/ДЕЛТАВАРИЈАНТА ЛИЧИ НА ПОТЕШКА НАСТИНКА, ТЕШКО ГИ ПОГОДУВА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ

ДЕЛТАВАРИЈАНТА ЛИЧИ НА ПОТЕШКА НАСТИНКА, ТЕШКО ГИ ПОГОДУВА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ

Сподели

Способноста за генетски мутации на вирусите е одамна позната. Некои мутации го оштетуваат вирусот. Сепак, одредени промени во геномот на вирусите доведуваат до зголемена преносливост, понекогаш и презентација на потешки форми на болеста. Четвртата фаза, односно четвртиот бран на пандемијата со Ковид-19 е предизвикана од делта-варијантата на вирусот, официјално позната како Б.1.617.2. Светската здравствена организација (СЗО) во мај ја прогласи делта-варијантата за „загрижувачка варијанта“. Д-р Валерија Кирова-Урошевиќ, инфектолог, објаснува дека ознаката „загрижувачка варијанта“ се користи кога има силен доказ дека вирусот е попренослив, предизвикува потешка болест или ја намалува ефикасноста на вакцините или лековите. За првпат е детектирана во Индија кон крајот на 2020 година. Во тој период поради малата покриеност со вакцинација, особено таму, беше создаден поволен амбиент за зголемена преносливост на вирусот во споредба со оригиналниот „див сој“. Оттогаш со брзо темпо се прошири низ целиот свет.

СИМПТОМИ КАКО ПОСИЛНА НАСТИНКА

Д-р Кирова-Урошевиќ вели дека по симптоми оваа варијанта се разликува од другите варијанти на коронавирусот. Заболените лица се жалат на покачена температура, главоболки, болка во грлото и затнат нос. Кај некои лица се јавува и кашлица. За овој сој научникот Тим Спектор рече дека „повеќе потсетува на посилна настинка“, а Балу советуваше на зголемена претпазливот, бидејќи симптомите во сезона на алергии може да бидат погрешно интерпретирани. „Постои разлика во симптоматологијата кај вакцинираните и невакцинираните лица. Па, така, кај лицата со комплетна вакцинација, односно примени две дози се јавуваат главоболки, болки во грлото, губиток на мирис и вкус, течење на носот и кивавица. Лицата кои примиле една доза вакцина, односно делумно вакцинираните се жалат на главоболки, кивање и течење на носот, болки во грлото, и упорна кашлица. Невакцинираните имаат висока температура, главоболки, течење на носот, болки во грлото, исцрпувачка и упорна кашлица и градна болка. Треба да се напомене, дека кај вакцинираните лица почесто се јавуваат симптомите на губиток на мирис, додека, пак, неимунизираните почесто пријавуваат покачена телесна температура, вели д-р Кирова-Урошевиќ. Таа вели дека во контекст на константните генетски промени кај коронавирусот (Sars-CoV-2), светот сега се соочува со делта плус сојот кој има и свои поттипови или A Y. 1., A Y.2., A Y.3. И покрај промените во генетската структура, овие поттипови имаат сличен геном на оригиналниот делта-сој.

КАКО СЕ ОДНЕСУВА ВИРУСОТ КАЈ ВАКЦИНИРАНИТЕ И НЕВАКЦИНИРАНИТЕ ЛИЦА?

Според актуелната присутност, новите соеви вируси, како делта-сојот, стануваат доминатно застапени во популацијата. Но, засега експертите велат дека, за среќа, делта плус варијантата не се однесува како првичниот делта-сој. „Она што досега се знае за делта-сојот на коронавирус е дека оваа варијанта е високо контагиозна, високо пренослива или се пренесува тројно повеќе во споредба со другите соеви. Некои податоци сугерираат дека делта-варијантата предизвикува тешки облици на болеста кај невакцинираните лица. Во прилог на тоа се независните студии во Канада и Шкотска, каде што е забележана поголема бројка на хоспитализирани лица со делта-сојот, во споредба со претходните соеви. Истовремено, најголем процент од хоспитализираните биле лицата кои не примиле ниту една доза на вакцина. Комплетно вакцинираните лица може да се заразат со делта-сојот, сепак невакцинираните лица се најзагрозена категорија, каде преносливоста е висока меѓу нив. Иако количината на вирусот најден во примероците кај вакцинираните и невакцинираните лица е детектирана, сепак истражувањата покажале дека кај вакцинираните далеку побргу се елиминира вирусот. Тоа ја намалува заразноста и ширењето на вирусот меѓу популацијата, открива д-р Кирова-Урошевиќ.

ЛЕК КОЈ ВЕТУВА

Руските истражувачи објавија дека работат на изменета вакцина „спутник“, која е во фаза на испитување една година. Таа ќе биде користена за заштита од далеку позаразниот делта-сој на Sars-CoV-2. Д-р Кирова-Урошевиќ вели дека тераписките водичи за лекување на Ковид-19 постојано се ревидираат, а научната фела интензивно работи на производство на лек со антивирусно и антиинфламаторно дејство кон вирусот. Солидарити-студија, вели докторката, засега препорачува употреба на гликокортикоидни стероиди, како еден од медикаментите кои делуваат на намалување на смртноста кај тешките клинички облици. Биолошките терапии, а како еден од нив – тоцилизумаб, кој се користи во нашата институција, исто така се една од опциите за намалување на смртноста кај оние со тешки облици, каде има силен имунолошки одговор и појава на „цитокинска бура“. Антивирусниот препарат ремдесивир, од почетокот на пандемијата се експлоатира од страна на лекарите за лекување на Ковид-19 во репликативната фаза. Но, науката продолжува со барање ефикасен лек кон Ковид-19, вели таа. Д-р Кирова-Урошевиќ објаснува дека имајќи ја предвид патогенезата и имунолошките збиднувања, во светот се работи на клиничка студија за ефикасна и безбедна употреба на лекот, познат како CD24fc. Клиничката студија се изведува во повеќе клинички центри и во моментот е во третата фаза на испитување. Објавените студии и оние кои се во претпечатена форма објавуваат дека овој препарат е лек кој ветува во третман на Ковид-19. Имено, кај пациентите лекувани со CD24fc, резултатите покажале намалување на системската инфламација за краток временски период и постигнување на хомеостаза во организмот. „Забележана е атенуација на продукцијата на инфламаторните цитокини ИЛ-10 и ИЛ-15, кои се одговорни за имунолошките настани во тек на болеста. „Во одбраната кон Ковид-19 се вклучени хуморалниот имунитет (продукција на неутрализирачки антитела) и клеточниот имунитет. Мерењата на целуларниот имунитет и ефикасната заштитна моќ се истражувања кои имаат висока цена, а според имунолозите во зачеток е едно истражување во нашата земја. Објавените студии укажуваат на намалување на Т-клетките CD4+ за период од 1,5 месец помината болест, во кој период е измерен пораст на Т-клетките CD8+. CD4 и CD8 клетки се централни мемориски клетки, како дел на клеточниот имунитет, кои играат улога во заштита од појава на болеста. Во студиите се направени мерења на вредностите на овие клетки, каде е забележана намалена концентрација на истите 6 месеци по активната болест“, вели д-р Кирова-Урошевиќ.

КОГА СЕ АКТИВИРА ИМУНИОТ СИСТЕМ, ДАЛИ ТРЕБА И ТРЕТА ДОЗА ВАКЦИНА?

Патогенезата на Sars-CoV-2 е процес кој се одвива во последователни чекори. Првично се инфицираат епителните клетки кои на својата површина имаат рецептори за АЦЕ-2. Следи вирусна репликација и лизирање на инфицираните клетки. Околните клетки продуцираат проинфламаторни елементи, а потоа следи активацијата на имунолошкиот систем. Се зголемува продукцијата на цитокини и хемокини. Резултат на зголемената продукција на цитокините доведува до ткивни оштетувања на молекуларно ниво, во научната сфера познат термин (DAMP-Damage Associated Molecular Patterns), објаснува д-р Кирова-Урошевиќ. „Оштетувањата на епителијалните, хумани клетки во белите дробови се причина за компликации и тешки облици кај болните со Ковид-19. Врз основа на досега достапните податоци, веројатно ќе биде потребна трета доза 6 до 12 месеци по целосната вакцинација“. Фармацевтските компании претпоставуваат дека со третата доза ќе се добие најголема заштита од сите досегашни соеви на коронавирусот, односно и од делта- варијантата. Она што се потенцира од СЗО, светските и наши искуства се дека вакцинираните лица се заразуваат далеку помалку со делта-сојот. Оние кои ќе развијат болест имаат 17 пати помала шанса да бидат хоспитализирани, односно да завршат неповолно. Последните извештаи на СЗО го спомнуваат му-сојот, варијанта од интерес.