Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Детско здравје » Д-Р ФИДАНОВСКИ: Нова постковидна состојба кај децата, сериозен мултисистемски синдром ги напаѓа срцето, бубрезите, црниот дроб, прави згрутчување на крвта

Д-Р ФИДАНОВСКИ: Нова постковидна состојба кај децата, сериозен мултисистемски синдром ги напаѓа срцето, бубрезите, црниот дроб, прави згрутчување на крвта

Сподели

Веќе е познато дека децата кои биле заразени со корона вирусот, самата инфекција ја поминуваат или асимптоматски или со благи симптоми на болеста, но загрижува фактот што сега регистрираме една нова состојба, која се јавува кај децата две недели до еден месец, откако го прележале Ковсд-19 или пак имале контакт со заболен, вели во разговор за Фактор, шефот на Одделот за Педијатрија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, д-р. Душко Фидановски. Имено, тој појаснува дека кај осум деца досега констатирале повеќеоргански инфламаторен синдром или скратено МИСЦ, дијагноза која е поставена кај децата врз основа на знаците коишто се појавуваат. Последните четири пациенти се лекувале во оваа приватна здравствена установа во последните десеттина дена, односно две од нив се хоспитализирани завчера.

-Се работи за деца кои што биле во контакт со Ковис-19. Најчесто не биле болни, немале никакви знаци на корона вирусот или пак имале некаква многу блага клиничка слика, каква што е карактеристична за децата. Но, по извесно време, односно по период од две до четири недели кај нив се појавува болест, односно нова состојба која се манифестира пред сè со многу висока температура, над 38,5, 39, па и 40 која трае повеќе денови и која не реагира, односно не се спушта со никакви антипиретици. Тоа е водечкиот, иницијалниот симптом. Меѓутоа заедно со температурата, која и не е така специфичен знак, бидејќи може да се јави и поради низа други болести, се појавуваат и други симптоми. Децата имаат промени по кожата од типот на осип кој се јавува на лицето, на рацете, на телото, може да имаат и осип во устата. Очите стануваат црвени, конјуктивите се хиперемични. А, потоа се појавуваат и други знаци, односно овој нов синдром зафаќа повеќе органи, пред сè срцето и се манифестира со срцева слабост. Децата имаат тахикардија, забрзана работа на срцето, бледило на кожата. Можат да бидат засегнати и белите дробови и се јавува една слика на воспаление на белите дробови, кашлица, стегање во градите, диспнеа или тешко дишење. МИСЦ предизвикува кај децата и стомачни тегоби, болки, гадење, повраќање, па дури и една слика на дијареа, односно ентероколит. Практично, заедно со температурата, ова е уште еден од првите знаци, така всушност започнува состојбата, па потоа се појавуваат оние проблеми со срцето, белите дробови, кожните манифестации. Може да бидат зафатени и бубрезите заради што имаат потешкотии при мокрењето, некои од децата се со една класична бубрежна инсуфициенција, се појауваат отоци и многу често имаме пореметување на коагулација на крвта. Се јавува една состојба, односно тенденција кон зголемено згрутчување на крвта, дури и создавање на тромбози кои можат да бидат и фатални, вели во разговорот, д-р Фидановски.

Појаснува и дека се опшишани дури и случаи на засегање на централниот нервен систем, односно пореметување на свеста, главоболки и грчеви.

-Всушност кај децата се зафатени најмалку два органи, но и повеќе, а состојбата како што реков започнува со висока температира како водечки знак кој трае повеќе од 24 часа, затоа и ваквата  состојба се нарекува повеќеоргански инфламаторен синдром кој настанува како последица на реакција на организмот на контакт со ковид, SARS-Cov2 вирусот.

Д-р. Фидановски вели дека освен клиничката слика, поради новиот синдром, кај децата постојат и промени во лабораториските анализи кои, за нив, лекарите,  се битни да ги надополнат клиничките знаци за да можат да ја постават дијагнозата.

– Според дефиницијата за новата состојба за која зборуваме мора да имаме клиничка состојба и мора да имаме и некои лабораториски промени за да со сигурност можеме да кажеме дека станува конкретно збор за МИСЦ. Најважните промени се во крваната слика. Намален е бројот на белите крвни зрнца, леукоцитите и тоа класата на лимфоцити чија бројка е под нормала. Се намалува и бројот на тромбоцити, тоа се оние елементи кои учествуваат во згрутчувањето на крвта. Се намалува и вредноста на хемоглобинот, значи настанува една анемија, имаме зголемување на инфламаторните маркери, ЦРП, прокалцитонинот, тоа се се показатели дека има некакво воспаление кое се случува во организмот. Имаме промени во коагулацијата на крвта, тоа се тие Д-Димери кои ги следиме и кај болните од корона вирусот кои знаат неколкукратно да се зголемат, токму и тука исто така се менуваа. Еден од најбитните показатели е тоа што кај децата има зголемено ниво на антитела и тоа од класата на ИГГ антитела што значи дека организмот бил во контакт со вирусот пред неколку недели иако тие се негативни на ПЦР-тестовите или на брзиот антигенски тест, што значи дека во моментот немаат делови или секвенци од короан вирусот присутни во организмот. Сето ова заедно со клиничката слика веќе ја дава дијагнозата на повеќеорганскиот инфламаторен синдром, посочува д-р. Фидановски.

Тој вели дека ова е состојба која бара хоспитализација, односно дека болничкото лекување е задолжително, воедно апелира до родителите посебно да бидат внимателни со своите дека доколку имаат покачена температура која не може да се спушти со какви било антипиретици.

– Апелирам до родителите да внимаваат ако деца кои имаат висока температура, пропратена со некои од овие симптоми кои ги набројав задолжително да се обратат на лекар за да се констатира дали можеби се работи за оваа нова постковидна состојба, бидејќи многу е битно навремено да се хоспитализира детето и да се започне што побрзо со лекувањето. Состојбата може да биде многу сериозна посебно ако го зафати срцето. Децата кои имаат изразена срцева слабост практично имаат хипотензија, одноно низок притисок, па дел од нив мора да бидат третирани на оделението за интензивна нега. Едно од овие осум дечиња, беше навистина во многу тешка состојба со изразена срцева инсуфициенција и со засгање на белите дробови и на бубрезите и со коагулација на крвта. Таквите деца имаат потреба од престој на интензивна нега, па дури знаат да завршат и на механичка вентилација што значи дека им е потребна респираторна поддршка. Лекувањето, односно хоспитализацијата трае најчесто една недела, појаснува педијатрот Фидановски.

Истовремено, тој уверува дека за среќа и најтешките случаи, доколу соодветно и навреме почнат да се лекуваат имаат добар исход. Вели дека многу е мал процентот на деца кој завршиле летално, но повторува дека се работи за многу сериозна состојба која ако се препознае и навреме се лекува има многу добар исход.

-Токму и целта на овој наш разговор кој го водеиме е да се упати еден апел до родителите да внимаваат во оваа ситуација кога имаме втор бран, со голем број на позитивни случаи. Очекуваме дека ќе има и поголем број на деца со оваа нова состојба, со овој нов синдром која бара навремено да се препознае, да се хоспитализира и соодветно да се лекуваат, вели тој.

Напоменува дека постојат препораки и протоколи во однос на лекувањето по кои во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се придржуваат и како што појаснува тие се во употреба и успешно делуваат.

-Протоколите препорачуваат кои медикаменти во која фаза на болеста треба да се употребат. Ние до сега ги имаме на располагање сите медикаменти кои се препорачуваат и сме ги употребувале и сме имале многу добар исход. Сите хоспитализирани деца досега се успешно излекувани, ги следиме и сега се во многу добра кондиција немаат никакви последици. Терапијата не е специфична, но превенствено се даваат лекови кои треба да ја смират инфламацијата. Прва линија на избор се имуноглобулините кои се даваат во извонредно големи дози и затоа лекувањето е исклучиво болнички, тоа не може да се спроведе амбулантски. Ако се појават знаци на слабост на некои од органите, пред сè на срцето, се даваат лекарства преку инфузии кои треба да ја поддржат срцевата работа и да ја стабилизираат хипотензијата. Мониторингот е задолжителен на сите витални параметри, по потреба се дава и кислород, па дури и ако треба, престој во интензивна нега и поставување на механичка вентилација. Но, да повторам треба навреме да се почне со терапијата и брзо да се реагира пред сè со давање на имуноглобулините кои се лек број еден, кои прават пресврт во еволуцијата на болеста. По давањето на една доза, веќе имаме драстично подобрување на општата состојба и престанок на температурата која за нас е параметар кој ни покажува дали одиме во посакуваниот правец. Кај другите болести имаме температура која варира, се покачува па спаѓа, овде имаме континуирано висока температура која трае најмалку 24 часа и со ништо не се симнува. Тоа е алармантно, тоа е знакот кој треба да не опомене дека можеби се работи токму за овој синдром, посебно ако имаме податок дека тоа дете било во контакт со некој кој имал корона вирус или пак самото било позитивно, а поминало асимптоматски. Кај сите деца кои се лекуваа кај нас, ПЦР-тестовите беа негативни, не докажавме присуство на вирусот, но кај сите имаше антитела, 6 до 10 пати зголемување на титерот над нормалата укажува на претходен контакт со Ковид-19 и тоа најмалку две недели, детално појаснува д-р. Фидановски.

Тој во нашиот разговор истакнува дека и оваа нова состојба наликува на Кавасаки синдромот, но, како што вели, не е Кавасаки синдром. Една од главните разлики, вели д-р. Фидановски е возраста на децата. Кавасаки синдромот е карактеристичен за помалите деца, а новата состојба се јавува кај деца од школска возраст, 7-8 годишна возраст е инциденцата кај овој повеќеоргански инфламаторен синдром, заклучува во разговорот д-р. Фидановски.

извор : Фактор.мк

Најди доктор Закажи преглед Контакт