/НОЌНО МОКРЕЊЕ КАЈ ДЕЦАТА – како полесно да се надмине

НОЌНО МОКРЕЊЕ КАЈ ДЕЦАТА – како полесно да се надмине

Сподели

Ноќното мокрење најчесто се јавува кај деца над 5-годишна возраст и доколку нема и други придружни симптоми, со следење на препораките од стручно лице се надминува без тешкотии. Се смета дека ваквата состојба кај децата се јавува како резултат на дисбаланс, односно нарушување меѓу капацитетот на детрусорот на мочниот меур за време на ноќта и количината на урина што се создава, а резултира со мокрење за време на длабок сон. Поголем број од децата цврсто спијат и тешко се будат. Во текот на ноќта кај нив има зголемено создавање урина како последица на нарушување во ритамот на лачење на еден невропептид – вазопресин кој се лачи во мозокот и кој на ниво на бубрезите ја регулира количината на создадена урина во сон. Д-р Надица Ристоска-Бојковска, педијатар нефролог, објаснува дека од голема важност е рано да се утврди присуството на ноќното мокрење и навремено да се почне со терапија.

Според податоците од светската литература, децата на 5-годишна возраст секое четврто дете има ноќно мокрење. При поаѓање во училиште секое десетто дете има ноќно мокрење, така што на возраст од 10 години 7% од децата го имаат овој проблем. Во адултна возраст 1-2% од децата остануваат со ноќно мокрење.

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА МОКРЕЊЕ ВО СОН

За појавата има повеќе причини, но постои заблуда дека ноќното мокрење е последица на психолошки проблеми или психички профил на детето. Сепак, ако лекувањето не почне навреме, тогаш може да дојде до одредени психолошки, емотивни и социјални проблеми кај личноста. Социјални последици поради ноќно мокрење, кои може да се јават кај децата, се: изолација, страв од активности, спорт, чувство дека се различни од другите, избегнување кампови, училишни екскурзии и пријателства.

ЗА УСПЕХ ВО ЛЕКУВАЊЕТО, ПОТРЕБНА Е НАВРЕМЕНА ДИЈАГНОЗА ОД ПЕДИЈАТАР НЕФРОЛОГ

Започнувањето со терапија кај ноќното мокрење варира од дете до дете. Зависи од тоа дали детето и родителите гледаат на енурезата како проблем и колку се мотивирани за да учествуваат во програмата за лекување. Енурезата станува проблем за децата кога детето почнува да се социјализира со другите деца. Детето треба да е мотивирано за да учествува во третманот што ќе трае со месеци пред да се добијат резултати. Најдобро е третманот да се почне на возраст од 5-6 години. „За да се одреди планот за лекување, потребно е да се знаат развојните проблеми, присуство на некои дневни симптоми, каква е фреквенцијата на мокрење, дали постојат други заболувања кај детето или можеби претходен третман со некој лек. Треба да се направи добар физикален преглед на грбот, нозете и гениталиите, анализа на урината, гликемија, ехо-преглед на уринарниот тракт“, објаснува доц. д-р Ристоска-Бојковска.

Изборот на терапија кај децата зависи од природата на основното нарушување кое довело до ноќно мокрење. Лечењето се спроведува под надзор на педијатар нефролог.

Успешниот и навремен третман ја зголемува самодовербата. Ноќното мокрење честопати е наследна состојба. Според статистичките податоци, доколку двајцата родители имале ваков проблем, тогаш веројатноста дека и детето ќе се соочи со овој проблем е 75%.

СОВЕТИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ

• Децата не треба да се казнуваат поради ноќното мокрење.

• Користете заштита на душекот.

• Водете календар за суви и мокри ноќи.

• Ако детето се буди ноќе, однесете го да се измокри. • Избегнувајте пијалаци со шеќер и кофеин во вечерните часови.

• Рестрикција на внес на големи количини вода пред спиење.

• Децата што мократ навечер треба да примаат 40% од тоталните дневни количини на течности наутро, 40% попладне и 20% во вечерните часови

• Не употребувајте пелени.

15% ПОПУСТ НА СИТЕ ПРЕГЛЕДИ ВО ПЕРИОДОТ ОД СЕПТЕМВРИ ДО КРАЈОТ НА ДЕКЕМВРИ

Во периодот од септември до крајот на декември сите прегледи на Одделот за педијатрија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ќе бидат намалени за 15%. За резервација на термин за консултација и преглед, потребно е да се јавите на 02 3099 500.