/5 совети за превенција на дебелото црево кај лицата под 50 години

5 совети за превенција на дебелото црево кај лицата под 50 години

Сподели

Иако карциномот на дебелото црево генерално не се смета за болест на младата популација, изминативе дваесет години значително е зголемен бројот на регистрирани случаи на светско ниво на возраст помеѓу 20 и 49 години. Возраста не е клучниот фактор за појава на малигна болест, па затоа експертите посочуваат дека секој треба да внимава на своето здравје и да се придржува до советите за водење здрав начин на живот.

Колоноскопијата е златниот стандард за скрининг на дебелото црево кој се препорачува на секој човек над 50-та година. Сè дотогаш внимателно придржувајте се на 5-те најважни совети за превенција на карциномот на дебело црево.

Не игнорирајте ги симптомите

Годините не треба да бидат причина за избегнување и игнорирање на симптомите. Честопати токму тоа е причината за доцното откривање на малигната болест. Анемија, слуз во столицата, чувство на преполнетост, чести дијареи или запек се симптоми кои треба да ве натераат да се обратите на лекар. Не секогаш овие симптоми значат карцином, но, сепак, не оставајте да поминат сами од себе или, што е уште полошо, не чекајте истите да се искомплицираат.

Дознајте ја семејната историја на болести

Од голема важност е да дознаете дали некој во вашето семејство имал карцином или полипи на дебело црево. Кај овие лица, задолжителни се скрининг програми со цел навреме да се открие евентуална полипозна промена на дебелото црево која може да премине во карцином.

Хранете се здраво, вежбајте и оставете ги цигарите

Храна богата со растителни влакна, избегнување црвено месо и сувомеснати производи, редовно вежбање и откажување од цигарите се веќе добро познатите препораки за здрав организам.

Не плашите се да разговарате за вашата состојба

Честопати стравот од лекар, неизвесноста од иследувањето или самата процедура ви ја намалува решителноста да закажете преглед и да разговарате со вашиот лекар. Не плашете се отворено да разговарате со вашиот лекар бидејќи вашата изјава има  голема важност за начинот на дијагностирање и одбирањето методи во одредување на дијагнозата.

Направете колоноскопија доколку ви е препорачана

Доколку вашиот доктор ви препорачал колоноскопија, тогаш има добра причина да ја направите процедурата. Колоноскопијата е безболна и безбедна процедура која дава јасна слика за состојбата на лигавицата на дебелото црево.