Почетна » Блог » Бременост и новороденчиња » Престој во NICU што треба да знаете

Престој во NICU што треба да знаете

Сподели

Грижата, негата и лекувањето на предвремено родените бебиња бара големо познавање и искуство на тимот, а пристапот во водењето треба да е мултидисциплинарен. Д-р Симонида Спасевска, педијатар неонатолог, вели дека покрај спасување живот, стабилизација и добра општа состојба, заложбите треба да се насочени и кон психомоторна стимулација и социјализација на овие бебиња. Важна улога во овој процес имаат родителите, а нивната информираност е клучен фактор за доверба и успешен третман. Д-р Спасевска одговара на најчестите прашања на кои родителите на предвремено родените и критично болните бебиња бараат одговор.

Кои новороденчиња се сметаат за критични?

Загрозено или критично болно новороденче е млад организам кој страда рано во текот на интраутериниот развој, при актот на самото раѓање или непосредно по самото раѓање. Тоа е новороденче кое е депримирано, најчесто со ослабено до отсутно дишење, ирегуларна срцева фреквенција и бара интензивен третман примарна реанимација и стабилизација во родилна сала, а потоа лекување на Одделот за неонатална интензивна нега.

Статистички гледано, 6-8% од вкупниот број раѓања можат да завршат како ризични и да го загрозат животот на новороденчето. Најбројна група на загрозени новороденчиња се предвремено родените бебиња (родени пред 37. гестациска недела) и бебиња со мала родилна тежина. Во светски рамки на годишно ниво се раѓаат околу 15 милиони предвремено родени бебиња. Кај 50% од нив причините за предвременото раѓање остануваат непознати.

Кои бебиња имаат потреба од интензивна нега?

Причини кои можат да го доведат новороденчето во состојба на загрозеност и потреба од интензивно лекување се бројни: од страна на мајката (возраст многу млада или повозрасна мајка, постоечки болести покачен крвен притисок, дијабет, долготрајна употреба на лекови, инфекции, повеќеплодна бременост…), од страна на плодот (наследни болести, вродени аномалии…), фактори на околината, проблеми во раниот адаптациски период.

Нивното лекување се одвива во високо специјализирани единици за интензивна нега, опремени по најновите стандарди пропишани за вакви единици кои овозможуваат дијагностика и 24 часовен третман и мониторинг. На Одделот за неонатална интензивна нега во ‘Аџибадем Систина’ се лекуваат критично болни новороденчиња, кои имаат потреба од респираторна и кардиоциркулаторна поддршка, фототерапија, тотална парентерална исхрана. Целокупниот ангажман околу едно загрозено или критично болно новороденче не е насочен само кон спасување на неговиот живот туку и кон намалување на сите ризикфактори кои подоцна би можеле да влијаат врз квалитетот на животот“, вели д-р Спасевска.

Кои се спецификите на предвремено родените бебиња?

Нивната специфичност е во недоволната зрелост на сите анатомски и функционални системи. Клинички овие новороденчиња се многу различни во односот на термински родените како во однос на својата родилна тежина и должина, структурата на кожата, зрелоста на системот на дишење, дигестија, термолабилност.

Кога е потребен престој во инкубатор?

Бебињата кои се предвремено родени имаат помала тежина или имаат потешкотии во адаптацијата имаат потреба од престој во инкубатор. Ваквото згрижување овозможува термонеутрална средина и влажност за новороденчето (пропишани според возраста и актуелната состојба на бебето), кои во периодот на адаптација се многу важни параметри за стабилизација на состојбата. Периодот на престојот во инкубатор е различен и зависи од гестациската старост и тежината на бебето, но и од актуелната клиничка презентација. Во зависност од потребите, во инкубаторот може да се администрира и кислород како поддршка за бебињата кои имаат помали проблеми со дишењето. Преку инкубаторот полесно се следат сите витални функции и може да се спроведува фототерапија.

Како се хранат?

Исхраната кај предвремено родените или бебиња со потешкотии во периодот на адаптација се одвива по протоколи пропишани според возраста, староста и те- жината на бебето и актуелната состојба. Стабилните бебиња најчесто се хранат со сонди (тенки пластични цевчиња) преку кои храната лесно стигнува до желудникот. Овој тип хранење се практикува кај бебиња за кои сметаме дека сè уште немаат развиен рефлекс за цицање и голтање. Многу малите и незрели бебиња, како и оние кои се тешко болни користат тотална парентерална исхрана преку систем на инфузија (балансирана комбинација на аминокиселини, шеќери и масти, адекватни за возраста, староста и тежината на болеста), притоа секојдневно се врши евиденција на калорискиот внес. Но, и оваа категорија бебиња се храни преку уста со минимални дневни количини на соодветно млеко најдобро мајчино доколку го има, со цел стимулација на системот за варење. Доколку мајката сè уште нема млеко, бебињата се хранат со специјални адаптирани формули.

Кога се изедначуваат со своите врсници?

Предвремено родените бебиња своите врсници ги стигнуваат меѓу првата и третата година од животот. Колку брзо едно прематурно бебе ќе ги стигне своите врсници зависи од гестациската недела кога е родено, периодот на адаптација (должина на престој во болница, компликации, респираторна поддршка), психомоторната стимулација и социјалната средина во која расте.

Колку време треба да се следат по заминувањето од болница?

Периодот на следење понекогаш опфаќа и неколку години. Она што посебно се следи кај нив е состојбата на видот, слухот, се прави ехосонографски преглед на мозокот. Многу е важно да се следи и психомоторниот развој во согласност со возраста во развојни советувалишта. Во „Аџибадем Систина“ работи Центарот за рано откривање и третман на пречки во развој. Во овој центар работи мултидисциплинарен тим на развоен педијатар, педијатриски невролог и развоен терапевт кои овозможуваат индивидуален третман со однапред утврден план за работа кој дава успешни резултати.

Најди доктор Закажи преглед Контакт