/Хируршки третман на црн дроб

Хируршки третман на црн дроб

Сподели

Хирургијата на црниот дроб многу често е единствениот начин за лекување на туморските промени во црнодробното ткиво. Д-р Владимир Аврамовски, дигестивен хирург, објаснува дека поради големината на органот и неговите компензаторни механизми, голем број болести на црниот дроб не даваат симптоми во рана фаза и најчесто неговите промени се детектираат при ултразвучен преглед. За проценка на состојбата и за предоперативна подготовка се користат дополнителни иследувања кои вклучуваат компјутеризирана томографија, магнетна резонанса, биопсија на промената и нејзино патохистолошко иследување, како и евентуално ПЕТ-скен.

Хируршки процедури

Ресекците на црниот дроб (отстранување на поголем или помал дел од црниот дроб) се најчеста хируршка процедура што се изведува кога се работи за туморска промена на црниот дроб. Времетраењето на операцијата е од 2 до 5 часа, а во некои случаи може да трае и подолго. Анестезиолошкиот тим е од извонредно значење во текот на хируршката постапка поради специфичностите на црнодробната хирургија.

Хирургијата на црн дроб се изведува во високо-специјализирани центри

Црниот дроб е голем паренхиматозен орган со богато крвоснабдување и една од неговите главни карактеристики е дека многу крвави при повреда и за време на хируршка интервенција. Поради неговата специфичност и комплексност, секој дигестивен хирург не е стручен да изведува хируршки интервенции на црн дроб. Хирургијата на црниот дроб се работи во високоспецијализирани центри екипирани со медицински персонал и медицинска опрема која е неопходна во овој тип хируршки процедури. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ хирургијата на црниот дроб е рутинска хируршка процедура.

Што по операцијата?

По завршување на операцијата, пациентот следните неколку часа ги минува во собата за постоперативно заздравување или, ако состојбата бара, може да биде сместен во единицата за интензивно лекување. Потоа пациентот се сместува на Одделот за хирургија каде што се започнува со физикална терапија и негово раздвижување уште првиот постопертивен ден, а се започнува и со исхрана преку уста. Болничкото лекување на пациентот трае околу една недела доколку нема постоперативни компликации.

Компликации

Најчесто пациентите немаат постоперативни компликации. Можни се постоперативни крвавења, течење на жолчка (течност што ја продуцира црниот дроб), течење на асцит (воденеста содржина што ја продуцира стомачната обвивка) и др. Понекогаш е потребна реоперација за контрола и решавање на постоперативните компликации. Кај пациенти со други придружни болести или со лоша предоперативна состојба можни се компликации од други органи и системи. Потешкотии или откажување на функционирањето на црниот дроб се случува понекогаш по големи ресекции на црниот дроб. Често овие состојби бараат лекувањето да продолжи во единицата за интензивно лекување со вклучување на специјалисти од други области. По една недела пациентите се враќаат на секојдневните активности. По болничкиот престој, пациентите се веќе подготвени да ги изведуваат секојдневните рутински активности. За подобар квалитет на живот, на пациентите им се препорачува секојдневна физичка активност со прошетки на чист воздух, здрава исхрана и хигиена. Алкохолот е забранет за пациенти кои имаат болести на црниот дроб. Потребни се редовни постоперативни контролни прегледи, а понекогаш лекувањето продолжува со онколошки третман

Болести на црниот дроб што се третираат хируршки

  • Тумори со потекло од црниот дроб
  • Хепатоцелуларен карцином
  • Холангиокарцином
  • Карцином на жолчното ќесе
  • Метастатски туморски промени
  • Метастатски промени од колеректален канцер
  • Неуроендокрини тумори
  • Други метастатски тумори
  • Тумори од бенигна природа
  • Аденоми
  • Фокални нодуларни промени
  • Хемангиоми
  • Ехинококови цисти
  • Цироза на црн дроб