/Откажете се од цигарите почнувајќи од овој понеделник

Откажете се од цигарите почнувајќи од овој понеделник

Сподели

Зошто е толку тешко да се откажам од цигарите, пробав да престанам, но по само два дена запалив цигара … ова се дел од прашањата и дилемите на пациентите со кои секојдневно се соочува д-р Камелија Бушљетиќ, пулмоалерголог. Со цел да се разјаснат компликациите од пушењето, процесот на откажувањето и бенефитите од прекинот, текстот е посветен на сите оние кои се соочуваат со овој проблем.

Белодробниот карцином, карциномот на хранопроводот, усната шуплина, грлото, мочниот меур и уште многу други карциноми, како и срцевите заболувања, мозочниот удар, болестите на периферните крвни садови, шеќер- ната болест, остеопорозата, хроничната опструктивна белодробна болест, стерилитетот се тесно поврзани со пушењето цигари. Според Светската здравствена организација, секоја година пушењето цигари е главната причина за околу 5 милиони смртни случаи. 40% смртни случаи се од канцер, 35% од срцев или мозочен удар, а 25% од белодробно заболување, како ХОББ, астма, белодробна фиброза. Пушачите во просек живеат 10 години пократко од непушачите. Пушењето цигари е главната причина за настанување на болестите што можат да се превенираат, но и покрај овие статистики, 19-21% од светската возрасна популација се пушачи. Студиите покажуваат дека 80% од пушачите би сакале да се откажат од пушењето, но само 5 од 10 (55,4%) адултни пушачи во 2015 год. престанале да пушат барем 1 ден, а 4 од 10 (45,5%) од средношколци пушачи. Секоја година милиони пушачи се обидуваат да престанат да пушат, а само 10% од нив успеваат во тоа, а помалку од 5% можат тоа сами да го постигнат.

Влијанието на никотинот врз организмот

Димот од цигарите е мешавина на 7000 хемикалии од кои стотина се штетни по човековото здравје, а околу 70 се канцерогени. Но, само една од нив е одговорна за зависнота на човекот кон цигарите, а тоа е никотинот. Тој е причината што и покрај тоа што знаете и чувствувате што пушењето ви прави, вие и понатаму продолжувате да пушите. Вашето тело станува фи- зички и психолошки зависно од никотинот. Се смета дека никотинската зависност е посилна и од онаа кон хероинот. Кога ќе го инхалирате димот од запалената цигара, никотинот навлегува длабоко во вашите бели дробови, се апсорбира во крвта и преку неа се пренесува до срцето, мозокот, црниот дроб и слезенката, но и до сите други ваши органи. Никотинот влијае врз работата на многу делови на вашиот организам, вклучително срцето и крвните садови, хормонскиот систем, метаболизмот и мозокот. Него го има секаде, дури и во мајчиното млеко и секретот од половите органи. Никотинот ја поминува плацентата и може да се најде и во плодовата вода и во крвта од папчаните крвни садови на вашето сè уште неродено дете. По последната испушена цигара тој се задржува во вашето тело 3-4 дена. Во мозокот се врзува за рецепторите на до- памин и воедно стимулира допаминско ослободување, а допаминот е супстанца што е одговорна за нашето чувство на задоволство. Сега ви е јасно зошто е тешко да се откажете од пушењето. Кој е тој кој ќе се откаже од нешто што му дава чувство на задоволство и мир?

Повеќе цигари за поголемо задоволство

Ефектите на никотинот се краткотрајни, околу 40 минути до неколку часа, поради што имате потреба во тек на денот периодично да палите цигара за да може да бидете дозирани со никотин. На ефектите на никотинот лесно може да станете толерантни па за да го добиете неговиот ефект, односно чувството на задоволство, мора да го зголемувате бројот на испушени цигари до достигнување на она количество никотин што ќе ви го врати пријатното чувство и релаксираност. Па затоа не чудете се ако од неколку цигари на ден дојдете до една кутија, па дури и повеќе. Кога мозокот ќе го добие бараното количество никотин тогаш ќе пушите онолку цигари колку што ќе треба тоа ниво да се одржува. Не залажувајте се дека потенката цигара или онаа со помалку никотин ќе го излаже мозокот, сепак, тој не ја контролира ситуацијата сè додека вие не кажете СТОЈ, вака не може повеќе!

План – почнете од овој понеделник

Кога веќе сте подготвени да се откажете од пушењето, се прави друг план и се одредува вашиот понеделник. Центрите за откажување од пушење во САД дошле до сознание дека денот од неделата кога пушачите решаваат да престанат да пушат речиси секогаш е понеделник. Тогаш сте на стартната позиција за маратонско трчање бидејќи откажувањето од цигари е исто како да трчате маратон. Маратонот го трча поединецот, но не се трча сам, па и во откажувањето од пушењето подобро е маратонот да го трчате со наша помош бидејќи повеќе маратонци доаѓаат до целта во споредба со 3-6% кои тоа го постигнуваат трчајќи сами. Тоа самооткажување од пушењето се вика ,,ладна мисирка“ бидејќи за да испечете мисирка не ви треба многу подготовка. Значи кога ќе го одредите вашиот понеделник престанувате одеднаш да пушите цигари или одите по принцип да го намалите нивниот број постепено, да не ја допушувате цигарата до филтер, да пушите по два-три дима па да ја изгасите. Ако се решите да се откажете, научно е докажано дека овој начин е помалку успешен, особено ако пушите повеќе од 10 цигари на ден и ако првата цигара наутро ја палите во првите 30 минути по будење. Другиот начин да се откажете е, покрај вашата решеност, да искористите и помош од пулмо-алерголог, и психолошка но и медикаментозна, бидејќи престанокот на пушењето бара совладување и на физиолошката, но и на психолошката компонента на никотинска зависност која со наша помош и медикамнетозна поддршка поедноставно ќе биде постигната. Но, таканаречениот емоционален ролеркостер мора да го помине секој пушач во тек на откажувањето од пушење.

Симптоми на апстиненција

Симптомите на апстиненција се јавуваат во првите 30 минути по последната испушена цигара. Прв симптом е желбата за нова цигара бидејќи мозокот си ја бара својата никотинска доза. По него следи чувство на бес, анксиозност, иритабилност и намалена ментална активност. Овие симптоми се максимални од третиот до петтиот ден по последната цигара и по- тоа нивната јачина почнува да се намалува бидејќи веќе 3. ден телото го елиминира целиот никотин од последната испушена цигара. Во првата недела има и симптоми како главоболка, вртоглавица, запек, зголемен апетит, замор, несоница и болки во стомакот, а одреден дел може да се јави и кашлица со слуз и стегање во градите. Најтешка е првата недела, особено 2. и 3. ден. Во наредните 2-4 недели се губи несоницата, се враќаат енергијата, чувството на мирис и вкус, апетитот се враќа во нормала, а стомачните тегоби на мачнина, нагонот на повраќање, болките во стомакот и опстипацијата исчезнуваат. Најпосле, по 4-6 недели се губат и респираторните тегоби, престанувате да кашлате, нема слуз, нема стегање во градите, дишете слободно, „со полни гради“. Ако ги поминете првите 8 недели и не запалите цигара, тогаш секој ден сте поблиску до целта да бидете бивш пушач. Но, за жал, никотинската носталгија останува вечна. Па и по повеќе месеци и години таа ќе се јави во дадени моменти, краткотрајно по 30-ина секунди, и ако ги издржите тогаш повторно ќе биде само ваша никотинска носталгија, но студиите покажале дека 88% испитаници кои повлекле само еден дим повторно се вратиле на пушачката навика, и тоа втората цигара ја запалиле 9 дена подоцна, а по 6 недели повторно биле пушачи.

Никогаш не е доцна да се откажете од пушењето иако бенефитот е најголем ако тоа го сторите до 30. година, но кога и да се откажете само можете да биде во добивка. Не разочарувајте се ако не успеете од првпат. Обично тие кои се обидуваат повеќепати почесто и успеваат, стануваат и остануваат бивши пушачи. На вас останува само да решите дали следниот понеделник ќе биде вашиот понеделник, а јас ќе бидам вашиот личен тренер кој ќе ви помогне да го истрчате маратонот и среќни да стигнете до целта!