Почетна » Блог » Бели дробови, дишење и алергии » НЕ ГИ ИГНОРИРАЈТЕ СИМПТОМИТЕ- МОЖЕБИ Е ХОББ

НЕ ГИ ИГНОРИРАЈТЕ СИМПТОМИТЕ- МОЖЕБИ Е ХОББ

Сподели

Хроничната опструктивна белодробна болест ( ХОББ) претставува сериозна болест која што ви прави тешко да дишете и со тек на време може да ве доведе во состојба да не можете да се грижите за себе. Во основа се работи за хронична воспалителна болест која што ги напаѓа, алвеолите (дишните меурчиња) и доведува до нивна деструкција која клинички се  манифестира како емфизем, или ги стеснува дишните патишта и доведува до појава на хроничен бронхит, но најчесто двете работи се заедно. Болеста многу ретко е изолирана, најчесто е пропратена и со заболувања на кардиоваскуларниот систем (коронарна артериска болест, покачен крвен притисок, срцева слабост), генерализирана атеросклероза, шеќерна болест, остеопороза, белодробен карцином и карцином на други локализации, опструктивна слип апнеа и уште многу многу други болести. Затоа се смета дека најверојатно се работи за мулти системско заболување, а белодробната манифестација е само еден од облиците на нејзино манифестирање, објаснува д-р Камелија Бушљетиќ,  пулмоалерголог.

ПУШЕЊЕТО ГЛАВЕН РИЗИК ФАКТОР ЗА ХОББ

Најголем ризик фактор е пушењето. Според статистиките 20 проценти од пушачите добиваат ХОББ особено тие што имаат поголем пушачки стаж и пушат поголем број цигари на ден. Покрај пушењето еден од ризик факторите е и аерозагадувањето, како и користењето на течни горива за домаќинство но и штетните гасови и супстанци на работното место. Некогаш се јавува и вродено како резултат на недостаток на еден од заштитниците на белите дробови- алфа 1 антитрипсин.

КАШЛАТЕ, НЕМАТЕ ВОЗДУХ- ВЕДНАШ НА ЛЕКАР

Најчести симптоми се хронична кашлица, со искашлување на искашлок или без, немање воздух, свирење во градите, гушење. Бидејќи кашлицата е составен дел од животот на пушачите особено оние долгогодишни, болеста се открива најчесто во напреднат стадиум кој ние докторите го класифицираме во средно тешка состојба. Голем број од пациентите помош за своите симптоми бараат на другите клиники најчесто на кардиологија. Во моментов во САД боледуваат 12 милиони луѓе од ХОББ а се смета дека уште 12 милиони не се дијагностицирани.

ТЕСТ ЗА ДИШЕЊЕ-СПИРОМЕТРИЈА

Болеста се дијагностицира со  спирометрија со помош на едноставен апарат –спирометар, кој ни дава можност да одредиме колку воздух може да вдишиме издишиме во зависност од тоа да одредиме каков е капацитетот и волуменот на нашите бели дробови како и пресметување на нивните меѓусебни соодности. Тоа е наједноставниот тест но како дополнителни дијагностички процедури ни требаат компјутер на бели дробови и одредување на дифузија на јаглероден моноксид.

ОСТАВЕТЕ ГИ ЦИГАРИТЕ

Прво и основно е промена на животните навики, пациентот да престане да пуши. Тоа воедно е и најтешката одлука која треба да ја донесе пациентот. Пушењето е хемиска зависност и е исклучително тешко да се откажете иако пушачите мислат дека тоа не е проблем, а не се свесни дека доволно е еден дим од цигара и повторно да се вратат на цигарите. Вториот третман е  медикаментозен со лекови, потоа кислородна терапија, хируршки третман и рехабилитација.

ЛЕКУВАЊЕ СО БРОНХОДИЛАТАТОРИ

Основни лекови се бронходилататори- лекови кои ги отвараат дишните патишта, преку релаксирање на самите мускули на дишните патишта. И кортикостероиди- лекови кои помагаат да не се воспалуваат дишните патишта. Кога болеста е во период на влошување, најчесто како резултат на бактериска или вирусна инфекција, се дополнува терапијата со антибиотик, се интезивира бронходилататорна и кортикостероидна терапија, по потреба се додава кислородна терапија а во потешки случаи кога пациентот е со респираторна слабост, се става на неинвазивана или инвазивна вентилација.

ХОББ НЕ СЕ ЛЕКУВА, НО МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧИ

Болеста не може да се излекува, бидејќи дефинитивно ги оштетува белите дробови. Ако не престанете да пушите природниот тек на болеста уште повеќе се забрзува а лековите помагаат само да се намалат симптомите на болеста. Како компликации на болеста се јавува респираторна слабост, влошување на другите пропратни болести и комплетна неспособност за било каква работна активност дури и во грижата за себе.

ПРЕВЕНЦИЈА

Превенцијата е да не се пуши и да имаме здрава животна и работна средина. Да вежбаат и да имаат здрави животни навики, и секако да ги слушаат нашите препораки бидејќи за нашите пациенти ние не сме само доктори туку и пријатели.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт