Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Детско здравје » Анемија во детска возраст

Анемија во детска возраст

Сподели

Анемија или слабокрвност претставува намалување на вредностите на хемоглобинот со или без намалување на вредностите на еритроцитите (црвените крвни зрнца). Главна улога на еритроцитите и хемоглобинот е транспорт на кислородот од белите дробови до сите клетки во организмот. Недостигот на хемоглобин и недоволен број на еритроцити ќе резултира со намалено снабдување на клетките со кислород и манифестирање на клиничките знаци на анемија. Доц. д-р Билјана Чонеска-Јованова, педијатриски хематоонколог, вели дека повеќето видови анемија се транзиторни и може лесно да се коригираат, но некои видови анемија може сериозно да го нарушат здравјето и да доведат до животнозагрозувачки состојби.

Што може да доведе до анемија?

Неефикасна еритропоеза (нарушено создавање на еритроцити во коскената срцевина), хемолиза – зголемен распад на еритроцити поради вродени и стекнати заболувања, како и губиток на крв при акутни и хронични крвавења се трите фактори кои се можна причина за нејзина појава.

42% од децата имаат анемија поради лоша исхрана

Д-р Чонеска-Јованова потенцира дека најчести причини за анемија во детската возраст се нутритивните дефицити (најчесто поради неправилната исхрана), инфективните заболувања и хемоглобинопатиите. Нутритивните анемии се резултат на недоволен внес на потребната храна во организмот која придонесува за синтеза на хемоглобин и еритроцити. Дефицитот на железо е најчестиот тип на нутритивна анемија и се смета за главна причина за анемија кај претшколските деца.

Недостиг на Б12 – опасност за хематолошки и навролошки нарушувања

Дефицитот на витаминот Б12 се враќа во фокусот на актуелните истражувања поради трендот на пораст на веганска, вегетеријанска и макробиотска исхрана, како на мајките доилки, така и на децата. Недостигот на Б12 може да доведе до појава на мегалобластна анемија и нарушена миелинизација на централниот нервен систем. Во детската возраст дефицитот на Б12 ретко се манифестира со класични симптоми, така што често е задоцнета дијагнозата. Според д-р Чонеска-Јованова, одложената дијагноза и третман на Б12 дефицитот може да доведе до трајно невролошко оштетување на фината и грубата моторика и нарушување на когнитивниот развој кај децата. Препораките на Британското здружение на хематолози е навремено започнување на третман кај доенчиња со Б12 дефицит за да се превенираат долгорочните невролошки последици. Инфективните заболувања може да доведат до анемија преку различни механизми кои вклучуваат – нарушена апсорпција и нарушен метаболизам на железо, неефикасна еритропоеза или зголемен губиток на нутритивни елементи. Наследните хемоглобинопатии се последица на вродени структурни варијации на глобинските вериги на хемоглобинот, се карактеризираат со зголемен распад на еритроцити и развој на анемија. Најчест вид хемоглобинопатија во Македонија е бета таласемијата, која се карактеризира со микроцитна, хипохромна анемија со нормални вредности на серумско железо.

Како да препознаете анемично дете

Повеќето симптоми на анемија се неспецифични, само мал дел од нив се поврзани со одредени видови анемија. Анемијата многу често е придружен симптом на други, најчесто хронични заболувања. Најчестите симптоми на анемија се:

  • Бледило на кожата и видливите слузници
  • Недостиг на енергија, изнемоштеност или недостиг на концентрација
  • Главоболка и вртоглавица
  • Намален имунитет и склоност кон инфекции
  • Забрзана работа на срцето (тахикардија)
  • Отежнато дишење
  • Жолтило на кожата и белките на очите
  • Зголемени црн дроб и слезинка
  • Заостанување во растот и развојот
  • Нерегуларни менструални циклуси
  • Изостанување или одложен менструален циклус

Сите овие симптоми може да бидат манифестација на друго заболување и затоа е многу важно правилно да се насочат иследувањата за да се постави точна дијагноза.

Како се дијагностицира анемијата ?

Анемијата вообичаено се дијагностицира преку крвната слика која покажува намалени вредности на хемоглобин и намален или нормален број на црвени крвни зрнца. Останати дијагностички процедури за одредување на видот на анемијата се: • Комплетна медицинска историја и физикален преглед • Диференцијална крвна слика, цитоморфолошка анализа на периферна размаска и број на ретикулоцити • Одредување на серумско железо и неговите резерви, Б12, фолати, вредности на билирубин, хемоглобинолошки, ензимолошки анализи и други лабораториски иследувања во зависност од клиничката слика • Аспирација и биопсија на коскена срцевина

Третман на анемија

Третманот на анемијата во детската возраст е различен во зависност од видот на дијагностицираната анемија и може да се состои од:

  • Терапија со железен препарат, витамини и промена на начинот на исхрана при нутритивна анемија (внес на продукти богати со железо – месо и зеленчук во комбинација со продукти богати со витамин Ц)
  • Третман на основното заболување кое довело до анемија
  • Вадење на слезинката (во случај на хемолитична анемија)
  • Трансфузија на еритроцити ако е неопходно
  • Трансплантација на коскена срцевина (во случај на нефункционирање на коскената срцевина)
  • Други тераписки процедури

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт