/Акни во бременост

Акни во бременост

Сподели

Појавата на акни е еден од најчестите проблеми со кожата во текот на бременоста. Најновите студии покажуваат дека речиси секоја втора трудница има проблеми со акни на лицето од различен степен, а понекогаш тие може да направат и лузни на лицето. За среќа, современата медицина нуди можности за решавање на овој проблем

 

Акните кај трудниците се појавуваат поради зголемено ниво на хормони во првото тримесечје од бременоста и значително влијаат на зголемување на маснотијата на кожата (поради иницијација на лојните жлезди). Жените кои на тинејџерска возраст имале проблеми со акни се соочуваат со зголемен ризик од нивно појавување и во бременоста. Но доколку акните не се појават во првите 3 месеци се намалува веројатноста за нивно појавување подоцна. Кај оние трудници кои претходно немале проблеми со акни, понекогаш бременоста може да ги предизвика, што укажува на непредвидливоста на овој проблем.

Третман

Повеќето лекови кои се користат во лекувањето на акните (особено оние кои се користат кај потешките форми) се забранети за користење во бременоста, поради тератогениот ефект, односно можноста сериозно да му наштетат на плодот. Во однос на локалниот третман постојат препарати кои се дозволени за трудниците и помагаат кај полесните форми. Секако, во однос на терапијата задолжително се препорачува консултација со дерматолог. Добрата вест е дека познавајќи ја основната причина за појавата на акните т.е хормонскиот дисбаланс, се очекува со стабилизирање на хормоните да дојде до повлекување на акните.

Совет

Како наједноставно решение се препорачува чистење на лицето два пати на ден со средства врз база на вода кои не се агресивни. Користете еднократни памучни гази. Нанесувајте хидратантен крем и избегнувајте тешка козметика која ги затвора порите. Бидете внимателни и во однос на исхраната, консумирајте храна богата со вода и која е квалитетна за вашето здравје, а со тоа и на бебето. Кожата ќе ви биде благодарна за тоа.