/Кронова болест и улцеративен колитис – болести на современиот живот

Кронова болест и улцеративен колитис – болести на современиот живот

Сподели

Воспалителните цревни заболувања, како улцеративниот колитис и Кроновата болест, се хронични воспаленија на гастроинтестиналниот тракт од непознато потекло. Современиот начин на живот, особено стресот и исхраната, се ризик фактори за појава на овие заболувања кои во некои ситуации можат да бидат и животозагрозувачки. Во продолжение д–р Димитар Трајков, гастроентерохепатолог, ни објаснува повеќе за овие болести.

Што е улцерозен колитис, а што Кронова болест?

Постојат два типа воспалителни цревни заболувања – улцерозен колитис и Кронова болест. Улцерозниот колитис е воспаление на дебелото црево. Кроновата болест може да се појави долж целиот гастроинтестинален тракт, од усната празнина, па сè до аналниот отвор, со најчеста зафатеност на завршниот дел од тенкото црево.

Кои се ризик фактори?

Ризик фактори за воспалителни цревни болести се возраст, раса и етничка припадност, фамилијарна историја, пушење цигари, користење одредени лекови, место на живеење.

Како да ги препознаеме?

Симптомите на овие заболувања варираат и зависат од степенот и тежината на воспалението. Болеста има активна фаза, но и периоди на медикаментозно или спонтано излекување, како и повторно појавување. Најчести симптоми на хроничните воспалителни болести се:

  • Проливасти столици
  • Слабот и изнемоштеност
  • Болки во стомакот и грчеви
  • Крв во столица
  • Губиток на апетит и телесна тежина

Во потешките клинички облици Кроновата болест и улцерозниот колитис се животозагрозувачки состојби за кои е неопходен хоспитален третман.

Како се дијагностицира?

Воспалителните цревни заболувања се дијагностици- раат со ендоскопски методи, најчесто колоноскопија.

Колоноскопија – претставува преглед на дебело црево со краток влез во тенкото црево. Горнодигестивна ендоскопија – преглед на хранопровод, желудник и почетниот дел на тенко црево.

Доколку има сомнение за болеста, се земаат ендоскопски биопсии и се прави патохистолошка потврда на болеста.

Како се лекува?

Лекувањето на овие заболувања зависи од типот на колитисот, неговиот облик, возраста на пациентот, застапеноста на други хронични заболувања. Лекувањето речиси секогаш започнува со медикаментозен третман. Кај потешките облици на болеста, кои не реагираат на конвенционалните и новите биолошки третмани, потребен е хируршки третман. Тој може да е елективен (планиран) и ургентен, кај акутни компликации. Покрај медикаментозниот третман, важен дел во лекувањето е диететски режим, физичката активност, намалувањето на стресот. За пациентите со воспалителните цревни заболувања никогаш не можеме да кажеме со сигурност дека се излекувани.