојно поголем ризик од ковид-инфекција, 5 пати поголем ризик од хоспитализација и 10 пати поголем ризик за смртен исход од болеста“, вели д-р Бушљетиќ. Таа е децидна дека оваа болест останува сè уште сериозна закана за сите, секако многу помалку за вакцинираните. Последните истражувања покажуваат дека вакцините штитат до 80 отсто од заразување, а до 90 отсто од тешка форма на болеста и хоспитализација.

ПУШЕЊЕТО И КОВИД ИНФЕКЦИЈАТА

Голем проблем им направија на докторите неколкуте објавени студии од Кина и една студија од Франција лани од јануари до април кога врз база на некои сознанија беше поставена хипотеза дека пушењето цигари и користењето никотински суплементи кои се користат при одвикнување од пушењето всушност штитат од ковид. Д-р Бушљетиќ вели дека откако тоа било пласирано на социјалните мрежи, драстично пораснала потрошувачката на цигари и никотински производи, што, пак, од друга страна било повод во Франција да се донесе на 23 април привремена рестрикција на продавање никотински суплементи. Според неа, секако и медицинските анализи го покажале тоа, генерално пушачите помалку ги следат јавните препораки за здравјето. Тие, вели докторката, имаат помалку здрави навики и претходни студии покажале дека помалку примаат вакцини како што е случајот со вакцината за грип. „Повторно студија од Велика Британија покажа дека пушачите помалку ѝ веруваат на вакцината против ковид , повеќе се загрижени од можните несакани ефекти од неа, повеќе се загрижени за комерцијалниот профит од вакцината и повеќе се приврзаници кон природниот имунитет“, вели д-р Бушљетиќ. Категорична е дека годишно осум милиони смртни случаи се поврзани директно со пушењето, што е посмртносно дури и од самиот ковид. „Она што е многу битно е што самото пушење на обични цигари, електронски или систем за загревање на тутун може да се смета за форма на пандемија со 8 милиони смртни случаи годишно директно поврзани со пушењето, што е посмртна пандемија од самиот ковид. Но, оваа ковид-пандемија е идеален момент да се фокусираме на колективниот ум за контрола на пушењето. Самата пандемија на ковид кај најголемата пушачка нација во светот, кај Кинезите, имаше многу позитивен ефект врз пушењето. Таа доведе до намалување на бројот на испушени цигари за 0,38 цигари по пушач. Колку ова да изгледа малку и незначајно во апсолутна бројка значи 11.660 милиони испушени цигари помалку на ден во Кина“, објаснува д-р Бушљетиќ. „Всушност оваа хипотеза за протективниот акт на цигарите се должеше на методолошка грешка во толкувањето на резултатите. Дефинитивно со пушењето следи влошување на тежината на ковид-инфекцијата и го зголемува ризикот од смртен исход“, категорична е д-р Бушљетиќ, која додава дека подоцна сите последователни анализи покажале дека пушењето има исклучително негативно влијание за ковид-пациентите. 23 Д-р Бушљетиќ објаснува дека пушачите се со зголемен ризик од потешки форми и смртен исход не само од ковид-инфекција туку и од други вирусни и бактериски инфекции покрај веќе познатиот ризик за кардиоваскуларни заболувања, некои карциноми и други хронични заболувања. „Затоа треба да се следи препораката на CDC (Центрите за контрола и превенција на болести). Ако пушите престанете, ако сте пушеле не почнувајте повторно, а ако никогаш не сте пушеле не почнувајте“, вели д-р Бушљетиќ.

НЕМА СТОПРОЦЕНТНА ЗАШТИТА

А Ковид-19 и сите мутации на коронавирусот сега сè уште се сериозна закана за човештвото. Д-р Бушљетиќ вели дека развиените вакцини ги штитат граѓаните до 80 отсто од заразување, а до 90 отсто од тешка форма на болеста и хоспитализација. Таа тврди дека нема стопроцентна заштита, но дека овие резултати се многу добри ако на пример се знае дека вакцината за грип штити само од 50 до 70 отсто, а сепак се смета за многу ефикасна. Секако дека новите мутации на вирусот ќе бидат нов предизвик за нас со кој ќе мора да се справиме во месеците што ни следат. „Новите навики и по 2 години со короната во нашиот живот не се веќе нови туку се наше секојдневие. Носењето маски и понатаму останува најмоќното оружје во борбата против SARS CoV2 вирусот заедно со одржувањето дистанца и социјална изолација. Тие заедно со вакцините треба да ни го олеснат враќањето во животот без рестрикции, колку тоа во овој момент да звучи контрадикторно. Едноставно немаме избор освен ако не сакаме да се оствари едно од можните сценарија, а тоа е Ковид-19 да биде во нашиот живот до 2025 година“, вели д-р Бушљетиќ. Едни од најчестите манифестации на болеста сè уште се пневмониите, односно воспаленијата на белите дробови кои можат да бидат многу тешки. Д-р Бушљетиќ објаснува за колку време може да закрепне еден пациент од нековид-пневмонија. Тоа, според неа, зависи од типот на пневмонијата, колку лошо се чувствува пациентот, колкав дел од белите дробови е заболен, на која возраст е пациентот и дали има придружни заболувања“, вели д-р Бушљетиќ. Според докторката, симптомите кај пациентите со нековид-пневмонија исчезнуваат по следниот редослед. Температурата најчесто исчезнува по една недела, по четири недели пациентите треба да ги чувствуваат градите подобро и повеќе да немаат секрет, а по 6 недели треба и кашлицата да е многу намалена или воопшто да не е присутна. Понатаму, вели Бушљетиќ, по 3 месеци не треба да имате симптоми, но може сè уште да се чувствувате уморен за по 6 месеци да бидете оној што сте биле пред пневмонијата. „За ковид-пневмонијата сè уште учиме. Кај една третина од пациентите со ковид-пневмонија на рендгенграфиите или на тестовите за белодробна функција и по 1 година може да се видат промени. Кај 15 отсто пациенти кои имале умерено тешка до тешка форма на болеста и биле хоспитализирани закрепнувањето трае и подолго од 1 година, а кај 5 отсто со многу тешка клиничка слика и оние кои биле критични може да имаме и трајни последици на белите дробови. Сè уште се следат пациентите во таканаречениот постковид период и по 2 години од појавата на болеста и сè уште не можеме да кажеме до кога ќе трае закрепнувањето“, вели докторката. Таа е категорична дека ова важи не само за ова време на ковид-пандемија туку и за идното време во кое нè очекуваат и други вируси. Додава дека единствена препорака за граѓаните е да се вакцинираат за сите да можеме да се вратиме во нормален живот.