/Мaмo, ме боли стомакот!

Мaмo, ме боли стомакот!

Сподели

Болките во стомак се чест проблем кај децата. Најчесто се последица на промени во исхраната. Иако многу родители се испаничени, сепак, треба да знаат дека во најголем број случаи не е ништо сериозно. Но, за да бидете сигурни и мирно да спиете, најдобро е секоја болка да ја пријавите на педијатар.

Запек

Запекот е честа причина за болки во стомакот кај децата, особено кај постарите. Се манифестира со болка во долниот дел од стомакот. „Запекот е последица на исхрана без течности, свежо овошје и зеленчук и растителни влакна богати со цели зрна. Доколку детето не излегло надвор повеќе дена и чувствува болка, најдобро е да посетите педијатар“.

Уринарна инфекција

Инфекции на уринарниот тракт исто така се една од причините за овој тип болка во детската возраст. Почести се кај девојчиња на возраст од 1 до 6 години. Се манифестираат со непријатност во стомакот во делот на мочниот меур, но се јавуваат и болка и печење при мокрење. Исто така, овие деца имаат потреба често да уринираат. Доколку ги забележите овие симптоми кај вашето дете, јавете се на педија тар кој ќе направи преглед на урина и уринокултура и доколку е присутна инфекција ќе ви препише антибиотик кој ќе ја излекува инфекцијата и ќе ги смири болките во стомакот.

Стрептококно грло

Стрептококно грло е инфекција на грлото предизвикана од стрептококна бактерија. Се манифестира со болки во грлото, треска и абдоминална болка. Може да се јават и повраќање и главоболка. „Потребно е да се земе брис од грло, кој доколку е позитивен на стрептококна бактерија, се третира со антибиотици.“

Воспалено слепо црево

Воспаление на слепото црево е многу ретко кај деца на возраст под 3 до 5 години. „Доколку вашето дете има воспалено слепо црево првиот знак е постојана болка во стомакот, поточно во централниот дел околу папачето, која постепено се движи надолу кон десната страна. Ако болката трае подолго, веднаш да се однесе на лекар. Единствен третман е хируршка интервенција“.

Алергија на млеко и млечни производи

Алергија на млечни производи е реакција на протеин кој го има во млекото, и се манифестира со грчеви и болки во стомакот, често придружени со повраќање, дијареа и осип на кожата.

Емоционална вознемиреност

Емоционалната вознемиреност, особено кај деца во училишна возраст, може да предизвика повторливи болки во абдоменот. Оваа состојба е ретка кај деца под 5-годишна возраст, но, сепак, истата може да се појави доколку детето доживеало необичен стрес. „Првиот симптом е болка која се јавува и исчезнува во период од две недели, често поврзана со стресни ситуации за детето. Исто така, детето може да стане потивко и повлечено. Доколку го забележите ова кај вашето дете, обидете се да дознаете која е причината и дали детето неодамна доживеало стресна состојба или е под стрес (на училиште има писмена или, пак, односот со другарчињата). Побарајте и стручна помош од педијатар кој ќе ви помогне вашето дете да проговори за своите проблеми. “