/НАРУШУВАЊАТА НА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА И НИВНОТО ВЛИЈАНИЕ ВO ТЕКОТ НА БРЕМЕНОСТА

НАРУШУВАЊАТА НА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА И НИВНОТО ВЛИЈАНИЕ ВO ТЕКОТ НА БРЕМЕНОСТА

Сподели

Меѓународната недела за подигнување на свесноста за заболувања на тироидната жлезда се одбележува секоја година во периодот од 25 до 31 мај. За влијанието на тироидната жлезда врз здравјето на мајката и на бебето и како да се подобри состојбата кај нив препораки и совети упатува м-р д-р Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Кои се дилемитe со кои „новите мајкисе соочуваат при првиот контакт со Вас за нарушувањата на тироидната жлезда?

Се претпоставува дека околу 5% од бремените жени развиваат тироидно заболување, најчесто хипотиреоза, додека, пак, 7% од новите мајки кои никогаш немале претходно заболување може да развијат проблеми со тироидната жлезда во текот на првата година по раѓањето на нивното бебе. Нормално е „новите“ мајки да бидат загрижени, пред сè за своите најмили поаѓајќи од фактот дека заболувањето може да се пренесе и на новороденчето. Па првото прашање што го поставуваат е како можат да бидат сигурни дека нивното бебе е здраво, односно нема проблеми со тироидната жлезда. Малкумина знаат дека во нашата држава постои таканаречен национален скрининг на новороденчиња за тироидни заболувања и кај истите се зема крв за иследување на тиреостимулирачкиот хормон (TSH) во првите неколку дена од породувањето. Така што, малку е веројатно дека ќе се направи пропуст кај некое бебе. Доколку со скринингот се утврди постоење на заболување (најчесто конгенитална хипотиреоза) веднаш се започнува со лекување.

Што претставува конгениталната хипотиреоза?

Конгениталната хипотиреоза значи постоење на нарушување на тироидната функција при раѓањето, без оглед дали постојат присутни знаци за нарушување или тие подоцна ќе се манифестираат. Тироидните абнормалности се меѓу најчестите ендокрини нарушувања кај новороденчињата и иако битно не ја зголемуваат смртноста, ги нарушуваат растот и развојот на голем дел од тие деца доколку навремено не се откријат и не се лекуваат. Преваленцата е околу 1:3000 до 4000 новородени деца, но ова бројка секоја година варира во зависност од географските и етничките фактори.

На кој начин се спроведува дијагностиката на тироидните заболувања кај мајката и бремените жени, колку е истата сигурна?

Дијагностиката на тироидните заболувања кај мајките и бремените жени опфаќа клинички преглед, ултрасонографија на тироидната жлезда, изработка на лабораторија со тироидни хормони: слободен тироксин (FT4), слободен тријодтиронин (FT3), тиреостимулирачкиот хормони (TSH), како и тироидните aнтипероксидазни антитела (аTPO) и антитиреоглобулински антитела (aTG). Доколку има структурни нарушувања на тироидната жлезда во смисла на појава на нодуси (или познати уште како јазли на тироидната жлезда) или цисти тогаш се проширува дијагностиката и со изведување на тенкоиглена биопсија под контрола на ултразвук (ФНАБ). Во период на бременост или доење не се изведува една од дијагностичките процедури, а тоа е скенирањето на тироидната жлезда поради користење на радиоактивен материјал. Сите останати горенаведени иследувања се апсолутно безбедни и многу сигурни методи.

Колку е значаен раниот почеток на третманот на тироидните заболувања во текот и по бременоста?

Раната дијагноза и лекувањето на тироидниот дефицит се од пресудно значење за судбината на бебињата. Поради тоа, од пред 30-тина години во сите развиени, па и помалку развиени држави се спроведува скринингот за рано откривање на овие состојби. Правилното и организирано спроведување на овие програми е голема придобивка во превенцијата на тешки здравствени и социјални растројства, кои многу би го чинеле општеството во целина, како и засегнатите фамилии поединечно. Според оценките на Светската здравствена организација, јодниот дефицит денеска е еден од најсериозните здравствени проблеми во светот. Во услови на ризик од јодниот дефицит живеат речиси две милијарди луѓе, односно една третина од популацијата. Над 700 милиони имаат струма, а над 5 милиони се болни од кретенизам како последица на јодниот дефицит во време на гравидитетот, а не навремено дијагностициран по породувањето. Терминот јоден дефицит (iodine deficiency disorders, IDD) се користи за да се означат сите последици од јодниот дефицит на растот и развојот, особено на мозокот. Овие последици можат да се манифестираат во различни фази на животот: за време на бременоста и непосредно по раѓањето, во детството и адолесценцијата, како и кај возрасните. Последиците од јодниот дефицит за време на бременоста и непосредно по раѓањето се абортус, мртвородено дете, вродени аномалии, оштетување на слухот и говорот, зголемена смртност на новороденото, психомоторни дефекти, како и ментална ретардација од различен степен, па се до кретенизам.

Што подразбира контролата врз нарушената функција на тироидната жлезда, кои совети ги давате на Вашите пациенти?

Редовните контроли на пациентките (мајките, бебињата) се исклучително битни доколку сакаме да имаме здраво бебе, како и здрава мајка. На почетокот од лекувањето односно по поставувањето на дијагнозата, контролите се почести односно се прават се додека не се постигне идеален баланс на тироидните хормони (со давање на супституција со тироидни хормони, односно лекувањето со познатиот лек Еутирокс, а поретко и со лекот Тирозол кој се користи за хипертиреози), за да подоцна контролите кај пациентите со хипотиреоза се прават на секои 6 месеци. Постојат одредeни вредности за хормоните за кои стриктно се придржуваме, како на пример вредноста на TSH во текот на бременоста да не надмине  >2.5, и поради тоа бараме контролите да бидат почести.

Советите се речиси исти за сите пациентки а тоа е да имаат доверба во нас лекарите, да се придржуваат до нашите препораки и доколку навистина е потребно лекување да не го одложуваат истото бидејќи последиците можат да бидат многу сериозни. Ги советуваме да не чекаат одговори и препораки по порталите и социјалните мрежи туку да се јават кај нас, да ги постават сите прашања што ги имаат и да добијат вистински и валидни одговори базирани на докази. Да не земаат на своја рака разни суплементи или народни лекови (на пример ликер од  млади ореви) кои можат да ја влошат состојбата или да предизвикаат штета.