Почетна » Блог » Бели дробови, дишење и алергии » НАСТИНКА ИЛИ АЛЕРГИЈА – КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕМЕ ВИСТИНСКИТЕ СИМПТОМИ?

НАСТИНКА ИЛИ АЛЕРГИЈА – КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕМЕ ВИСТИНСКИТЕ СИМПТОМИ?

Сподели

„Алергиите најбрзо се шират во градовите со развиена индустрија со недоволен проток на воздух. Според некои европски статистики, дури 150 милиони луѓе во Европа страдаат од алергии, а едно од 20 деца има една или повеќе видови алергија“.

Алергиите се во пораст последните неколку години, а најизложени на нив се најмалите. Се појавуваат најмногу во пролет кога мирисот на расцветаните дрвја, прошетките во природа и веселите детски игри се вистинско уживање и за децата и за родителите. Алергиските симптоми најчесто потсетуваат на настинка, како што е затнато носе, бистра носна секреција, кивавица, чешање на носот и очите, зацрвенети очиња и солзење, потенцира д-р Тања Јованова, педијатриски пулмоалероголог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Алергиите, вели таа, се имунолошка реакција на организмот при контакт со туѓи честички или супстанци кои инаку не се штетни и се безопасни. Многу фактори придонесуваат за појава на алергиско заболување, пред сè, тука се генетска предиспозиција (алергиска болест кај родителите или блиските роднини), состојбата на имунитетот на детето, вирусни инфекции, стресните состојби, а фаворизирачки фактори се загаденоста на воздухот, хормонален дисбаланс и нездравите навики. Иако симптомите се слични како и кај настинката, сезонските алергии се појавуваат во одредена сезона и се повторуваат во текот на цела сезона. Меѓутоа, основната разлика, вели д-р Јованова, е тоа што при алергиите нема зголемена телесна температура, болно грло и болка во телото. „Алергијата за разлика од настинката, не е предизвикана од вирус и не е заразна. Алергиските симптоми се долготрајни, во продолжение на неколку недели, додека при настинка симптомите поминуваат за 7 до 10 дена“, појаснува д-р Јованова. Другата разлика е што алергијата се третира со лекови кои ги блокираат ефектите на хистаминот, а настинката, додава таа, поминува спонтано.

ПОЛЕНОВИТЕ ЗРНА СЕ НАЈЧЕСТИ АЛЕРГЕНИ, АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ДОПОЛНИТЕЛНО ЈА ВЛОШУВА СОСТОЈБАТА

„Алергените можеме да ги вдишуваме, да доаѓаме во контакт со нив или да ги внесуваме преку храна. Најчести алергени се поленовите зрна (дрвја, трева, пиреј), домашната прашина, микро крлежите, животинските влакна, мувлата, храната, конзервансите, адитивите, боите, како и отровите од инсекти“, вели д-р Јованова. Најчеста е поленовата алергија. Поленовите зрна се наоѓаат во воздухот и истите со вдишување се внесуваат во нашиот организам со појава на знаци и симптоми од страна на респираторниот систем и очите. Врз алергиите големо влијание игра и заерозагадувањето, додава д-р Јованова. Аерозагадувачите ја оштетуваат лигавицата на респираторниот систем и ја прават попропустлива за алергените од воздухот, кои продираат подлабоко во ткивото и предизвикуваат потежок алергиски воспалителен процес. „Алергиите најбрзо се шират во градовите со развиена индустрија со недоволен проток на воздух. Според некои европски статистики, дури 150 милиони луѓе во Европа страдаат од алергии, а едно од 20 деца има една или повеќе видови алергија“.
Целта на лекувањето е да се ублажат и отстранат симптомите на алергијата со што на пациентот, вели д-р Јованова, му се овозможува поквалитетен живот. „Се користат лекови од групата на антихистаминици и тописки кортикостероиди за да се намали степенот на алергиско воспаление. Важно е лекувањето да почне навреме и да трае до крајот на делување на алергиите. Исто така важно е да се знае календарот на полен кој на чувствителните лица и лекарот ќе им служи како ориентација кога треба да се применат одредени мерки за превенција и лекување на алергиските симптоми“, посочува д-р Јованова.

ДОМОВИТЕ ДА СЕ ПРОВЕТРУВААТ НАВЕЧЕР И ДЕТСКАТА ОБЛЕКА ДА НЕ СЕ СУШИ НАДВОР

• За да се заштитат децата потребно е: обувките да се собуваат пред да се пречекори прагот, истото важи и за домашните миленичиња. Нивното крзно треба да се избрише со влажна крпа пред да го пречекорат прагот
• облеката да се промени веднаш, да се измие косата и телото пред легнување на детето
• испраната облека се суши дома или во машина за сушење алишта
• да се избегнува излегување надвор во сезоната на алергии: поленот е присутен во воздухот во текот на целиот ден, но неговата концентрација е највисока претпладне и попладне по 17 часот
• вратите и прозорците да бидат затворени (посебно кога времето е ветровито), а да се проветрува доцна навечер
• да не се отвораат прозорците на автомобилот за време на возење
• да се носат очила и капа за заштита од сонце
• да се избегнува контакт со свежо искосена трева или доколку се дојде до контакт, да се носи маска на носот и устата
• алергичните на полен редовно да ја следат поленската карта за висината на концентрацијата на поленовите зрна

Најди доктор Закажи преглед Контакт