Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » ВИТАМИН Д3 СОНЧЕВ ВИТАМИН

ВИТАМИН Д3 СОНЧЕВ ВИТАМИН

Сподели

Витаминот Д3 е познат уште како сончев витамин бидејќи настанува при изложување на кожата на сонце, но може да се пронајде во мали количини и во некои прехранбени продукти. Витамин Д спаѓа во групата секостероиди растворливи во масти, а два најважни облика во кои се јавува се витамин Д2 –ергокалциферол, кој е од растително потекло, и витамин Д3 –холекалциферол, од животинско потекло. Витаминот Д, кој се синтетизира во организмот како последица на изложување на сонце или преку внес на храна, биолошки е инертен, а се активира во телото по одредени хемиски процеси. Д-р Маја Каличанин-Марковска, специјалист по ортопедија, вели дека витаминот Д е многу важен за метаболизмот на калциум и фосфор, бидејќи ја поттикнува ресорпцијата на овие минерали од цревата и овозможува нивно депонирање во коските. Според докторката, тој е неопходен за правилен раст на коските и забите и за добра функција на мускулното и нервното ткиво. Д-р Каличанин-Марковска е децидна дека, сепак, витаминот Д3 има многубројни функции во организмот, а не само да обезбеди здрави коски и мускули!

ЗОШТО НИ Е ПОТРЕБЕН ВИТАМИН Д?

  • Апсорпција и искористување на калциум и фосфор од крвта
  • Спроведување на нервни импулси
  • Коагулација на крвта
  • Правилна работа на срцето и превенција на кардиоваскуларни болести
  • Синтеза на протеин одговорен за апсорпција на калциум во гастроинтестиналниот тракт Повторна апсорпција на калциум во бубрези
  • Правилна работа на имунолошкиот, кардиоваскуларниот, мускулниот и нервниот систем, како и правилна работа на мозокот и панкреасот
  • Нормална минерализација на коските
  • Позитивно дејство и превенција на дијабет тип 1 и 2
  • Превенција на некои карциноми, како карцином на дебело црево, карцином на простата, бешика, дојка
  • Превенција на анксиозност, депресија, Алцхајмерова болест, мултипла склероза и деменција
  • Позитивно дејство во регулација на разни хормони
  • Позитивно дејство на здравјето на кожата и здравјето на усната шуплина

ПРИЧИНИ ЗОШТО СЕ ЈАВУВА НЕДОСТИГ НА ВИТАМИН Д?

Во некои случаи може да се јави недостиг на витаминот Д3 во организмот, а тоа, според д-р Каличанин-Марковска, најчесто се случува кога лицето недоволно се изложува на сончева светлина. Тоа е особено изразено кај луѓе кои живеат во земји со помалку сонце – на пример во Скандинавија, или кај луѓе кои носат долга облека или ја покриваат главата (од верски и други причини) или, пак, не поминуваат време на отворено, односно се административни и канцелариски работници, стари лица, лица со посебни потреби. Важен е и аголот под кој паѓаат сончевите зраци, па има разлика од тоа на колку сонце сме изложени претпладне или попладне. Луѓето кои имаат темна боја на кожата треба повеќе да се изложуваат на сонце затоа што пигментот меланин, кој ѝ дава на нашата кожа потемна боја, го намалува производството на витамин Д. Инаку, зголемена потреба за витамин Д3 имаат бремените жени и доилките, но и оние кои недоволно консумираат храна богата со овој витамин. Ова посебно се однесува на веганите бидејќи не консумираат храна од животинско потекло, која е извор на витамин Д. Д-р Каличанин–Марковска објаснува дека недостиг на овој витамин може да се јави и кај луѓе кои имаат потешкотии во работата на бубрезите – бубрезите се одговорни за претворање на витаминот Д во неговиот активен облик кој може да биде искористен од страна на организмот; за жал, со тек на годините таа функција на бубрезите се намалува, а и акутни и хронични болести на бубрезите ја намалуваат нивната функција. Има и други причини, а тоа се прекумерна телесна тежина затоа што обемното поткожно масно ткиво го заробува витаминот Д во масните клетки, потоа таканаречени грануломатозни болести – туберкулоза, хистоплазмоза, саркоидоза, но недостиг се јавува и кај луѓе кои имаат мала апсорпција на масти или желудечен-цревен бајпас. Потреба од дополнително внесување на витаминот Д3 може да се јави и кај заболени од хипотиреоидизам или кај тие со автоимуни болести – ревматоиден артрит на пример. „Ако постои сомневање за недостиг на витаминот Д3 во организмот, се препорачува да се направи тест за недостиг на витамин Д или темелна проверка на витаминско-минералниот состав во крвта. Концентрацијата на витамин Д се мери преку одредување на нивото на 25-OH D, проактивен облик на витамин Д3. За нормална концентрација се смета ниво 75-125 nmol/l, за лесен недостиг се смета концентрација од 50- 75, а за силен недостиг концентрација под 50 nmol/l. При утврден недостиг на витамин Д многу лесно се надоместува за ½ до 3 месеци со земање додаток на витамин Д, изложување на сонце и земање храна богата со Д3, вели д-р Каличанин–Марковска.

КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕТЕ?

Лицата кај кој се јавува недостигот најчесто се потат претерано и тоа и во нормални температурни услови, а кај децата може да се јави претерано потење во тилот. Исто така, недостигот може да се рефлектира како исцрпеност и слабост, но и нежни или лесно кршливи коски, болки во коските, зглобовите и мускулите, па сè до хронично лошо расположение, умор, поспаност, тага или депресија (серотонинот, хормон одговорен за доброто расположение, е во директна поврзаност со нивото на витамин Д во организмот). Д-р Каличанин потенцира дека некои од показателите се хронично заболување на гингивите, односно парадентоза, висок крвен притисок, прекумерна телесна тежина и дигестивни проблеми. Објаснува дека витаминот Д помага за правилна ресорпција на масти, па недостигот може да доведе до нетолеранција на глутен, инфламаторни болести на цревата, Кронова болест. Недостигот може да предизвика и алергии затоа што има учество во регулација на имуниот систем (астма, алергии на храна, егземи, алергиски ринит, анафилакса). „Затоа витаминот Д е многу важен витамин, а не може да се обезбеди во доволни количини од храната. Неопходно е изложување на сончеви зраци (УВ) зраци бидејќи УВ-зраците делуваат како катализатор за синтеза на прекурзорите на витамин Д3. Со сончање на лицето и рацете од 15 до 45 минути на ден се обезбедува доволна дневна количина на овој витамин, но таа количина зависи од временските услови, загаденост на воздухот, местоположбата на Земјината полутопка т. е. аголот под кој сончевите зраци паѓаат на површината, бојата на кожата“, вели д-р Каличанин–Марковска.

НА СОНЦЕ, АМА ВНИМАТЕЛНО

Луѓето со светла кожа треба да поминат најмалку 15 минути на сонце на ден, тие со средно темна кожа од 25 до 30 минути на ден, а оние со темна кожа и до 45 минути дневно. Важно е, сепак, да се напомене дека често и опасно изложување на сонце, кога нивото на УВ-зраци е многу високо, треба да се избегнува. Луѓето кои имаат висок ризик од настанување на рак на кожа во никој случај не треба да се изложуваат на сончеви зраци без заштита.

ХРАНА БОГАТА СО ВИТАМИН Д

Внесот на витамин Д само преку храна не ги задоволува дневните потреби за витамин Д, но сепак има храна која е доста богата со овој витамин. Тоа е рибиното масло, јајцата, млекото, млечни производи, сина риба, односно (туна, лосос, скуша, сардина, бакалар, харинга), месо (џигер), житарки, печурки кои растат на сонце, но и квасец.

ВИТАМИН Д КАКО СУПЛЕМЕНТ

Суплементацијата на витамин Д се препорачува кај некои состојби и болести како што се автоимуни болести, дијабет, менопауза, старост, мултипла склероза, хипертензија, воспалителни болести на црева, акутни и хронични болести на бубрези и црн дроб, но и психијатриски болести, хипотиреоидизам. Безбедни превентивни, дневни дози се: • 1000 – 1500 ИЕ за бебиња (25-37, 5 mcg) • 1500- 3000 за деца од 1-8 години (или 37, 5 -75 mcg) • 4000 ИЕ (100 mcg) за деца над 9 години и возрасни

Најди доктор Закажи преглед Контакт