Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Детско здравје » Кога вашето дете доцни со развојот

Кога вашето дете доцни со развојот

Сподели

Развојно доцнење е состојба кога детето нема развојни достигнувања соодветни за возраста. Благите развојни доцнења често сами по себе се губат и детето едноставно го надоместува заостанувањето преку позитивната стимулација од својата околината. Д–р Анета Демерџиева, педијатар, објаснува, сериозното развојно доцнење укажува на постоење на нарушување во развојот или т.н. атипичен развој.

Развојното доцнење, односно нарушување може да се јави само во една или во повеќе сфери од однесувањето:

  •  грубата и фината моторика;
  •  говорот и вербалната експресија;
  •  социјално–емотивната сфера;
  •  когнитивните постигања, а според некои автори важна е и проценката на можноста на детето;
  • самопомош и грижа за себе (почнувајќи од способноста за држење на шишето во доеначкиот период до водењето грижа за личната хигиена).

Прв чекор – споредба со врсниците

Развојното доцнење е состојба која треба да ја процени лекар врз основа на строго утврдени гајдланси (патеки). Вообичаено родителот е тој кој прв ги забележува отстапувањата кај сопственото дете врз основа на неговa споредба со врсниците. Токму затоа, доколку мислите дека вашето дете е побавно од другите или едноставно не е како другите деца – поразговарајте со вашиот педијатар. Понекогаш очигледно е заостанувањето, но понекогаш е потребна подолга опсервација, па дури и консултација со супспецијалист по развојна педијатрија со цел да се утврди точната слика за детето. Не ретко потребна е и помош од дополнителни инструменти – скрининг тестови за приближување до дијагнозата.

Што сe може да предизвика развојно доцнење?

Причините можат да бидат најразлични:

  •  генетски фактори, како Даунов синдром;
  •  перинатални проблеми, како што се предвремено раѓање, родилна траума, асфиксија, неонатални инфекции;
  •  метаболни вродени или стекнати проблеми, посебно во склоп на тешки дехидратации;
  •  сензорни нарушувања како што се вроден или стекнат дефицит на слухот и видот;
  •  первазивни развојни нарушувања, посебно од групата на аутистичен спектар;
  •  проблеми во учењето;
  •  синдром на дефицит на внимание и хиперактивност;
  •  многу невролошки заболувања со или без ментална ретардација.

Списокот на состојбите што можат да доведат до развојно доцнење е многу подолг и опфаќа уште цела низа состојби како што се тешките хронични болести во детството, социјалната депривација, но и лошите социо–економски услови за живот што дестимулативно делуваат на детскиот развој.

Првите три години од развојот на детето

Првите три години од детскиот живот се од исклучителна важност за понатамошниот развој. Она што се случува во тој период го следи детето низ целиот подоцнежен живот. Тоа е причината зошто е важно да се забележат раните знаци на развојно доцнење и веднаш да се почне со третман за надминување на постоечките проблеми. Колку порано се почне со интервенција и третман, толку подобри ќе бидат крајните резултати. Затоа, ако се сомневате на развоен проблем, не чекајте ниту минута повеќе!

Центар за рано откривање и третман на деца со пречки во развој

Педијатрискиот тим во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ секојдневно се соочува со деца кои имаат потреба од проценка, ран третман и интервенција. Ова беше повод да се отвори Центарот за рано откривање и третман на деца со пречки во развојот. Се работи за многу чувствителна категорија на деца во чија обработка е потребен мултидисциплинарен пристап. Нашиот тим го сочинуваат:

• развоен педијатар – д-р Анета Демерџиева – која ја прави првичната проценка на отстапувањата од развојот и поставува сомнение за евентуална дополнителна медицинска обработка (метаболен скрининг, лабораториска проценка, генетско тестирање, посебно кај деца со елементи за ментална регресија и ретардација, аудиолошки скрининг кај деца со проблеми во говорот и цела низа дополнителни иследувања зависно од клиничката слика кај секој пациент индивидуално);
• педијатриски невролог- д-р Оливера Лековска – спроведува невролошка проценка (невролошки преглед, невролошко-физиолошка дијагностика -EEG и други комплементарни невролошки иследувања). Се занимава со развојно следење на доенчиња со потенцијален ризик за развојно отстапување, поради фактори од страна на мајката или бременоста (предвремено породување, патолошка бременост и др.). Третира коморбидни невролошки состојби (епилепсии, церебрална парализа).
• дефектолог – Соња Јорданова Цацановска – која покрај дефектолошкиот третман е едуцирана и исклучително искусна и во логопедскиот третман.

Тимскиот пристап обезбедува на едно место обработка на детето, корелирање на добиените резултати и континуирано следење на ефектите од третманот. Нашата порака е: секое сомнение на родителот и околината, барем и незначитечно, бара сериозен пристап и еваулација.  Целта е да се постави дијагноза колку е можно побрзо за да се почне со ран третман. Проценката мора да биде реална и соодветна на возраста, за што постојат точно утврдени стандарди. Сепак, најважно е секој родител да знае дека без оглед на сите видови медицински интервенции што се потребни и секојдневно ги преземаме, детето мора да има специјална едукација, односно да работи со дефектолог. Овој третман не може да биде заменет со ниту еден лек. Во одредени состојби тоа е основниот третман, а во одредени состојба само поддршка на медицинскиот дел која гарантира постепено возвраќање на потиснатите функции. И наместо заклучок – родителот мора да биде информиран дека никој однапред не знае колкав е развојниот максимум кој може да се извлече од неговото дете. Но, едно е сигурно, доколку се третира, ќе биде подобро. Децата се причината за нашето постоење и нашата иднина. Нашиот тим поеднакво се бори за секое дете со пречки во развојот. Затоа што секое дете, без оглед на степенот на развојното нарушување, заслужува шанса за подобар и поквалитетен живот.

Најди доктор Закажи преглед Контакт