Најважно е пациентите да се дијагностицираат во раната фаза на болеста, каде што самото оперативно лекување и отстранување на дебелото црево кое е заболено од карцином кај голем број пациенти значи трајно излекување, вели проф. д-р Васко Василевски, специјалист по гастроентерохепатологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“
Канцерот на дебело црево е еден од најгалопирачките канцери не само во светот, туку и во Македонија. Заболуваат и луѓе помлади од 50 години. Проф. д-р Васко Василевски, специјалист по гастроентерохепатологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, вели дека најважно е пациентите да се дијагностицираат во раната фаза на болеста, каде што со самото оперативно лекување и отстранување на дебелото црево, кое е заболено од карцином, кај голем број пациенти значи трајно излекување.
Ако до пред една декада се регистрираа 350-400 новозаболени, во последните години во нашата држава имаме и до 600 новозаболени, најчесто откриени во трети и четврти стадиум на болеста. Која е причината што ракот на дебело црево зема толкав замав меѓу населението?
Карцином на дебелото црево сѐ повеќе зема замав. Она што е загрижувачки е што се намалува и старосната граница, па сѐ повеќе млади луѓе заболуваат од оваа подмолна болест. Карциномот на дебелото црево најчесто настанува од полипи кои се јавуваат на слузокожата на дебелото црево, а подоцна се развиваат во канцер, затоа потребно е овие промени навреме да се откријат и да се отстранат.
Кои симптоми можат да предупредат на болеста?
Она што е загрижувачко е што симптомите се јавуваат кога карциномот е во напредната фаза од болеста, а во раната фаза нема клинички знаци. Понекогаш може да се појават: малаксаност, губење на апетитот, губење на телесната тежина и замор, но овие симптоми не се специфични. Типични тегоби за рак на дебелото црево се промените во ритамот на празнењето, запек и, наизменично, пролив, болки во левата половина на стомакот и над срамната коска во форма на грчеви. Но тоа се симптоми на напреднат карцином. Се јавува чувство на недоволна испразнетост, па се јавува потреба од повторно празнење. Ако карциномот е локализиран во долните делови на дебелото црево, се појавува светлоцрвена крв во изметот, понекогаш и во поголемо количество. Лабораториски најчесто се детектира слабокрвност со недостиг на железо и позитивни туморски маркери ( СЕА и СА 19-9 ). Дефинитивна дијагноза на ракот на дебелото црево се поставува со инструментални испитувања, како ректоскопија или колоноскопија со биопсија на промената.
Обично се смета дека ризикот да заболат е поголем кај лицата над 50 години. Колку често се случува да се појават заболени и под оваа возраст и кои се причините? Дали сте забележале намалување на возрасната граница кај новозаболените?
Популација со највисок ризик за развој на карцином на дебелото црево се лица до 40 години, со семејна анамнеза за полипи или рак на дебелото црево, а особено оние со податок за полипи или рак на дебелото црево во првото или второто колено вклучувајќи и полусестра или полубрат. Исклучително важно е да знаат дали близок роднина некогаш е лекуван од канцер на дебело црево или полипи. Во тој случај, со превентивни прегледи треба да почнат многу порано пред 50-тата година.
Колку исхраната и начинот на живот влијаат врз појавата и развојот на болеста? Што е најважно за превенција?
Јадете здраво, вежбајте и престанете со пушење. Во ризик-фактори се и честото внесување црвено месо (свинско, јагнешко, говедско). Исто така, и зголемената телесна тежина. Зголемувањето на индексот на телесна маса за 30 отсто кај мажите го зголемува ризикот за 80 отсто, а кај жените за 50 отсто. Ризикот од канцер на дебело црево се зголемува и со пушењето и алкохолот, вадење на жолчното ќесе, хроничен затвор. Не плашете се да разговарате со вашиот лекар, секој човек мора да биде сериозен кога е во прашање здравјето. За сè консултирајте го вашиот лекар. Доколку забележите крв на тоалетната хартија, не претпоставувајте дека тоа е последица на хемороиди. Веднаш кажете му на вашиот лекар. Тој треба да процени за што всушност се работи.
Кои се опциите за лекување на рак на дебело црево? Дали пациентот може трајно да биде излекуван?
Единствениот начин на лекување на карциномот на дебелото црево е хируршкиот третман, кој некогаш е потпомогнат со дополнително лекување: онколошки третман, зрачна и цитостатска терапија. Целта на лекувањето е да се зголеми процентот на преживување, да се подобри квалитетот на живот и да се намали ризикот од повторно појавување на болеста. Она што е најбитно е пациентите да се дијагностицираат во раната фаза на болеста, каде што со самото оперативно лекување и отстранување на дебелото црево, кое е заболено од карцином, кај голем број пациенти значи трајно излекување.
Колку често треба да се прави колоноскопија? За колку време по првиот преглед пациентот може да добие дијагноза во Клиничката болница „Аџибадем Систина“?
Дијагнозата се поставува веднаш. Кај популација без посебен ризик првиот скриниг-колоноскопија треба да се направи на возраст помеѓу 50-60 години. Кај луѓе со фамилијарни полипози треба да се започне многу порано (околу 10-годишна возраст бидејќи на 20-годишна возраст развиваат карцином). Популација со симптоми на дебело црево пожелно е да направи иницијална колоноскопија.
Извор: Телеграф.мк