/Антибиотиците не се бонбони!

Антибиотиците не се бонбони!

Сподели

Неконтролираната употреба на антибиотици е главна причина за отпорност на бактериите. И покрај овој факт, и понатаму се пијат антибиотици и во случаи на вирусни инфекции. Според д-р Душко Фидановски, педијатар, пациентите треба да бидат посовесни, и кога докторот нема да препише антибиотска терапија, да не посегнуваат на своја рака, посебно кога се работи за нивните деца.

Од кога може да се даде антибиотик?

Нема ограничување за возраста, има ограничување во однос на тоа кој антибиотик може да се даде на која возраст. Групата полусинтетски пеницилини може да се дадат уште од најраната возраст, групата антибиотици кои содржат клавулонска киселина не се за новороденчиња и за деца во првите 2-3 месеци. Практично сите антибиотици може да се дадат без разлика на ограничување на возраста, само треба да се внимава на дозата која се дава и на временскиот интервал. Обично колку е помало детето, растојанието меѓу две терапии треба да биде поголемо.

Кога реагираат антибиотиците, а кога не?

Кога се дава антибиотик поради вирусна инфекција нема да има никаков ефект од него. 80%од респираторните инфекции кај децата се предизвикани од вируси. Само во 20% од случаите има потреба од антибиотска терапија. Пред да се одлучиме заантибиотик, најдобро е освен клиничкатаслика да направиме и лабораториски испитувања, кои ќе нe` насочат дали се работи за вирус или бактерија. Идеално би било ако може да се направат и микробиолошки испитувања и да се земат брисеви. Секако, треба да се почека 2-3 дена и да не се брза веднаш да се даде терапија. Со тие испитувања освен што ќе ја докажеме бактеријата ќе видиме и каква е нејзината осетливост на антибиотиците, на кој антибиотик реагира, а на кој не реагира, па ќе можеме да дадеме и најсоодветна терапија. Во случаи кога параметрите со сигурност ни укажуваат дека е бактериска инфекција, тогаш нема потреба од дополнителни лабораториски и микробиолошки испитувања, и можеме да препишеме антибиотик.

Колку време се пие антибиотик?

Најчесто антибиотиците се даваат 7 до 10 дена, меѓутоа тоа не зависи од типот на антибиотикот туку од причината која ја лекуваме. Децата можат да создадат и отпорност или резистенција на антибиотикот. Најчесто таа се создава вештачки, нема природна резистенција на антибиотик, туку е стекната. Се стекнува поради пречесто, нередовно давање на антибиотикот и во случаи кога не треба. Ако даваме антибиотик кога не треба организмот ќе стане отпорен, па кога ќе треба нема да реагира соодветно на тие антибиотици. Резистенција може да се направи и на друг начин, ако антибиотикот се дава во несоодветни (многу мали) дози или ако се дава пократко отколку што треба. Родителите не треба да им даваат антибиотик на децата 2-3 дена, па откако состојбата ќе се подобри да се прекине. На тој начин само се прикрива бактеријата, не се уништува и потоа повторно се враќа и предизвикува нова инфекција. Овој пат таа ќе биде отпорна на антибиотикот кој претходно сме го дале несоодветно време. Исто така, резистенција настанува и поради земањето антибиотик во несоодветен временски интервал, ако треба да се зема на 8 часа,тоа треба дасе почитува и да се запази редоследот.

Антибиотици кај новороденчиња

Кај новородените дечиња ако постои ризик фактор за инфекција, ако мајката имала инфекција пред породување и детето предвреме се родило започнуваме со превентивно давање терапија со еден или два антибиотика 48 часа. Бебето клинички се следи, се прават микробиолошки и лабораториски испитувања. Ако за тие 48 часа не се појават клинички знаци за инфекција и не се докажат микробиолошки знаци за присуство на инфекција се прекинува со терапијата. Ако се докаже, се продолжува со терапијата сe` додека таа целосно не се излечи.

Што доколку кај детето се јави алергија на антибиотик?

Кај некои деца можна е и алергиска осетливост на дел од антибиотиците која најчесто се манифестира како кожни реакции. Но, знае да предизвика и многу побурна реакција при која се јавуваат проблеми со дишењето, срцевата работа. Во овие случаи треба да се направат дополнителни испитувања за да се види дали навистина антибиотикот е причина за таа реакција. Ако се докаже тоа, овој антибиотик не се дава повеќе и се заменува со антибиотик од друга група.

Дали антибиотикот делува на вируси?

Антибиотикот не делува на ниту еден вирус, за проблеми со посериозните вирусни инфекции кои треба да се лекуваат и се животозагрозувачки се употребуваат друг тип лекови – виростатици.Тие го убиваат вирусот кој предизвикува тешки пневмонии, воспаленија на мозокот или на други внатрешни органи, меѓутоа делуваат и на здравите клетки и се многу штетни по здравјето на пациентот. Вирусот во принцип не треба да се лекува, кога се работи за полесна вирусна инфекција се дава симптоматска терапија – мирување,течности, витамини, аналгетици, антипиретици, електролити, парантерална инфузија. Се чека да помине одредено време за организмот самиот да се избори со вирусот.

Антибиотик под контрола на доктор

Никогаш на своја рака не му давајте антибиотик на вашето дете! Секогаш консултирајте се со стручно медицинско лице, донесете го детето на преглед. Многу често кога има проблем родителите бараат совет и во аптека, па земаат лекарства без рецепт. Запомнете, антибиотик давајте само по препорака на лекар и со потврда дека станува збор за бактериска инфекција. Родителите не треба ниту да прават споредба со децата од своите пријатели. Ако еден антибиотик реагирал добро кај детето на вашите пријатели, не значи дека при исти симптоми треба да го земете и вие. Секое дете си е различно само по себе, иако станува збор за иста бактерија.