/Стрептококни инфекции кај деца

Стрептококни инфекции кај деца

Сподели

Стрептококите се грам позитивни бактерии кои се широко распространети во природата. Некои припаѓаат на нормалната хумана флора, други се поврзани со важни заболувања кај луѓето, од кои дел се последица на инфекциите со стрептококи, а дел на сензибилизацијата на домаќинот кон нив. Стрептококите често предизвикуваат различни болести кај децата.

Болести предизвикани од стрептококни бактерии

Најчеста болест е ангина, потоа  скарлатина, еризипел. Освен ова, стрептококите предизвикуваат кожни болести,  болести на ушите, синусите, поретко пневмонија, сепса, гноен менингит. Стрептококните  болести имаат големо социјално-медицинско значење поради тоа што компликаците од нив се јавуваат доцна, како ревматска треска и акутен гломерулонефрит и можат да остават трајни последици кај децата. Извор на стрептококите од групата А се луѓе кои се инфицирани или се клицоносители на овие микроорганизми, а се пренесуваат со директен контакт.

Стрептококна ангина е најчесто заболување кое го предизвикуваат стрептококите. Стрептококот од групата А предизвикува од 15 до 30% на сите воспаленија на грлото кај децата. Воспаленијата на грлото во најголем број случаи се предизвикани од вируси. Болеста  почнува по неколку дена инкубација (1 до 3 дена, а кај скарлатина по 3  до 5 дена) со покачена температура, главоболка, болка во грлото при голтање, црвенило и оток на лигавицата со гноен ексудат, зголемени и осетливи лимфни јазли на вратот. Кај  помалите деца постои тенденција на ширење  на инфекцијата во средното уво, мастоидите и менингите. Дваесет проценти на инфекциите може да поминат без симптоми. Пнеумонијата која ја предизвикува бета хемолитичниот стрептокок од групата А е опасно заболување, а најчесто настанува како  последица на вирусни инфекции кои веројатно ја зголемуваат осетливоста.

Скарлатината (шарлах) се карактеризира со општите симптоми на болест, ангина и осип и е предизвикана од стрептокок од групата А кој создава еритроген токсин. Болеста почнува нагло, со треска, покачена телесна температура, болки во грлото. Осипот се јавува од 12 до 48  часа по почетокот на болеста најчесто на градите, под мишките, долниот дел на стомакот и внатрешните страни на натколениците. Осипот бледее по третиот ден, а околу седмиот ден настанува лупење на кожата што е карактеристично за шарлахот.

Инфекциите на кожата кај децата (impetigo) настануваат на површинските слоеви на кожата, со појава на чирчиња кои прскаат, а соголената површина се покрива со гној и красти. Тие се често предизвикани од слоеви кои може да претходат на гломелуронефрит.

Ширење на стрептококни инфекции

Стрептококните бактерии се многу заразни и  се пренесуваат брзо и лесно, особено во колективи како  градинки и училишта. Освен по капковиден пат (кивање, кашлање), инфекцијата може да се пренесе и преку предмети (марамче, крпа и друго). Малите деца се заразни за својата околина за време на болеста, околу  10 дена. 

Лекување со антибиотици

За потврда на стрептококни инфекции се зема брис од грлото. Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, како и изолација на микроорганизмот на подлога. Лекувањето на стрептококните инфекции се спроведува со антибиотици и лек на избор е пеницилинот. Кај деца преосетливи  на пеницилин се користат еритромицин или линкомицин. Лекувањето треба да трае 10 дена, со што се постигнува ерадикација на стрептококот и се спречува развој на постстрептокона болест. Антибактериските лекови немаат влијание на развиената постстрептококна болест, меѓутоа корисни се за спречување на реинфекција со група А стрептококи кај пациенти со ревматска треска.

Компликации од стрептококни инфекции

Пострептококните болести се јавуваат по латентен период од неколку недели (до 4 недели) при што доаѓа до развој на нефритис или ревматска треска. Латентниот период сугерира дека овие болести се последица на преосетливоста на домаќинот.

Акутниот гломерулонефритис се развива често по кожна инфекција со стрептококи.Болеста се карактеризира со појава на отоци, висок крвен притисок, појава на крв и протеини во урината и нарушена бубрежна функција. Најголем дел од болните деца заздравуваат целосно, додека кај мал број деца доаѓа  до развој на хроничен нефритис и бубрежна инсуфициенција, а кај многу мал број пациенти болеста завршува летално.

Ревматската треска се јавува една до четири недели по инфекција со стрептококи од групата А, која дури може да остане и незабележана.Типични знаци на ревматска треска се висока температура, слабост,  мигрирачки артритис,кардитис и доведува до оштетување на залистоците на срцето.Ревматската треска покажува тенденција на реактивација во случај на рекурентни инфекции со стрептококи и затоа е важно таквите пациенти да се заштитат од  повторни инфекции со стретококи од групата А со профилактична примена на пеницилин.

Што значи кога детето е носител на бацил?

Носители на бацили се оние деца кај кои во грлото постојано е присутна стрептокока, а немаат симптоми. Тоа значи дека детето не е болно и не претставува опасност за околината. Кај носителите на бацили бактеријата се наоѓа на површината на грлото, но немаат допир со имунолошкиот систем на организмот, а честопати имаат и заштитна улога. 

Променете ја четката за заби

Децата кои се лекуваат од стрептококните инфекции би требало по пет дена од лекувањето со антибиотик да ја променат четката за заби. Во спротивно, постои голема веројатност по завршување на терапијата, на четката за заби евентуално да има заостаната бактерија која повторно ќе го најде својот пат до грлото на детето.