Почетна » Блог » Бременост и новороденчиња » НЕМА ЗГОЛЕМЕН РИЗИК ЗА ТРУДНИЦИТЕ ОД КОРОНАВИРУС, ДОЕЊЕТО ДА НЕ СЕ ПРЕКИНУВА

НЕМА ЗГОЛЕМЕН РИЗИК ЗА ТРУДНИЦИТЕ ОД КОРОНАВИРУС, ДОЕЊЕТО ДА НЕ СЕ ПРЕКИНУВА

Сподели

Идните родители исправени пред најодговорната улога во животот во услови кога во светот е прогласена пандемија на коронавирус се соочуваат со низа прашања поврзани како со самата бременост, така и со грижата за новороденчето по неговото пристигнување на свет. Гинеколозите потенцираат дека досега не постојат докази дека бремените жени се во поголем ризик да развијат потешка болест отколку останатата популација. Меѓутоа, трудниците кои имаат и други здравствени проблеми, особено тие со хронични заболувања на респираторниот систем, висок крвен притисок или дијабетес, имаат поголем ризик да заболат од Ковид-19. Д-р Ана Кацарска, гинеколог-акушер од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, советува трудниците строго да се придржуваат до мерките на заштита од коронавирусот, притоа нагласувајќи ја важноста од редовните гинеколошки прегледи, кои се клучни за правилен развој на плодот.

Од почетокот на корона-кризата во „Аџибадем Систина“ родени над 280 бебиња

Гинеколошките ординации во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ работат секојдневно, а за итни случаи 24/7 функционира и ургентниот центар кој нуди можност за гинеколошки преглед во секое време.  Во услови на коронавирус во земјава, болницата бележи зголемување на бројот на породувања, од крајот на февруари до сега на Одделот за гинекологија и акушерство на свет се донесени над 280 бебиња.

„Трудните пациентки се наоѓаат во ранлива категорија поради фактот дека некои вирусни инфекции се со полош исход кај оваа група пациенти. Според доказите со кои се располага до сега тоа не е случај и со вирусот Sars-CoV-2. Во истражувањата направени до сега на глобално ниво, трудниците во најголем процент се негативни на овој вирус, а од позитивните пациентки само 1-2% појавуваат симптоми на болеста Ковид-19. Сепак, најважната работа за бремените жени во моментот е да ги почитуваат мерките и препораките дадени од Министерсвото за здравство, кои подразбираат редовно миење раце и користење средства за дезинфекција кои содржат 70% алкохол, избегнување собири во помали или поголеми групи, да работат од дома доколку тоа е возможно, како и да одбегнуваат контакти со луѓе кои се сомнителни за коронавирус“, посочува д-р Кацарска.

Породувањата во „Аџибадем Систина“ се целосно безбедни

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ породувањата се изведуваат како и досега. Трудницата и новороденчето се целосно заштитени и безбедни, исто како и докторите и медицинскиот персонал кои ги вршат породувањата.

Д-р Ана Кацарска вели дека за чинот на породување многу е важно дали се работи за пациентка која е веќе заболена со вирусот или се работи за здрава трудница. Сè уште со сигурност не се знае, дали трудницата може да го пренесе коронавирусот на плодот во тек на породувањето.

„Доколку се работи за пациентка инфицирана со коронавирус и клиничка симптоматологија секако дека тоа подразбира преземање дополнителни мерки и породување под посебни услови како што е соба со негативен притисок, соодветна заштитна опрема и мултидисциплинарен пристап. За самиот процес на породување од исклучително значење е и во каква клиничка состојба се наоѓа пациентката, како и од нејзината претходна здравствена состојба, односно постоењето на некои претходни хронични заболувања. Важна е секако и гестациската старост на плодот, како и состојбата на плодот“, појаснува д-р Кацарска.

Кај пациентките со развиена клиничка слика породувањето најчесто се завршува оперативно во интерес на мајката и плодот. Д-р Кацарска додава дека не постојат докази дека жените кои се породиле се со зголемен ризик да заболат од Ковид-19. Сепак, препорачува породените пациентки редовно да одржуваат лична хигиена и да практикуваат добро избалансирана исхрана, умерена физичка активност и да се придржуваат до мерките на социјално дистанцирање.

Не постојат докази дека Ковид-19 се пренесува преку мајчиното млеко

Бидејќи се работи за нов вирус, до сега не постојат докази дека Ковид-19 може да се пренесе преку млекото, односно до сега коронавирусот не бил пронајден во примероци од плодовата вода или во мајчиното млеко. Гинеколозите укажуваат на бенефитите од доењето, како и од заштитата која ја нуди мајчиното млеко и препорачуваат да не се избегнува доењето.

„Главниот ризик кој постои кај доењето е блискиот контакт помеѓу родилката и новороденчето, доколку мајката се закашла или кивне при што преку респираторните капки би се пренел коронавирусот. Токму затоа неонатолозите и гинеколозите препорачуваат да се мијат рацете пред да се допре бебето, да се носи заштитна маска за време на доењето, како и да се избегнува кашлање или кивање за време на доењето. Се подразбира дека кај пациентките кои се со тешка клиничка форма на болеста доењето не се препорачува“, вели д-р Кацарска.

За време на коронавирусот за секој родител дополнителен предизвик е и како да се спроведува грижата за новороденчето. Д-р Кацарска советува секој што влегува во домот кај новороденчето да одржува максимална лична хигиена, а укажува и на важноста бебето да се храни соодветно и да добива во тежина. Медицинска помош, вели таа, треба да се побара само доколку бебето има температура, е иритабилно или се храни послабо.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт