Почетна » Блог » Бели дробови, дишење и алергии » ДА ОЧЕКУВАМЕ ЛИ НОВ БРАН НАЕСЕН?

ДА ОЧЕКУВАМЕ ЛИ НОВ БРАН НАЕСЕН?

Сподели

КОРОНАВИРУСОТ ПОСТОЈАНО МУТИРА, A ПРЕНОСЛИВОСТА СЕ ЗГОЛЕМУВA

Нема дилема дека со зголемениот интензитет на вакцинацијата во светот, пандемијата на коронавирусот стивнува, а повеќето земји почнаа со олабавување на рестрикциите до конечен рестарт и отворање. Сепак, познавачите тврдат дека преносливоста на вирусот уште долго нема да запре, напротив постои согласност дека наесен може да се очекува нов бран и зголемување на бројот на заболени. Интензитетот на тој нов бран ќе зависи од степенот на вакцинација на населението по земји, а и бројот на мутации на овој смртоносен вирус, кој веќе одзеде милиони човечки животи. Д-р Патриција Каламарас, инфектолог, вели дека вирусот и сега постојано мутира, а новите варијанти имаат свои карактеристики, последните стануваат сè попреносливи. Нема некоја драстична промена во манифестациите, иако секако секоја мутација носи свои белези, а сè уште поризична група се повозрасните и лицата кои и претходно имале некои заболувања. Човештвото уште ќе се бори со овој вирус, тоа останува приоритет број еден во светски рамки. Најголем предизик е вакцините да бидат ефикасни за сите варијации, оти можно е во иднина да има варијанти кои ќе бидат поотпорни на заштитата.

ПЕТ МУТАЦИИ, СЕКОЈА ПОПРЕНОСЛИВА

Д-р Каламарас вели дека медицината регистрира повеќе варијанти на коронавирусот – Sars-CoV-2. Повеќето од нив не се драстично поопасни, но не е исклучена можноста да има и такви на кои вакцините ќе се поотпорни во иднина. „Вирусот постојано мутира создавајќи нови варијанти. Повеќето од мутираните видови се несигнификатни и дури некои од нив се помалку опасни, но други варијанти може да се поконтагиозни. Овие варијантни веќе се класифицирани како ‘загрижувачки’ и нивната експресија будно се следи од експертите“, вели д-р Каламарас.

Во моментот има 1. Индиски или делта со мутација Б.1.617.2 2. Британски вид или алфа со мутација Б1.1.7, кој е распространет во повеќе од 50 земји во светот, 3. Јужноафрикански или таканаречен бета, со мутација Б1.351, кој е регистриран во повеќе од 20 земји и 4. Бразилски или гама вид со мутација П.1, кој веќе го имаше во повеќе од 10 земји. Докторката вели дека сè уште нема евидентни докази дека некои од нив предизвикуваат посериозни заболувања од другите. Во Македонија веќе се регистрирани и неколку случаи на делта мутацијата или индискиот вид, кој станал доминантен во некои од западноевропските земји како што е Велика Британија, земја во која поради тоа беше одложен и најавениот рестарт, кој првично беше планиран за средината на јуни. Сепак, вели таа, кога варијантата е потрансмисивна и поинфекциозна тоа може да придонесе да има поголем број заболени и, за жал, и повеќе смртни случаи. Мутациите се на таканаречениот „спајк“ протеин, кој е витално значење за вирусот, а со чија помош вирусот навлегува во човековата клетка. Моментно попереносливи се делта варијантите, како што е Л452Р. Светската здравствена организација сепак го класифицираше индискиот мутиран вирус тип Б.1.617.2 како „загрижувачки“. „Мутацијата Н502Y кај британскиот алфа, јужноафриканскиот бета и бразилскиот гама варијанти е поинфекциозна, повеќе трансмисивна, што значи побрзо се шири меѓу популацијата. Мутацијата Е484К кај бразилскиот и јужноафриканскиот провоцира зголемено создавање на заштитни антитела, што оди во прилог на заболениот организам, а ја намалува силата на вирусот“, вели д-р Каламарас.

ЛЕК НЕМА, РИЗИЧНИТЕ ГРУПИ ОСТАНУВААТ РИЗИЧНИ

Д-р Каламарас вели дека и кај сите видови ризикот од вирусот и заболувањето е поголем кај повозрасната група и кај лицата со коморбидитети. Како најризични сè уште се сметаат лицата со хронични заболувања на бубрезите и на белите дробови. Меѓу нив лицата со астма, белодробна опструкција, но и цистична фиброза, лицата со оштетување на црниот дроб, како што е цирозата. Посериозни манифестации имаат и пациенти со заболувања на кардиоваскуларниот систем, со карциноми, хематолошки или невролошки заболувања. Инаку, освен некои обиди и мали надежи дека некои лекови имаат ефект, сепак, сè уште не е откриен лек за овој вирус, па најчесто, како и во земјава, заболувањето се лекува симптоматски. „Најчести форми на влошување се отежнато дишење, губење здив, брзо заморување, изнемоштеност. Повисока температура подолго е аларм да се посети доктор“, вели д-р Каламарас.

НОВ БРАН НАЕСЕН

Постои согласност дека може да се очекува нов бран на коронавирусот наесен, а така смета и д-р Каламарас. „Тој бран најверојатно ќе биде резултат на патувањата во различни земји, драстичните олабавувања на мерките, но и потребата да се престојува во затворен простор во есенските месеци кога ќе се спуштаат и температурите“, вели д-р Каламарас. Таа е децидна дека е многу важно што побрзо и помасовно да се спроведе вакцинацијата на граѓаните затоа што само на таков начин ќе се спречат и понатамошните мутации на вирусот и нема да има силно разгорување.

Најди доктор Закажи преглед Контакт