/ВЛИЈАНИЕТО НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ВРЗ ЧОВЕКОВОТО ЗДРАВЈЕ

ВЛИЈАНИЕТО НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ВРЗ ЧОВЕКОВОТО ЗДРАВЈЕ

Сподели

Екстремното загадување на воздухот веќе стана хроничен проблем, директно или индиректно сме изложени, а неговиот интензитет е поголем поради греењето и издувните гасови од моторните возила. Изложувањето на загаден воздух може да доведе до намалена функција на белите дробови, респираторни инфекции и влошување на астмата, како и до разни други здравствени проблеми“, вели д-р Оливер Јовковски, специјалист по пулмологија.

 „Загадувањето настанува како последица на човековите активности во животната средина, индустриските, густо населените и сообраќајно прометните области. Има негативен ефект врз животната средина и атмосферата (преку испуштање на штетни гасови), а при неповолни метеоролошки услови може да резултира со катастрофални последици и промена на структурата на атмосферата. Атмосферскиот воздух е смеса од гасови во чиј состав влегуваат: постојани гасови (азот 78,08%, кислород 20,94%, озон, аргон и јаглерод диоксид) и примеси или додатоци (вода, прашина, суспендирани цврсти честички, органски состојки и слично). Врз нивото на загадување влијаат различни фактори, а во извори на загадувачи што ги создаваат луѓето се вбројуваат: ложиштата на куќите, становите и работните простории, автомобилскиот сообраќај, индустријата, термоелектраните, горењето отпад и слично“, објаснува д-р Јовковски.

Секој извор на загадување во атмосферата испушта одредено количество аерозагадувачи или уште попознати како полутанти, а најчести се суспендираните честички, оксидите на јаглерод, лесно испарливите органски материи, оксидите на азот и сулфур. Влијанието на аерозагадувачките материи врз здравјето на населението зависи од нивната концентрација, времето на изложеност и индивидуалната чувствителност на поединците или одредени популациски групи.

Според Меѓународната агенција за истражување на рак (IARC), исто како и Светската здравствена организација, аерозагадувањето, односно ПМ-честичките се прогласени за канцерогени од прво ниво, што значи дека е докажано оти се канцерогени за луѓето.

„Белодробниот карцином е еден од најфаталните видови канцер. Со текот на развојот на индустријата, како гранка почнал и подемот на оваа болест. ПМ-честичките играат голема улога во здобивањето со овој вид карцином, заедно со пушењето цигари. ПМ-честичките се таложат во дишните патишта, додека поголемите честички се исфрлаат од организмот преку кивање, кашлање итн., а помалите продираат во подалечните делови на белите дробови каде што предизвикуваат воспаление на слузницата на дишните патишта. Инфламацијата е основна карактеристика на астмата и ХОББ. Затоа во зима поради користење енергенси од фосилни горива или дрва за затоплување доаѓа до зголемување на концентрацијата на ПМ-честичките во воздухот и тоа доведува до акутно влошување на хроничните белодробни заболувања“, објаснува д-р Јовковски.

Честичките од загадениот воздух, особено помалите честички ПМ2,5, продираат преку алвеолите каде што се одвива размената на гасови во крвотокот и потоа преку циркулаторниот систем пристигнуваат до далечните крвни садови, предизвикувајќи вид воспаление на крвните садови, што директно му штети на срцето, предизвикувајќи атеросклероза, кардиоваскуларно воспаление.

 „Загадувањето може да има и долгорочни и краткотрајни ефекти врз нашиот организам. Зависно од нивото на загаденост и од честичките што ги вдишуваме, нашиот организам може да се здобие со комплекси и болести, а поголемиот дел од нив се сериозни, кои можат да бидат и фатални“, вели д-р Јовковски.

Последици од краткотрајна изложеност на загаден воздух

Како последица на краткотрајната изложеност на загаден воздух, симптомите како што се иритација на слузокожата на очите, носната празнина и грлото, кашлање, стегање во градите и отежнато дишење се јавуваат дури и кај здравите луѓе. Овие симптоми се појавуваат привремено и исчезнуваат кога ќе се подобри квалитетот на воздухот. Проблемот со аерозагадувањето треба да се сфати многу посериозно, бидејќи последиците можат да бидат тешки.  

КОЈА Е КОРЕЛАЦИЈАТА ПОМЕЃУ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ И КАРЦИНОМОТ НА БЕЛИТЕ ДРОБОВИ?

Карциномот кон почетокот на 20 век бил прилично непозната болест. По индустриската револуција, со согорување на јаглен, нафтени дервати итн., исто како и со зголемената комерцијална употреба на тутунот, започнува зголемувањето на бројот на заболени со белодробен карцином. Врз зголемениот број заболени од оваа болест, сигурно влијаат и новите технологии, особено рендген-дијагностиката, со која се детектирало постоењето на белодробен карцином. Поради оваа причина, во позагадените региони во светот, каде што концентрацијата на ПМ-честичките е поголема, почесто е дијагностициран овој карцином и стапката на смртност е поголема, за разлика од други земји каде што стапката на загадување не е толку висока. Дозволената стапка на ПМ2,5 честички во 24 часа е 25 микрони на еден кубен метар, додека кај ПМ10-честичките оваа бројка е 50 микрони на еден кубен метар.

Откривањето на карциномот во почетен стадиум значително ги зголемува шансите за излекување. Скрининг програмата која е редовна пракса во високо развиените земји, е најдобар начин за навремена дијагноза. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со софистицирана компјутерска томографија со која се добива намаленo зрачење и до 40%. На овој апарат е инсталирана специјална програма која овозможува ниски дози на зрачење за безбеден скрининг на белите дробови.

Д-р Јовковски дава неколку препораки за намалување на загадувањето како што се:

  • поретко возење со автомобил, кое може да се замени со јавен превоз или велосипед
  • штедење струја, исклучување светла во простории каде што нема никој
  • замена на фосилните горива, користење алтернативни извори на енергија (биогориво, сончева енергија, хидроенергија)
  • филтрирање фабрики и др.