Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Детско здравје » ПОЗИТИВЕН АСТО ТЕСТ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ДЕТЕТО Е БОЛНО

ПОЗИТИВЕН АСТО ТЕСТ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ДЕТЕТО Е БОЛНО

Сподели

Голем број родители, водејќи се од зголемената вредност на антистрептолизинскиот тест (АСТО), даваат терапија на детето со цел да ја намалат вредноста на АСТО. Д-р Светлана Крстевска-Блажевска, педијатар, објаснува дека само зголемен титар на АСТО без други клинички манифестации на болест покажува дека детето прележало некоја стрептококна инфекција, најверојатно инфекција на грлото, односно ангина. Во вакви случаи педијатарите советуваат дека не треба никаква терапија. Потребно е само негово следење на соодветни временски интервали.

Што се докажува со овој тест?

Со лабораториско мерење на титарот на АСТО се прикажува присутноста и количината на антитела кои организмот ги создал против бактерија од групата А Streptococcus (ГАС) или Streptococcus pyogenes. Оваа бактерија е една од најчестите причинители на инфекции меѓу човечката популација. Кај децата, најчеста инфекција која оваа бактерија ја предизвикува е стрептококна ангина, односно воспаление на грлото, потоа скарлатина (шарлах), воспаление на ушите, синузитис, а поретко кожни инфекции, пневмонии и артритис.

Позитивен тест не значи дека детето има актуелна инфекција

Мерењето на титарот на АСТО нема значајност во потврда за постоење на фарингитис или тонзилитис (воспаление на крајниците). Позитивен АСТО-тест потврдува помината инфекција. Доколку детето нема температура, нема зголемени параметри за бактериска инфекција (пр. леукоцити, седиментација, Ц-реактивен протеин) и нема други симптоми, како што се болка или оток во зглоб, кожен осип, антистрептолизинскиот тест сам по себе нема практична значајност во поставување дијагноза за актуелна инфекција со пиоген стрептокок или компликација од инфекцијата. За потврда на инфекција на грлото или тонзилите со пиоген стрептокок, потредно е да се земе брис од грло.

Асто може да детектира ревматска треска и воспаление на бубрезите

Позитивен АСТО-титар е корисен тест при поставување дијагноза кога се сомневаме на можни компликации од пиогениот стрептокок. Тие компликации се ревматска треска и постстрептококен гломерулонефтит. Овие компликации многу ретко настануваат доколку активната инфекција со пиоген стрептокок се лекувала соодветно со антибиотици. Антистрептолизинскиот титар почнува да се зголемува најкратко една недела по почетокот на бактериската инфекција, а најголема вредност достигнува 3-5 недели по почетокот на инфекцијата со пиогениот стрептокок. При добивање високи вредности на титарот, непосредно по инфекцијата со пиоген стрептокок, потребно е да се направи контрола на титарот по 10-14 дена од претходната анализа. Ако вредноста на АСТО, расте значи дека болеста сè уште е активна, ако титарот се намалува, значи дека болеста се смирува.

Најдоцна за 12 месеци по инфекцијата вредностите се враќаат во нормала

Доколку нема повторувачки инфекции, титарот на АСТО за 6-12 месеци треба да се врати во нормалната вредност. Континуирано повеќекратно зголемени вредности на АСТО значи дека детето било во контакт со бактеријата пиоген стрептокок. Бактеријата го поттикнала телото да создава антитела, односно АСТО, но внатрешната одбрана на организмот успеала да спречи развој на болест. Доколку во период од 6-12 месеци титарот на АСТО се зголемува, а како најчеста причина за тоа се повторувачки воспаленија на крајниците без типични симптоми, како опција за решавање на состојбата се препорачува тонзилектомија (вадење на крајниците).

Нормалната вредност на антистрептолизинскиот титар зависи од возраста на пациентот и референтните вредности во лабораторијата што го изработува тестот. Сепак, нормалната вредност на титарот на АСТО најчесто е 150-200IU/ml.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт