/Како да препознаете алергично дете?

Како да препознаете алергично дете?

Сподели

Многу млади родители се прашуваат дали бебето може да има алергии? Одговорот е: ДА, со тоа што доенечкиот период од животот е резервиран за алергиите на храна.

Симптомите на алергиските реакции кај децата во голема мера зависат од возраста, одтипот на алергиската реакција, од нејзинататежина, како и од тоа колку често се јавува. Д-р Катерина Обочки, педијатар пулмоалерголог, вели дека комбинацијата од надворешните фактори (факторите на околината) и генетската предиспозиција се во заедничка игра со алергиско-имунолошкиот одговор на детето.

Алергии кај бебињата

Многу млади родители се прашуваат дали бебето може да има алергии? Одговорот е: ДА, со тоа што доенечкиот период од животот е резервиран за алергиите на храна. Сезонските алергии се ретки кај бебињата, нивниот имунолошки систем сè уште се развива и бебињата се ограничено изложени на надворешната средина (полените). Но, домашната прав е алерген со кој се сретнува детскиот имун систем уште во доенечкиот период. За среќа, само 6% од доенчињата имаат вистинска алергија на храна. Јајце, кравјото млеко, кикиритките, риба, ореви, пченица се алергените кои предизвикуваат имуноглобулин специфични сензибилизации во доенечкиот период. Првите симптоми може да се јават многу рано, тие се од потекло од гастроинтестиналниот тракт како црвенило околу усните, оток на усните, повраќања, течни столици. Некогаш присуство на крв во столицата.

Алергија на млеко – како да ја препознаете?

Алергиската реакција на МЛЕКО може да се презентира со различни симптоми во различно време. Некои реакции се умерени и се покажуваат само на еден систем, само како кожна манифестација егзема. Но, умерени реакции не значат дека детето нема да има сериозна алергиска манифестација во иднина. Во клиничката слика доминира: раздразливост, колики, повраќање, кашести столици, егзема, одбивање храна, крв во столицата. Кај некој деца може да се јават и симптоми на визинг (свиреж во градите), тешко дишење, кашлица, засипнатост, грчеви во стомакот, солзење на очите со оток, црвенила по телото, слабост, пад на притисокот со губиток на свест.

Алергиски ринитис и астма

Инфантилната егзема и алергијата на храна се обично првите чекори во алергискиот марш, подоцна следат алергиски болести од страна на респираторниот систем (астмата, алергискиот ринитис). Педијатриската астма е хетерогено хронично заболување на дишното стебло кое во зависност од земјата е со честота од 1-18 %. Симптомите на отежнато дишење, стегање во градите, кашлица со променлив интензитет, истите се јавуваат при физичка активност и при изложување на алергени во сезона на вирусните респираторни инфекции. Ослободување од симптомите бара краткотрајно внес на бронходилататор. Зголемената честота на симптомите, степенот на нивната јачина, ќе ни биде знак за потреба од долготрајна терапија која вклучува леукотриен антагонисти или тописки инхалаторни кортикостероиди, чиј избор зависи од возраста, тежината на астматската болест.

Една од најчестите алергии кај децата е алергијата на КИКИРИТКИ, која ги загрижува родителите поради јаките алергиски реакции, кај многу мал процент на деца и животнозагрижувачка алергиска реакција. Оваа алергиска реакција е долготрајна, само 20% од децата ја надминуваат до петтата година.

Со возраста се намалува и алергиската реакција

Д-р Обочки вели дека главни фактори кои придонесуваат да престане алергијата на храна се: јачината на алергијата и бројот на алергените на кои е сензитивно детето.

Ова се статистиките кога детскиот организам ги надраснува алергиите на храна:

  • Повеќе од четвртина од децата алергиските реакции ќе ги надминат на возраст од 4-5 година.
  • Децата кои се алергични на млеко, јајца и соја најчесто ја надминуваат алергијата до втората година, додека алергијата на кикиритки и ореви е со помала веројатност дека ќе исчезне со раст на детето.
  • Колку што порано се јавуваат алергиските реакции кај децата, толку е поголема можноста истите и да престанат.
  • Децата со тешки симптоми (проблеми со дишењето, отоци, анафилакса) и алергија на поголем број алергени имаат помали шанси да постигнат толеранција на храна
  • Темните деца имаат помали шанси да ја надминат алергијата. Момчињата ја надраснуваат алергијата побрзо за разлика од девојчињата
  • Алергијата на инхалаторните алергени е резервирана за подоцнежниот период од животот.
  • Инциденцата на атописката егзема и алергијата на храна, како алергија на кравјо млеко, жолчка од јајце, брашно, соја е висока во тек на првите 2 години од животот. Две третини од децата со атописка егзема ќе ги изгубат симптомите до третата година.