Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Детско здравје » Повреди на глава кај деца

Повреди на глава кај деца

Сподели

Децата се често изложени на повреди на главата поради разиграноста и нивниот темперамент. Повредите се случуваат при играње, одење, трчање. Обично настануваат во домашни услови, можат да се удрат на делови од мебелот, да паднат на под и сл. Сосема е разбирливо дека тоа се случува почесто во раната детска возраст. Тоа е дел од растењето и на тој начин детето стекнува искуство. Поголемите деца од друга страна се почесто изложени на спортските повреди. Д-р Љуљзим Агаи, неврохирург, вели дека при повреда на главата кај децата посебно внимание треба да се посвети кај пациентите кои имаат некое заболување (епилепсија, нарушување на згрутчувањето на крвта). Обично родителите на овие деца се запознаени со потенцијалните опасности.

Надворешни и внатрешни повреди

Надворешните повреди се далеку почести на детска возраст. Тие се резултат на повреда на кожата на поглавината. Иако изгледаат вознемирувачки (крвавење, оток на местото на ударот), за среќа обично поминуваат без последици.

На што треба да се внимава?

Поглавината е богата со крвни садови, поради што и мала исеченица може да резултира со обилно крвавење. Доколку крвавењето не престанува спонтано, треба да се врши притисок со рака (по можност преку стерилна газа или чисто марамче) на местото на крвавењето. На тој начинобично истото престанува, по што треба да се побара лекарска помош. Доколку се појави оток на местото на ударот, се препорачува локална апликација на мраз (20 минути на секои три до четири часа), но не директно на кожа, туку преку некоја ткаенина, крпа или сл. Отокот обично се повлекува за неколку дена или една недела. Внатрешните повреди на главата се сериозни телесни повреди кои треба да се лекуваат во неврохируршка установа. Тука спаѓаат скршениците на черепот, внатрешните крвавења и повредите на мозокот.

Кога да побарате лекарска помош?

Доколку детето имало загуба на свеста, ако не престанува со плачење, повраќа неколку пати, не се буди лесно, не може да оди или одењето е нарушено, при појава на грчеви (епилептични напади), во тие случаи веднаш треба да се побара лекарска помош. Доколку повредата е посериозна, треба да се внимава во текот на следниве 24 часа: пробајте да го разбудите вашето дете неколкупати во текот на ноќта за да ги проверете реакциите – дали се буди нормално, дали дише правилно, каква му е бојата на кожата. Родителот најдобро си го знае своето дете и ако забележи нешто невообичаено, се препорачува консултација со лекар. Лекарот треба да ја процени сериозноста на повредата и во зависност од тоа се преземаат и евентуалните понатамошни дијагностички постапки.

Дали се потребни дополнителни испитувања?

Радиолошките иследувања кај децата се прават ако постои сомнение за внатрешна повреда на главата. Кај полесните повреди на главата не се прават рутински снимања, бидејќи децата се поосетливи на зрачење за разлика од возрасните. Податоците што лекарот ги добива од родителите и прегледот на детето го одредуваат текот на понатамошното лекување.

Дали може да превенираме некои повреди на главата кај децата?

Секако, при возење велосипед, треба да се носи заштитен шлем, при возење детето треба да се осигура со заштитен појас. Дома треба да се внимава на делови од мебелот кои можат да бидат потенцијално опасни (пожелно е детето да си игра во безбедна, заштитена средина). По повреда на глава со потрес на мозокот (состојба со кратко губење на свеста), извесно време се препорачува одморање од контактните спортови.

Најди доктор Закажи преглед Контакт