Почетна » Блог » Бременост и новороденчиња » Причини за предвремено породување

Причини за предвремено породување

Сподели

На светско ниво предвремено родени се околу 10% од бебињата, или од десет деца едно се раѓа предвреме. Предвремено породување значи секое породување што настанало пред комплетна 37. гестациска недела. Процентот на недоносени деца постојано расте, ако пред 10 – 15 години беше околу 7-8%, сега статистиката достигна и до 10%. Стручните лица велат дека на ниво на Македонија тој процент е повисок, околу 12%. Причините за предвремено породување се делат во две групи: причини од страната на мајката и причини од страна на децата.

Причини кои зависат од страната на мајката –  најчесто се работи за постоење хронични болести пред почнување на бременоста – покачен крвен притисок, дијабетес и други хронични болести кои може да доведат до предвремено породување. Некои од тие болести може да се јават и во текот на бременоста, но се ризик-фактор за предвреме да заврши бременоста. Нередовните контроли пред сè може да доведат до пропуштање можна инфекција која може да се јави во урогениталниот тракт и да биде причина за предвремено породување. Потоа една од причините може да бидат и аномалиите на урогениталниот тракт, повеќеплодната бременост најчесто завршува со предвремено породување (придонес дава и ин витро фертилизацијата каде се случува да има повеќе од еден плод ). Секако битни се и условите во кои живее родилката, консумирање алкохол, медикаменти, дрога, пушење цигари, возраста (премлади под 18 години или по 35 година).

Од страна на новороденчето – главен ризик фактор се инфекциите кои може да се пренесат од мајката на бебето и на второ место се вродените аномалии на дигестивниот и кардиоваскуларниот систем.

Совет

Докторите советуваат трудниците да имаат правилен хигиено-диететски режим, рамнотежена исхрана, нормална физичка активност, грижа во текот на бременоста и најважната работа е редовна посета на гинеколог-акушер кој ќе ги направи сите потребни испитувања и ќе ги следи сите параметри кои би укажале на проблем. Редовната гинеколошка грижа и редовните контроли се најдобра превенција, а доколку е потребно треба да се даде и терапија за да се одложи или спречи предвременото породување.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт