Почетна » Блог » Бременост и новороденчиња » Фетална ехокардиографија  – скрининг за најрано откривање срцеви аномалии кај фетусот

Фетална ехокардиографија  – скрининг за најрано откривање срцеви аномалии кај фетусот

Сподели

Ако порано се сметало дека фетална ехокардиографија треба да се направи кај трудници кај кои постојат ризик-фактори за можна срцева аномалија на фетусот, денес статистичките податоци од бројни референтни кардиолошки и кардиохируршки центри во Европа и Америка укажуваат дека порастот на срцевите аномалии е во тренд и тоа кај здрави трудници кои имаат нормална бременост без никаков ризик. Оттаму, феталната ехокардиографија денес се препорачува како рутински скрининг за секоја бремена жена.

Д-р Драшко Димески, педијатар-кардиолог, објаснува дека феталната ехокардиографија претставува ехо-дијагностика која е дел од пренаталната дијагностика во гинекологијата и метода која најрано открива евентуално постоење на вродени срцеви аномалии на фетусот и проблеми во ритамот на срцето на фетусот. Феталната ехокардиографија ги користи стандардните ехокардиографски техники: еднодимензионалната, 2Д, 3Д и 4Д доплер-техника вклучувајќи го и колор-доплерот. Кај трудници со високоризична бременост скринингот се прави во 15-16 гестациска недела и се изведува трансвагинално. Кај трудници каде не се очекува одреден ризик, стандардна рутинска метода се изведува трансабдоминално од 19. до 24. недела како прв скрининг и вториот контролен скрининг околу 28-29 недела.

Голем број родители не знаат дека застапеноста на вродените срцеви аномалии e од 6 до 8 на 1000 живородени новороденчиња. Статистичките податоци, пак, добиени од референтни центри кои се занимаваат со фетална ехокардиографија покажуваат дека застапеноста на вродените срцеви аномалии е поголема од 6-8 на 1000 новородени.

Зошто е важно да се изведе првиот преглед помеѓу 19-24 недела?

„Овој период е најдобар во однос на самиот фетус, неговата возраст, просторот кој го има во матката кој му дозволува слободно движење со што ни дава подобар приказ на сите анатомски структури на срцето“, вели д-р Димески

Рано откриената срцева аномалија предуслов за успешен третман

Овој скрининг има многу предности меѓу кои: најрано откривање вродени срцеви мани, информирање на родителите за состојбата на феталното срце кај плодот, планирање на времето и местото на раѓање блиску до кардиохируршки центар доколку фетусот е носител на ВСМ, можна терапија кај феталните срцеви аритмии, можно прекинување на бременоста кај комплексните кардиопатии асоцирани со генетски нарушувања, овозможување на научни сознанија за развојот и текот на ВСМ и перспективна фетална интервентна кардиологија и кардиохирургија.

Најнови трендови во кардиохируршки третман на вродените срцеви аномалии

Денешните ставови на референтните центри кои се занимаваат со детска кардиохирургија се фокусирани на пренаталната дијагностика на срцевите аномалии. Кога се знае дијагнозата и кога се очекува новороденото да се роди со срцева аномалија, кардиохирурзите инсистираат хируршкиот третман да биде реализиран што побрзо од едноставна причина што нивните резултати од хируршки аспект се подобри и новородените имаат подобар квалитет на живот во однос на оние кај кои хируршкиот третман се направил откако е дијагностицирана аномалијата извесен период по раѓањето. За да се реализира оваа постапка, кардиохирурзите инсистираат на транспорт (In utero), што подразбира породувањето на трудницата да биде во близина на референтен кардиохируршки центар. Ваквиот пристап на третирање на вродените срцеви аномалии останува императив за детската кардиохирургија.

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ секоја трудница има можност да направи фетална ехокардиографија како дел од задолжителните скрининзи. Како дел од концептот Acibadem Sistina BABY, родилките кои направиле фетална ехокардиографија за време на бременоста, добиваат бесплатен кардиолошки скрининг на новороденчето по раѓањето.

Најди доктор Закажи преглед Контакт