Почетна » Блог » Дигестивно здравје » Колоноскопијата – златен стандард во скринингот на канцер на дебело црево

Колоноскопијата – златен стандард во скринингот на канцер на дебело црево

Сподели

Не земајќи го предвид канцерот на кожа, канцерот на дебелото црево  е третиот најчест карцином кај машката и женската популација. Како и другите видови канцер, доколку рано се открие може да се излекува. Овој вид канцер се јавува како резултат на формирањето на абнормални клетки на ѕидовите на дебелото црево или ректумот.

Канцерот на дебелото црево започнува да се формира во вид на полипи, бенигни израстоци во внатрешната површина на ѕидовите на дебелото црево. Најчестите видови полипи се нарекуваат аденоми и хиперпластични полипи. Тие се појавуваат кога клетките почнуваат погрешно да се развиваат и ја губат способноста да ги обновуваат внатрешните ѕидови на дебелото црево.  Најчесто полипите се бенигни, но некои од нив можат да станат и канцерозни. Раното отстранување на овие полипи може да спречи колоректален канцер.

Ризик фактори за ова заболување кои не можете да ги контролирате се возраста (најмногу од заболените се на возраст над 50 години), појава на полипи или воспаленија на дебелото црево и семејната историја. Од друга страна, постојат и ризик фактори кои можеме да ги контролираме бидејќи не смееме да дозволиме ние самите да бидеме причинители на ова заболување заради некои лоши навики. За таа цел треба да се избегнува нездрава храна, да се внимава на тежината, почесто да се вежба и да се избегнува пушење цигари и прекумерно консумирање алкохолни пијалаци.

Најчесто, овој вид канцер нема предупредувачки знаци, па затоа важно е да се прават испитувања. Колку порано се открие канцерот, толку се поголеми шансите за негово излекување. Кога луѓето забележуваат крв во столицата, имаат постојани болки во стомакот, им се случуваат промени во однесувањето на дебелото црево (запек или дијареа), нагло слабеат без одредена причина или постојано се заморуваат, тоа значи дека болеста прогресирала. Со текот на времето, овие состојби можат да резултираат со тумори кои ќе стануваат сѐ поголеми и потешко ќе можат да се излекуваат.

Погоре рековме дека овој тип канцер се појавува нечујно, и затоа потребни се редовни скрининг тестови. Поради тоа, луѓето над 50-тата година треба да прават колоноскопија. Во оваа процедура се користи мала камера со која се набљудува внатрешноста на ректумот и дебелото црево.

Покрај колоноскопијата, дијагностицирањето на ова заболување денес се врши по пат на неколку современи методи, меѓу кои најпознати се виртуелната колоноскопија (3Д снимка по пат на К/Т скен), зрачење и биопсија, доколку е потребно.

Како и кај другите типови канцер, и кај ова заболување постојат неколку фази. Во првата фаза канцерот го зафаќа единствено внатрешниот ѕид на дебелото црево, додека во последната може да се прошири на многу делови од телото, како што се црниот дроб, белите дробови и коските.

Хируршката интервенција е најчест третман за ова заболување и, за среќа, во последно време, статистиките покажуваат дека стапката на излекување сѐ повеќе и повеќе се зголемува. Доколку канцерот се прошири на другите органи, тогаш хируршката интервенција не е единствена опција, но, сепак, отстранувањето на дополнителните тумори може да ги намали симптомите до одредена мера. Покрај хирургијата, други третмани кои се применуваат против оваа болест се радиотерапијата и  хемотерапијата.

Затоа, навреме заштитете се од сите можни ризици кои можат да резултираат со ова заболување. Бидете постојано активни, пешачете, јадете здрава храна, не дозволувајте енормно да ја зголемувате вашата тежина и не претерувајте со алкохолот и цигарите.

Најди доктор Закажи преглед Контакт