/D-димери во бременост

D-димери во бременост

Сподели

Во текот на нормална бременост постои зголемен ризик од крвавење и тромбоза. Ризикот од крвавење е повисок во периодот околу и по породувањето, а ризикот од тромбоза е зголемен во текот на целата бременост, особено по породувањето. Со самата бременост доаѓа до промени во системот на згрутчување на крвта и настанува т. н. хиперкоагулабилна состојба, односно склоност кон тромбоза. Тоа е нормален заштитен механизам со цел намалување на ризикот од крвавење, особено во тек и по породување. Но, доколку ваквата состојба е комбинирана со дополнителни хи перкоагулабилни состојби, ризикот од тромбоза или емболија се потенцира и може сериозно да го загрози текот и резултатот од бременоста.

Што е D-димер?

D-димер е мал протеински фрагмент од системот за згрутчување на крвта, систем за коагулација- хемостаза. Спаѓа во групата на т. н. фибриндеградациони продукти, односно продукти кои настануваат по процесот на фибринолиза при разградување на претходно формиран крвен тромб. Содржи два т. н. D-фрагменти од фибрин поврзани со вкрстена врска, па оттука потекнува и името D-димер. За првпат е опишан во 70-тите години, а од 90-тите години е воведен во лабораториска пракса. Д-р Корнелија Трајкова, гинеколог-акушер, објаснува дека концентрацијата на D-димери се утврдува со лабораториска анализа на примерок од крв.

Проценка на ризикот пред бременост

Уште пред планирана бременост или на почеток на бременоста треба да се направи анализа на евентуално постоење на вродена или стекната склоност кон тромбоза, како и заболувања или компликации од претходни бремености. Ваквите состојби се ризик фактори за нарушено формирање на постелката уште во рана бременост, а потоа и за нарушена функцијата со тромбоза во постелката, што води до застој во растот на плодот, а во најтешки случаи и до фетална смрт. Хиперкоагулабилната состојба е во корелација со заболувања во бременоста кои се карактеризираат со покачен крвен притисок, предвремено одлепување на нормално всадена постелка – абрупција, како и со најтешките компликации како длабоката венска тромбоза и пулмонална тромбемболија.

Различни вредности во различни периоди од бременоста

Покачените вредности на факторите за активирање на коагулација и активирање на фибринолитичкиот систем, како што се D-димерите, укажуваат на зголемено разградување на формирани тромби во текот на бременоста. Но, треба да се има предвид дека и некомплицирана бременост кај здрави жени е придружена со значително зголемување и прогресивен раст на вредноста на D-димерите. Нормалните вредности на D-димери се различни за различни периоди од бременоста.

Што открива вредноста D-димери во бременост?

Тестирањето на D-димери во бременост може да биде корисно за дијагноза на венска тромбемболија или компликации поврзани со бременоста и за следење на антитромботичниот третман. Но, секогаш треба најпрво да се направи анализа на ризикфакторите, добра клиничка проценка, а потоа проценка за потребата од анализа на факторите на коагулација вклучително и D-димери.