/Третман на аутизам

Третман на аутизам

Сподели

Аутистичкото нарушување е дефинирано со три основни карактеристики: квалитативно нарушување на социјалните интеракции, каде што спаѓаат абнормалното невербално однесување, како што е ограничениот поглед очи во очи и необичните фацијални изрази, и недостигот на социјален и емоционален реципроцитет; квалитативно нарушување во комуникацијата, што подразбира недостиг од говор или неможност да се почне или одржи говор; и репетитивни, ограничени или стереотипни однесувања, кои вклучуваат преокупации со делови од предмети, сосема тесно поле на интерес и повторливи движења со рацете.

Нарушувањата од аутистичниот спектар постојат во два различни модела:

  • Некои деца покажуваат абнормално социјално и комуникативно однесување уште од самото раѓање. Родителите велат дека овие деца имаат слаб тонус при држење, не гледаат во човечкото лице и никогаш не се вртат на човечки глас.
  • Другите деца покажуваат нормален развој во доенечкиот период, а потоа, често во втората година од животот, покажуваат регресија во социјалните и комуникациски способности, како што е губењето на почетните зборови и сѐ поголема незаинтересираност за социјалната интеракција.

Раната интервенција им помага на малите деца во подобрувањето на развојните вештини и обезбедува основа за идното учење.

Познато е дека лек за аутизам не постои. Не постои метода што може да го излечи аутистичното нарушување, но интензивната работа со деца со аутистично нарушување доведува  до развивање тераписки постапки кои доведуваат до значајно подобрување. И покрај големиот број обиди, нема генерален третман на аутизмот кој би бил еднакво добар во спроведувањето на терапијата кај сите аутисти.

Терапијата се спроведува со целни едукациско-рехабилитациски постапки прилагодени на поединецот. Најважно е што порано започнување на третманот со цел да се постигнат поголеми резултати, како и да се запази принципот на индивидуален пристап. Водечка улога имаат родителите, а значајно место во спроведувањето на терапијата има и останататa социјална средина.

Цели на третманот се:

  • Стимулирање на емоционалните и когнитивните способности
  • Стимулирање на социјалните и комуникациски спосoбности во различни контексти во кои е вклучено детето со аутизам
  • Третирање на патолошкото однесување и емоционални функции со цел да се зголеми флексибилноста
  • Давање психолошка поддршка на родителите со цел да ги совладaат идните потешкотии, како и да најдат соодветно решение за потребите на детето со аутизам.
  • Развивање на исклучителните вештини кои ги имаат лицата со аутизам.

Третманот има развоен карактер, истовремено стимулирање на моторниот, говорниот, сензорниот, интелектуалниот и социјалниот развој. Со стимулација на психомоторниот развој е потребно детето да создаде слика за сопственото тело, деловите на телото и неговите функции, основни психомоторни вежби за координација, вежби за фина моторика. Вежби за развој на перцепцијата: визуелна, аудитивна, тактилна. Развивање на комуникацијата на детето со околината (вербална и невербална), активно учество на детето во активности кои имаат гласовно вербално изразување, имитирање различни гласови, ситуации од секојдневниот живот, употреба на детски песни, како и книги и други активности адаптирани на возраста на детето. Децата со аутизам имаат сериозно нарушување на говорот и јазикот. Еден дел од нив не развиваат говор и не употребуваат гест, туку користат примитивни комуникациски облици, како што е земањето на раката на возрасниот кога нешто сака или, пак, напад на бес доколку околината не ги разбере неговите потреби. Другиот дел, кои развиваат говор, употребуваат некои зборови со значење, но често со ехолалија зборови или фрази без разбирање.

Главен предуслов за успешен третман е терапевтот да биде добар методичар и дидактичар, да го прифати детето и да сака да му помогне, да знае да ги воочи сите позитивни особености кај детето, често да ги анализира своите постапки на работа, да зазема критичен став и да воведува нови, да биде отворен во соработката со другите стручни лица и со родителите, редовно да го усовршува своето работно искуство.