/3 совети за безбедни денови на сонце со вашето новороденче

3 совети за безбедни денови на сонце со вашето новороденче

Сподели

Наближувањето на летото буди пријатни чувства асоцирани од долгите сончеви денови, релаксираност, море, плажа, пријатни мигови поминати надвор. Сепак, што е со оние семејства што имаат новороденчиња или многу млади доечиња? Дали и колку е безбедно изложување на оваа популација на сонце?
Повеќето педијатри ќе ве советуваат да не ги изложувате вашите новороденчиња на сончевото влијание во текот на летото и тоа би било сосема точно од медицинска гледна точка, но секако не е и многу практично. Затоа ако, сепак, се одлучите да поминете извесен период надвор со вашиот најмлад член на семејството, потребно е да знаете неколку работи поврзани со сончањето, кожата на вашето бебе и нејзината заштита.

1. Изгореници

Изгорениците се јавуваат при изложеност на сончеви зраци – УВ радијација. Најчесто не се манифестни веднаш, што ве залажува дека на вашето бебе му е пријатно на сонце. Се јавуваат неколку часа подоцна и може да се манифестираат со црвенило, болка, оток, затегнатост на кожата, па дури и појава на пликови.

Третман: Секако прво треба да го тргнете од директното влијание на сонцето. Доколку кожата е црвена и затегната потребно е да ставаат ладни облоги во текот на денот, а потоа да се нанесе хидратантна крема. Ако изгорениците се од потежок степен, контактирајте го вашиот педијатар.

2. Совети за безбедно сончање

– Новороденчето и младото доенче до 6 месеци не ги изложувајте на директно сончево влијание.

– Ако, сепак, сте одлучиле да излезете надвор, избегнувајте го сончевото влијание меѓу 11-16ч.

– Најдобро е да го чувате вашето бебе под природна сенка или користете чадори за сонце.

– Облечете го во памучна лесна облека во светли бои, по можност да биде покриена поголема површина на телото.

– Почесто поите го со течности (доење, млеко по формула или кај постарите доенчиња – бистри сокови и вода)

– Повеќето педијатри не препорачуваат употреба на заштитни креми за сончање до 6-месечна возраст. Кај постарите доенчиња, употребувајте крема за сончање соодветна за деца (кремата треба да штити од УВА и УВБ зраците, да биде водоотпорна, хипоалергена и да има висок заштитен фактор)

3. Витамин Д

Сепак, да не заборавиме дека без сонце нема живот. Тоа е извор на енергија. Едно од позитивните влијанија на сончевите зраци врз организмот е поттикнување на синтеза на витаминот Д во кожата. За создавање на Д-витаминот доволно е десетминутно изложување на сонце трипати во една недела. На крај да потсетиме дека антирахитичната профилакса со витамин Д треба да биде континуирана во текот на целата прва година од животот на вашето дете независно од годишното време

Добро е да знаете…

– Кожата на новороденчето е тенка, нежна, чувствителна и посебно вулнерабилна.

– Новороденчињата имаат поголема кожна површина во однос на целокупниот волумен на телото за разлика од возрасните (поголема можност за оддавање течности – дехидрација) и зголемена способност за апсорпција на сончеви зраци, (апликативни креми…)

– Природниот механизам за заштита на кожата од сончевите зраци не е целосно развиен.

– Изложување на новороденчето 15-20 минути на директно сончево влијание може да предизвика изгореници и дехидратација.

– Оштетувањето на кожата од сонцето има кумулативен ефект, 80% од периодот на изложеност на сонце за време на животниот век е во текот на детството. Изгорениците во раното детство ја зголемуваат можноста за појава на рак на кожата подоцна во животот.