/Причина за чести уринарни инфекции – везикоуретерален рефлукс

Причина за чести уринарни инфекции – везикоуретерален рефлукс

Сподели

Уринарната инфекција се дефинира како инвазија на микроорганизми во ткивото на уринарниот тракт или присуство на сигнификантен број на бактерии во урината. Кај новороденче и лесно покачена температура и симптоми како вознемиреност, грчеви, плачливост, намален апетит може да се знак за почеток на уринарна инфекција.

Честопати кај децата со чести уринарни инфекции причината е вродена мана на уринарниот тракт позната како везикоуретерален рефлукс. Кај оваа состојба, поради аномалија во уринарниот тракт, доаѓа до враќање на урината од мочниот меур кон бубрезите. Единствено на Одделот за нуклеарна медицина во „Аџибадем Систина“ имате можност преку безбедна метода-директна радионуклидна цистографија да утврдите дали вашето дете има вродена аномалија.

Уринарните инфекции кај новороденчињата даваат неспецифични симптоми

Во детска возраст симптомите на уринарна инфекција зависат од јачината на инфекцијата и возраста на пациентот. Д-р Надица Ристoска Бојковска, педијатар-нефролог, вели дека акутната инфекција на бубрезите (пиелоенфритис) дава висока температура со треска, абдоминална болка, повраќања, лумбална болка. Во тек на првиот месец од животот симптомите за уринарна инфекција се неспецифични. Кај новороденче и лесно покачена температура и симптоми како вознемиреност, грчеви, плачливост, намален апетит може да се знак за почеток на уринарна инфекција.

Што е причината за уринарната инфекција?

Потребно е да се утврдат факторите што довеле до инфекцијата (хидронефроза, вродени мани на уринарен тракт- најчесто везикоуретерален рефлукс), утврдување на промени на бубрезите и присуство на дефекти. Радиолошката евалуација на деца со уринарна инфекција вклучува комбинација од:

  • 1. Ехосонографски преглед на уринарен тракт
  • 2. Радиоизотопски испитувања:

*ДРЦГ (директна радионуклеидна цистографија )

*ДМСА ( скен на бубрези)

Директна радионуклидна цистографија

Директната радионуклидната цистографија (ДРЦГ) претставува едноставна, неинванзивна нуклеарно медицинска метода што се користи за откривање на везикоуретерален рефлукс (ВУР). Д-р Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина, објаснува дека се применува кај деца кои имаат чести уринарни инфекции и тоа за докажување дали кај истите постои ВУР, потоа за нивно следење по лекување со антибиотици (или следење на ефект на антибиотици), како и следење по евентуални хируршки интервенции во случаи каде е докажан ВУР.

Како се изведува?

Методата ја изведува специјалист по нуклеарна медицина, по претходно задолжително направен преглед и упатување од педијатриски нефролог. За изведување на оваа метода не се потребни посебни подготовки на детето. Самата метода се изведува со поставување катетер и полнење на мочниот меур со физиолошки раствор до максимален волумен. Во рутинска процедура за изведување на ДРЦГ кај деца се користат многу мали дози на радиоизотопот технециум пертехнетат (99mTcO4), што ја прави целата метода безбедна за детето и ѝ дава предност на истата доколку е потребно неколкупати да се повторува. Кога ќе се воспостави нормален проток на течност, во инфузиониот систем се внесува 99mTcO4 и се почнува со динамската студија, која се изведува континуирано со фаза на полнење на мочниот меур, а потоа и спонтано мокрење на детето, односно фаза на микција. Во текот на целото снимање специјалистот по нуклеарна медицина визуелно го следи можното враќање на радиоизотопот од мочниот меур кон уретерите и пиелокаликсниот систем, а по анализирањето и обработката на резултатите, доколку постои ВУР, истиот го градуираме во степени (од I до V) или како ВУР од лесен, умерен и тежок степен.

Третман

Кај пациенти кај кои ќе се утврди постоење на вродена аномалија ВУР( везикоуретерален рефлукс) со ДРЦГ потребно е редовно следење на пациентот кај педијатар-нефролог, профилакса со нитрофурантоин, лабораториски иследувања (урина и уринокултура) посебно при фебрилна состојба. Во зависност од степенот на ВУР, во лекувањето некогаш е потребна консултација со детски хирург или уролог и договор за хируршки третман.

Целосно безбедна метода за детското здравје

Поради ниската радијациона доза што се аплицира за време на снимањето, методата е целосно безбедна за децата. Во моментов, во нашата држава се изведува единствено во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.