/Спремни сме за одговор на сите предизвици околу детското здравје

Спремни сме за одговор на сите предизвици околу детското здравје

Сподели

Аерозагадувањето станува една од клучните причини за појава на широк спектар болести кај најранливите популации – бремените жени, доенчињата и малите деца. Но, како што предупредуваат нашите соговорници од приватната болница Аџибадем Систина во Скопје, последиците од дишењето загаден воздух во најраната возраст се чувствуваат и со децении подоцна. Педијатрискиот оддел на болницата е извонредно опремен со технологија и стручен кадар за дијагностика и лекување на детските болести предизвикани од загадениот воздух и сите останати фактори,  но оттаму апелираат и за поголема свесност  и ангажирање на сите надлежни институции, како и самите граѓани,  во адресирање, ублажување и на крајот, целосно елиминирање на проблемот на аерозагадувањето.

Деновиве по којзнае кој пат Скопје ја доби неславната титула на најзагаден град во светот, а граѓаните со право се револтирани на централната и локалната власт заради анемичното справување со овој проблем. За тоа колку се сериозни последиците од загадениот воздух по здравјето на луѓето  и колку е всушност погубно за сите нас прифаќањето на оваа “нормалност“ во секојдневното живеење разговаравме со претставници на лекарската фела.

Соговорници ни се д-р Душко Фидановски, шеф на Одделот за детски болести во Аџибадем Систина и неговата колешка д-р Катерина Обочки, специјалист педијатар – пулмоалерголог, коишто алармираат за поврзаноста на загадениот воздух со многу заболувања кај најранливите категории – децата.

Д-р Душко Фидановски, шеф на Одделот за детски болести, Аџибадем Систина
„Нашата задача покрај лекувањето е и активно да придонесеме во решавање на проблемот преку научно – истражувачка работа со која што ја докажуваме корелацијата помеѓу загадениот воздух и голем број на болести кај децата во сите возрасти. Нашите наоди треба да влијаат и врз донесувачите на одлуки и регулативи со коишто ќе се адресира, превенира и елиминира проблемот на загадениот воздух.“

Д-р Катерина Обочки, специјалист – педијатар пулмоалерголог
„Одделот за педијатрија во Аџибадем Систина е извонредно подготвен за покривање на речиси сите потреби од лекување кај детската популација.  Составен е од поликлиника, дневна болница, стационар и педијатриски ургентен центар којшто работи 24/7. За специфични болести, достапен е тим педијатри супспецијалисти по кардиологија и ревматологија, пулмоалергологија, неврологија, нефрологија, хемато-онкологија,“

Како што истакна д-р Фидановски, загадувањето на воздухот е глобален проблем и според најновите статистики дури 91% од светската популација е изложена на амбиенталното загадување, додека 93% од децата на планетава живеат во региони каде што има концентрации на штетни материи во воздухот поголеми од максимално дозволените.

„Меѓу најранливите категории од популацијата, оние што се всушност нашата целна група како лекари – педијатри, се бремените жени, коишто се самите изложени на загадениот воздух, како и плодот што се развива во нивната утроба. Нашата задача покрај лекувањето е и активно да придонесеме во решавање на овој проблем преку научно – истражувачка работа со која што ја докажуваме корелацијата помеѓу загадениот воздух и голем број на болести кај децата во сите возрасти. Нашите наоди треба да влијаат и врз донесувачите на одлуки и регулативи со коишто ќе се адресира, превенира и елиминира проблемот на загадениот воздух“, вели д-р Фидановски.

А, бројот на болести директно или индиректно поврзани со аерозагадувањето зафаќа широк спектар, како што ни објасни д-р Обочки, чијашто специјалност се токму респираторните заболувања кај детската популација.

„Аерозагадувањето за жал е тивок убиец на детското здравје. Доенчињата и малите деца се најзагрозени, но сепак, последиците што загадениот воздух ги остава кај децата се чувствуваат и со децении подоцна. Во детскиот организам до 8 – мата година се развиваат нови алвеоли во белите дробови, каде што всушност се случува размената на гасовите и каде што најситните штетни честички од воздухот, познати како ПМ 2,5, навлегуваат и прават структурни нарушувања во самите алвеолни мембрани“, објаснува д-р Обочки.

Загадениот воздух во корелација со многу болести кај децата

Нашите соговорници велат дека три групи на органи кај децата се најранливи поради загадениот воздух: централниот нервен систем, имунолошкиот систем и респираторниот систем. На светско ниво, а и домашните статистики го потврдуваат тоа, зголемен е процентот на деца со долно – респираторни инфекции, односно пнеумонии; расте и бројот на случаи со нарушување во развојот на централниот нервен систем (пречки во говорот, однесувањето, аутистични заболувања, итн.), како и појава на аномалии од типот на расцепи на непце и устата. Докторите Фидановски и Обочки  алармираат и за некои тешки форми на малигни заболувања, како што е ретинобластомот (тумор на очната мрежница), или пак некои форми на детска леукемија, коишто се исто така, во корелација со аерозагадувањето.

„Сето ова е резултат на штетни изложувања на воздухот во време на бременоста и во првите години од животот на детето. Понатаму, докажана е поврзаност и со зголемената тежина којашто пак води до појава на дијабетес во детството и подоцна, како и кардиоваскуларни заболувања. Се зголемува и процентот на деца родени со мала телесна тежина , како и на недоносени деца. Дури има и една фрапантна бројка од седум милиони недоносени деца во светот годишно како последица на аерозагадувањето“, вели д-р Фидановски.

Ги прашав докторите Фидановски и Обочки што можеме ние како граѓани да направиме за минимизирање од ризикот од последиците поради аерозагадувањето.

“Препораките се оние општо познати, пропишани и од Светската здравствена организација: сите ние може да придонесеме кон помало загадување на воздухот со користење на јавен превоз наместо сопствени возила, користење на помалку штетни горива за загревање и други потреби во домот, а за домашното загадување прво и основно е да не се пуши во домашните простории, и кој колку може да си дозволи да користи пречистувачи коишто не може да го елиминираат сосема проблемот, но ќе го ублажат. Секако, навремени и редовни контроли на бремените жени, подоцна доенчињата и малите деца, следење на нивната состојба, да не се изложуваат на загадениот воздух, а доколку мора, да се заштитат со респираторни маски“, препорачуваат докторите од Одделот за педијатрија на Аџибадем Систина.

Педијатрискиот оддел подготвен за дијагностицирање и третман и на најсложените детски болести

Инаку, самиот Оддел за педијатрија, според зборовите на нашите соговорници е извонредно подготвен за покривање на речиси сите потреби од лекување кај детската популација.  Одделот е составен од поликлиника, дневна болница, стационар и педијатриски ургентен центар.
„Педијатрискиот тим го сочинуваат докажани експерти со долгогодишно искуство во дијагностицирање и третман и на најсложените детски болести. Одделот има уникатен дизајн со доминација на детски елементи, со цел нашите најмали пациенти да немаат чувство дека се во болница и да го елиминираме стравот од посета на доктор.“, вели шефот на одделот, д-р Фидановски.

Во поликлиничкиот дел, додава тој, високостручниот тим педијатри се грижи за здравјето на децата, од новороденчиња до 16-годишна возраст. Во поликлиниката се изведуваат сите превентивни контролни прегледи и следење на психомоторниот развој на здрави деца. Покрај контролни прегледи, достапни се прегледи на болни деца со цел навремена дијагноза и третман на сите детските болести. За специфични болести, достапен е тим педијатри супспецијалисти по кардиологија и ревматологија, пулмоалергологија, неврологија, нефрологија, хемато-онкологија. Поликлиниката е составена од специјалистички и субспецијалистички ординации специјално дизајнирани да овозможат комфор и удобен престој.

Педијатрискиот стационар овозможува третман на болно дете од новороденче до 16-годишна возраст. Во него се спроведува најсовремена дијагностика и третман базиран на светски практикувани протоколи за лекување болести на децата. Располага со 15 модерно уредени еднокреветни сместувачки капацитети кои ги задоволуваат највисоките здравствени и естетски критериуми. Собите и апартманите се прилагодени за престој на родител со дете. Со цел грижата за болното дете да биде достапна во секое време, во рамките на Одделот функционира и најсовремен педијатриски ургентен центар. „Конципиран е по примерот на светските реномирани ургентни центри, што го прави водечки педијатриски центар во целиот регион. Во него работи мултидисциплинарен тим доктори кои може да ги третираат сите болести во детска возраст. Ургентниот центар работи 24 часа секој ден во неделата.“, истакнува д-р Катерина Обочки.

Нема дискусија околу вакцинирањето!

Поразговаравме со нашите соговорници и околу најактуелното прашање во врска со детското здравје деновиве, покрај загадувањето, а тоа е вакцинацијата. Д-р Фидановски и д-р Обочки се категорични во ставот дека никакви двоумења околу потребата за вакцинирање не треба да постојат.

„Нема лекар во светот којшто не се залага за имунизација со вакцините што се на располагање во една земја. Тоа е превентивна мерка што е најуспешна од било кои превентивни мерки за било која болест и децата треба редовно да се вакцинираат според календарот што го пропишуваат здравствените власти. Нивната пак, задача е квалитетно да ја информираат и едуцираат јавноста за потребата од имунизација, за потеклото и исправноста на вакцините и сите други прашања. Не смее евентуалните недоумици да им се остават како материјал на антивакциналните  движења коишто зедоа замав последнава деценија и доведоа до последиците што сега сите ги гледаме: враќање на морбилите како епидемија, ситуација што се случува и во некои развиени земји. Ако се продолжи со трендот на невакцинирање, постои опасност да се вратат и многу поопасни болести што одамна се искоренети, како дифтерија, детска парализа, итн.“, вели д-р Фидановски.

Д-р Обочки се надоврзува  и со економскиот импакт на вакцинирањето врз земјите во развој.

„Еден долар потрошен за вакцинирање во земјите со низок доход, подоцна заради спасените детски животи и продолжениот животен век носи 44 долари економски бенефит, преку придонес на овие луѓе со нивната работа и сл. Исто така, 21 милион детски животи се спасени последниве 20-тина години со вакцинирањето. Ние докторите не треба ниту да го почнуваме разговорот со родителите околу тоа дали треба или не да се вакцинираат нивните деца. Се знае дека има нуспојави како висока температура и сл., но нема докази за корелација на вакцините со било какви заболувања коишто се споменуваат во овој контекст, а некои од нив, за волја на вистината се во пораст на светско ниво, како што е аутизмот , но пак ќе повторам, нема докази за нивна поврзаност со вакцините.“

 

извор: Капитал