Почетна » Блог » Бели дробови, дишење и алергии » Коронавирусот може да биде сериозен ризик и за младата популација

Коронавирусот може да биде сериозен ризик и за младата популација

Сподели

Со оглед на тоа што Ковид-19 е нов вирус, допрва ќе следат квалитетни научни студии за целокупниот тек и прогноза, но здравствените експерти веќе излегуваат со одредени сознанија од досегашните случаи. Она што ја прави болеста опасна е феноменот што лицето кое е заразено може да зарази други лица неколку дена пред да се појават првите симптоми, па оттаму е и неговата широка и брза распространетост. Д-р Оливер Јовковски, пулмолог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, вели дека болеста може да биде ризична за сите генерации, затоа апелира да се почитуваат препораките за превенција и изолација.

Коронавирусот ги напаѓа белите дробови

Првите симптоми на инфекцијата со коронавирусот се слични на кое било друго вирусно горнореспираторно заболување: најпрвин гребење во грлото, болки во коските и мускулите, покачена температура, обично околу 38 степени, општа слабост и сува кашлица. Д-р Јовковски објаснува дека оштетувањето на белите дробови настанува кога вирусот ќе почне да се размножува во клетките кои се на површината на алвеолите и ги репрограмира да произведуваат нови вируси, што на крај доведува до исцрпување и умирање на овие клетки. Кога милиони вакви клетки од површината на алвеолите умираат тогаш се зголемува пропустливоста на капиларите под површината и тогаш алвеолите се исполнуваат со воспалителна течност, слично како кога ќе се изгориме – се јавува плик. Течноста што се собира во милиони алвеоли ја отежнува размената на кислород и јаглерод диоксид и поради тоа пациентите имаат потешкотии со дишењето. Ова е еден од карактеристичните симптоми за инфекцијата со коронавирусот, кој бара сериозен пристап.

Заболениот е заразен и кога нема симптоми

Болеста Ковид-19 е сè уште нова и сè уште многу работи се непознати, но се претпоставува дека заболениот е најзаразен за околината неколку денови пред да се манифестираат првите симптоми така што ниту заболениот ниту оние околу него не знаат дека треба да избегнуваат контакти. Овој феномен е она што ја прави оваа болест особено опасна. Според досегашните сознанија, се смета дека еден дел од помладите пациенти кои се заразени и можат да ја шират болеста не пројавувaат речиси никакви или многу благи симптоми. Според Институтот за јавно здравје, најголемиот број заболени во државава се на возраст од 30 до 39 години.„Вообичаено луѓето на оваа возраст немаат хронични болести и поради тоа се помали шансите за посериозни компликации, но ова не е гаранција дека нема да се јават посериозни компликации. Затоа сите треба да ги применуваме мерките за дистанцирање и изолација“, вели пулмологот Јовковски.

Потешки форми на инфекцијата се очекуваат кај пациентите со хронични белодробни болести

Сите хронични белодробни заболувања на некој начин ги оштетуваат белите дробови и ја намалуваат нивната функцијата и поради тоа може да бидат ризик за развој на потешки форми на инфекција. Кај оние што ќе заболат од Ковид-19 и кај кои ќе бидат зафатени поголеми зони на белите дробови со потешки оштетувања може да се очекува и одреден степен на трајни последици врз работата на белите дробови иако сè уште имаме малку податоци за ова тврдење. Првите случаи се регистрирани пред само 4 месеци, ќе бидат потребни години за да се оцени степенот на трајно оштетување на белите дробови.

Текот на болеста кај пушачите е потежок

Д-р Јовковски потенцира дека кај пушачите ризикот од инфекција е поголем бидејќи кај нив постои инфламација на дишните патишта и пред да дојдат во контакт со овој вирус, а оваа инфламација го олеснува продирањето на вирусот во слузницата на дишните патишта. „Секако дека и самиот тек на болеста е потежок кај пушачите, а знаеме дека кај секој пушач има одреден степен на нарушена белодробна функција, што го отежнува излекувањето со што се зголемува можноста за неповолен исход“, вели Јовковски.

Мијте ги рацете и избегнувајте близок контакт

Мијте ги рацете често, користејќи сапун и вода, подолго од 1 минута, внимавајќи да ги опфатите сите делови од дланката и прстите. Избегнувајте близок контакт со болни лица или лица кои се вратиле од патување од земја со висок или среден ризик. Користете средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња. При кашлање или кивање покријте ги носот и устата со марамче за еднократна употреба и веднаш потоа фрлете го на безбедно место. Доколку немате марамче, покријте ги носот и устата со рака свиткана во лактот. Следете ги препораките на Министерството за здравство и редовно информирајте се од надлежните институции за најновите вести и насоки.

Најди доктор Закажи преглед Контакт