/При болка во стомакот, не пијте лекови – посетете лекар

При болка во стомакот, не пијте лекови – посетете лекар

Сподели

Кај 80% од случаите воспалението на слепото црево почнува со болка во горниот дел на абдоменот, која по извесен период се спушта во долниот десен квадрант. Д-р Ален Јовчевски, абдоминален хирург, советува доколку имате болка во абдоменот, да се јавите на лекар и да не пиете лекови кои може да го отежнат дијагностицирањето на слепото црево.

Дали постојат карактеристични симптоми на слепо црево?

Акутен апендицитис, воспаление на слепото црево или во народот познат како „напад на слепото црево“, се карактеризира со типична симптоматологија во најголем дел на случаите. Кај повеќе од 80% од пациентите почнува со болка во горниот дел на стомакот која по извесно време мигрира во долниот десен квадрант на стомакот, каде се локализира и постепено, но континуирано се засилува. Абдоменот станува чувствителен при допир, во прво време дифузно, а подоцна осетливоста се локализира илеоцекално. Оваа болка е придружена со општи симптоми како зголемена температура, слабост, изнемоштеност, повраќање, дијареа, болка која се спушта кон десната натколеница, па пациентите често велат дека чувствуваат кочење на десната нога.

Кај деца помали од 2 години воспалението на слепото црево е исклучок поради анатомски специфичности на возраста, додека кај возрасната популација (пациенти над 60 год.) клиничката слика е најчесто атипична.

Дали може да се случи напад на слепо црево и потоа да се смири?

Слепото црево е црвовиден израсток кој е во комуникација со почетниот дел на дебелото црево преку отвор. Кога поради која било причина овој отвор ќе се затвори- затне (со дел од измет, поради оток на слузницата, туѓо тело, цревни паразити, тумор) престанува комуникацијата помеѓу овие две шуплини.

Од тој момент во луменот на слепото црево почнува процес на размножување на бактерии, се создаваат гасови и распадни продукти кои вршат притисок на слузницата и ѕидот на слепото црево во целост, поради што во периодот што следи, изразен во часови, доаѓа до нарушување на микроциркулацијата, се јавува исхемија и промени на ѕидот на апендиксот, кои се манифестираат преку различен степен на воспаление почнувајќи од катарално па сè до гангрена.

Но, доколку причината за настанок на воспалението спонтано се отстрани, те отворот помеѓу дебелото и слепото црево повторно се ослободи и повторно се воспостави комуникација, може да дојде до регресија на локалниот наод, а со тоа и смирување на клиничката слика.

Доколку сè ова што е наведено претходно се случи повеќепати во тек на животот, состојбата се нарекува рекурентен, повторувачки апендицитис.

Како се дијагностицира?

Не секоја болка во стомакот е апендицитис ниту, пак, секоја болка се лекува хируршки.

Дијагнозата на воспаление на слепото црево најчесто се поставува при првиот клинички преглед, но поради динамичката еволуција на заболувањето, понекогаш се потребни неколку едноподруго прегледи на одреден временски интервал. Тоа е оној момент кога хирургот ви кажува „пациентот повеќе не внесува храна и течности, не зема лекови за болка и антибиотици“ и ви закажува повторен преглед за неколку часа. Клиничката слика на заболувањето може да биде изменета при неконтролирано, без дозвола од лекар земање аналгетици и антибиотици, при што доаѓа до задоцнето препознавање и појава на различни компликации.

Дополнение на клиничкиот преглед е ултразвучен преглед на стомакот, КТ на стомакот, како и лабораториски иследувања на примерок од крв.

Зошто велат дека треба да се биде посебно внимателен при дијагностицирање на слепо црево кај девојчињата, за да не се направи пропуст со болка која можеби доаѓа од јајчниците?

Апендиксот има анатомска локализација во десниот долен дел на стомачната шуплина и е во сооднос со повеќе органи, меѓу нив и десниот јајчник.

Случаите на перфорација на слепото црево со перитонитис може да бидат причина за појава на прираслици во стомачната шуплина, што индиректно може да биде причина за стерилитет.

Симптоматологија на апендицитис може да дадат и состојби во гинекологијата како што се: торзија (увртување) на јајчниците окулу васкуларната петелка, ектопичната (вонматерична) бременост, односно бременост која се развива во една од тубите со нејзина перфорација, тубооваријален апсцес и сл., кои исто така се третираат хируршки, но во гинеколошка установа. Понекогаш и малото количество крвав излив при овулација може да имитира клиничка слика за апендицитис, но не е индикација за оперативно лекување.

Што доколку „прсне слепото црево“, кои се компликациите?

Како резултат на перфорација на слепото црево доаѓа до излевање на цревната содржина во околината со појава на воспаление на обвивката на стомачната празнина (перитонеум) – состојба наречена перитонитис, кој може да биде локализиран во ложата на слепото црево или разлеан, генерализиран, дифузен перитонитис.

Првиот најчесто со манифестира со воспалителен тумор во долниот десен квадрант на стомакот, локална болна осетливост, покачена телесна температура и промени во лабораториски наоди, додека дифузниот перитонитис е сериозна животозагрозувачка состојба со појава на знаци за абдоминален дефанс, интоксикација и сепса.

Ретка но можна компликација е пренесување септични емболуси преку венските крвни садови до црниот дроб со појава на апцеси во црниот дроб.

Единствен начин на лекување е хируршки третман

Апендектомија или отстранување на слепото црево е единствен начин на лекување на оваа состојба. Понекогаш, многу ретко, во ситуации кога од одредени причини нема можност за хируршки третман или кога постои апсолутна контраиндикација за оперативно лекување, третманот кај апендицитис е конзервативен, со давање антибиотици.

Пристапот може да биде класичен, со лапаротомија или со хируршко отворање на стомачниот ѕид или лапароскопски, со поставување трокари во ѕидот и преку нив влегување со камера и инструменти во стомачната шуплина. Лапароскопската хирургија има предности, првенствено поради малиот рез, побрза рехабилитација и пократок болнички престој.

Независно од пристапот целта на операцијата е да се отстрани слепото црево и изливот (серозен или гноен) кој се создава при воспалителниот процес. Во зависност од наодот понекогаш се поставува еден или повеќе дренови.

Отстранетиот орган се испраќа на патохистолошка анализа, а примерок од изливот на микробиолошка анализа.

Компликациите на акутниот апендицитис се решаваат пред сè хируршки, во комбинација со медикаментозен третман од добиен антибиограм.