/Како да го зачувате црниот дроб

Како да го зачувате црниот дроб

Сподели

Црниот дроб е најголемата лабораторија во човековиот организам, сместен во стомачната празнина под десниот ребрен лак, заштитен со мускулно-скелетни структури. Крвта до него доаѓа од два извора, артериска крв и крв од ,,порталниот крвоток“, преку кој крвта од цревата богата со сите добри и лоши состојки кои сме ги внеле со храната оди на обработка во црниот дроб. Работата на црниот дроб е од суштинско значење за варење на храната и ослободување на телото од токсини.

 Болести на црн дроб

Заболувањата на црниот дроб може да бидат наследни или предизвикани од различни фактори кои го оштетуваат, како вируси и алкохол. Исто така,дебелината е поврзана со оштетување на црниот дроб. Со текот на времето, резултатите од оштетувањето на црниот дроб може да доведат до состојба опасна по животот.

Симптоми кои укажуваат на проблеми со црниот дроб се:

-Се јавува жолтеникава боја на кожата и очите

– Абдоминална болка и оток

-Оток во нозете и глуждовите

-Чешање на кожата, темна боја на урина

-Столица со бледа боја или крвава

-Хроничен замор, гадење и повраќање, губење апетит

Причини

Болестите на црниот дроб може да бидат последица на многу фактори меѓу кои:

Инфекција. Паразити и вируси може да предизвикаат воспаление на црниот дроб и да ја намалат функцијата. Вирусите кои го оштетуваат црниот дроб може да се пренесат преку крв, сексуален однос, контаминирана храна или вода и близок контакт со лице кое е инфицирано: Најчести инфекции се хепатитиaс А, Б и Ц.

Автоимуни заболувања. Болести каде имунолошкиот систем ги напаѓа одредени делови на нашето тело може да влијаат и на црниот дроб. Пример за автоимуни заболувања кои може да го оштетат црниот дроб се: автоимун хепатитис, примарна билијарна цироза, примарен склерозирачки холангитис.

Канцер. Неколку видови на канцер може да се јават во црниот дроб. Најчестиот вид  канцер на црниот дроб е хепатоцелуларен карцином, кој започнува во клетките на црниот дроб (хепатоцитите).

Метастатски карцином. Црниот дроб е органот во кој најчесто метастазираат малигните тумори на дебелото црево и ректумот, но и карцинoми кои потекнуваат од други органи. Околу 25% од пациентите со карцином на дебелото црево во моментот на откривање на болеста имаат и метастази во црниот дроб, останатите 25% ќе добијат метастази во црниот дрб во следните 3 години. За разлика од метастазите од другите гастроинтестинални тумори, оние кои потекнуват од дебелото црево се јавуваат како единечни промени или неколку на број, што овозможува нивно хируршко отстранување.  За жал,  само  20-30% од пациентите кои имаат метастатски промени може да се лекуваат со хируршка интервенција.

Други. Црниот дроб го оштетува и хронична злоупотреба на алкохол, како и таложење на мастите во црниот дроб.

Дијагноза

Дијагнозата и степенот на оштетување на црниот дроб се клучни за соодветен третман. Најчести дијагностички постапки се лабораториски анализи со кои се проценува функцијата на црниот дроб. Исто така, се препорачува да се направи ктомографија, магнетна резонанца или ехо на абдомен со кои може да се дијагностицираат оштетувањата на црниот дроб. Во дијагностицирањето на болеститесе препорачува и биопсија, каде со тенка игла се зема примерок од ткивото на црниот дроб, кој потоа се анализира во лабораторија.

Како да го зачувате црниот дроб?

Пијте алкохол во умерени количини.

Избегнете ризично однесување. Користете заштита за време на сексуален однос. Доколку сакате да се тетовирате или да ставате пирсинг, одберете салон за кој сте сигурни дека хигиената и безбедноста е на високо ниво.

Мудро пијте лекови. Пијте лекови кои ви ги препишал доктор. Не мешајте алкохол со лекови. Секогаш консултирајте се со вашиот доктор, доколку сакате да земате хербални лекови и истите да ги мешате со редовната терапија.

Заштитите ја вашата кожа. При користење на инсектициди и други токсични материи секогаш носете ракавици, долги ракави и маска.

Одржувајте здрава телесна тежина. Дебелината може да доведе до одредени заболувања во црниот дроб.