/Веганството кај децата е забрането – Интервју со д-р Александар Сајковски

Веганството кај децата е забрането – Интервју со д-р Александар Сајковски

Сподели

Изборот на тоа дали некој ќе биде веган или вегетаријанец, која е полесна форма, е нешто што треба човек сам да го направи. Не може родителите да одлучуваат во името на децата, а не посебно кога нив им е неопходен внес на протеини кои вие со вегански тип на исхрана не можете да го постигнете.

Кога станува збор за исхраната или за дохраната на новороденчињата, се има впечаток дека секој период носи нови правила и уверувања. Додека едни мајки се држат на ставот дека бебето од 3. месец можеш и со грав да го храниш, како во времето на нашите баби, други до една година едвај вода им даваат на децата, тврдејќи дека мајчиното млеко е најдобро. Каде е вистинскиот баланс?

– Квалитетната и нормална исхрана на новороденото, доенчето и на малото дете претставува една од фундаменталните основи на човековите права, односно правата на децата. Имено, додека некаде зборот право се дефинира како привилегија, кога се користи во контекст на човековите права и правата на децата, зборуваме за нешто многу повеќе од привилегија. Имено, секое лице, односно дете има одредени фундаментални права, едноставно, поради фактот дека човекот треба да биде човек. Тие се нарекуваат човекови права, а не привилегија.
Имајќи ги предвид сите аспекти на правата на децата, во 2013 година, на барање на Европската комисија, изработен е официјален документ со научни препораки од Комисијата за безбедност и исхрана, за аспектите на потребните нутрициенти, нивниот дневен внес и начин на исхрана, кој важи како официјален документ за Европската унија. Овој документ е и официјална обврска и за сите земји-кандидати за членство во Европската унија. 
Во однос на дохраната навистина постојат одредени не усогласени ставови помеѓу родителите, но не и во педијатриската служба. По принцип, правило е дека голем дел од хранливите продукти кои можеме да ги внесеме кај децата можеме да почнеме да ги даваме во периодот помеѓу 4 и 6 месец од животот. Целиот проблем настанува заради тоа што во голем број на земји самиот акт на доење беше многу редуциран и затоа како педијатри во цел свет ние се обидовме да го стимулираме информативно населението и мајките дека доењето сепак е тоа кое што е главен промотор на имунитетот кај секое дете. Тоа значи не дека се менуваат толку драстично ставовите во исхраната, колку што треба да се избалансира самиот внес кога треба да се почне. Најголемата промена во однос на минатото е тоа што тогаш многу често се даваа протеини во високи количини во многу ран период. На пример многу рано се воведуваше јајце во исхраната, кое денеска не се воведува толку рано. Дохраната е најдобро да се почне од 4 месец и тоа обично се почнува со сокови. Тие не се замена за мајчино млеко туку се даваат меѓу два оброка. Кашичките пак кои ќе почнат да се користат меѓу 4 и 5 месец се во основа замена за еден мајчин оброк. Обично се почнува со зеленчукови кашички кои се даваат во попладневните часови, додека овошните кашички се даваат наутро.

Неспорно е дека нема ништо подобро од доењето. Но кога, според вас, е најдобро време да се почне со дохранување на бебето?

– Доењето претставува најприроден, најблагороден, најтопол и најдобар начин на исхрана на едно доенче, особено во првите шест месеци. Комплементарната исхрана, односно дохраната (внесувањето солидни храна и сокови надвор од доењето), не смее да почне пред 17-тата недела, но не подоцна од 26. недела од животот. Ова значи дека дохранувањето се започнува меѓу 4. и 6. месец од животот. 
Во случаи на отсуство на млеко кај мајката, односно немање можност за исхрана со мајчино млеко, во текот на целата прва година мора да се даваат комплетно адаптирани формули на млеко. Во зависност од можностите на семејството, во текот на втората година од животот треба да се даваат делумно адаптирани формули на млека.
Не постојат сигурни научни докази дека избегнувањето на потенцијално алергичните јадења, како што се риба и јајце, ги намалува алергиите кај општата популација, дури и во групата деца што имаат семејна склоност кон алергии.
Во периодот на дохрана кај доенчињата кои се на мајчино млеко, 90% од потребите за железо се надоместуваат од храната која ја прима детето, со што се обезбедува доволен внес на биолошки активно железо. Кравјото млеко е слаб извор на железо, и тоа е една од повеќето причини зошто не треба да се дава во првите 12 месеци од животот, иако во минимални количини може да се стави во храната која се подготвува, заради антигена стимулација.
Потребно е претпазливо избегнување на рано (4. месец) но и доцно (7. месец) запознавање на бебето со глутен. Што значи дека бебето треба да се запознае со глутенот меѓу 4. и 7. месец, особено додека е на доење, за да се избегне ризикот од појава на целијачна болест, тип 1 на дијабетес мелитус, и алергија на пченица.

Што е со овие трендови на веганство, вегетаријанство, макробиотика кога станува збор за децата, за бебињата?

– Европската комисија во основа има побарано мислење од Европското здружение за педијатриска гастроентерологија и исхрана кои би биле препораките и како би се користеле за сите деца во Европа, особено за земјите кои се членки во унијата за да се направи релативно унифицирање на начините на кои децата треба да се следат и храната на ниво на Европа. Тој документ кој е на 120 страни и опфаќа препораки и протоколи за исхрана не само на доенчиња туку и воопшто на деца во основа е потпишан комесарот на Европската комисија и е документ кој се препорачува до сите членки на Европска унија, но и земјите кандидати да педијатриската служба во тие земји им препорачува на децата исхрана специфична во однос на нивната возраст. Она што во тој документ стои и пишува,а е многу важно дека веганството кај децата е забрането. Значи децата не смеат да бидат вегани. Изборот на тоа дали некој ќе биде веган или вегетаријанец, која е полесна форма, е нешто што треба човек сам да го направи. Не може родителите да одлучуваат во името на децата, а не посебно кога нив им е неопходен внес на протеини кои вие со вегански тип на исхрана не можете да го постигнете. 
Деца што се ставени на вегетаријанска исхрана, мора да примаат дополнителен внес од 500 мл на ден мајчино млеко на нормалното доење или формула и дохрана со солидна храна и сокови. Веганството е најстрого забрането кај доенчиња и деца.
Нутритивниот внес на алфалинолната киселина, докосахексаеноилната киселина, железото, витаминот Д и на јодот, во некои европски земји е низок кај доенчиња и мали деца во првите шест години од животот. Поради овој факт, треба да се обрне посебно внимание на нивниот перманентен и рамномерен внес кај децата, за да се избегнат болести кои се врзани со нивниот дефицит.
Внесувањето на витамин Д и К1-витамин од 15. ден на старост до, заклучно, третиот месец е значајно за да се избегнат потенцијалните компликации од доцен дефицит на витамин К. По третиот месец се продолжува со превенција на рахитисот, со внес само на витамин Д.

Што, всушност, содржи тој официјален документ на Европската комисија?

– Тој документ е сеопфатен, но круцијални заклучоци се сето она што го кажав погоре. Ова се кратки информации, кои се само дел од официјалниот документ на Европската комисија, кој опфаќа голема научна евалуација на потребите за одделни нутрициенти кај децата во земјите-членки на Европската унија, но и за земјите кои претендираат да бидат нејзини членки. Затоа сметам дека имплементацијата на истите препораки во нашата земја ќе имаат далекосежно позитивни ефекти врз здравјето на нашите деца.

По кои протоколи се води “Аџибадем Систина”, посебно ако се знае дека тука се раѓаат огромен процент од новороденчињата во земјава?

– Овој документ во нашата болница е дел од протоколот на работа на педијатрите, пред сe, во интерес на достапност на најновите научни сознанија за нашите пациенти.
Аџибадем Систинаа секогаш се води по усвоените протоколи од главните промотори на протоколите за исхрана и третман на децата. Кога станува збор за исхраната кај доенчињата и исхраната кај децата ние се држиме по протоколите кои ги дава Европската унија, односно Здружението за детска гастроентерологија и исхрана каде има огромна групација на професори кои се занимаваат со педијатриска гастроентерохепатологија и нутриција и кои ги пишуваат препораките и водичи за исхрана на децата. 
Во исто време тие се комплментарни со протоколите кои ги дава Американското педијатриско здружение и Американската академија по педијатрија. Факт е дека сите деца во светот не се исти, имаме одредени генетски разлики, навики во однос на исхрана, регионални специфики, но кога станува збор за внес на одредени витамини и нутрициенти и начини на внесување на одредени храни сепак се придржуваме до препораките кои доаѓаат од Европска унија. При тоа нив можете да ги добиете како пациенти на Одделението за неонатологија и неонатална интензивна нега, но и на педијатриското одделение кое се отвора во нашата болница и во педијатрискиот ургнентен центар. 
Нашиот педијатриски ургентен центар во моментов е еден од најмодерните ургентни центри направен на Балканските простори и воопшто во Европа и може да прифати болести од било кој аспект кои се поврзани со детската возраст. Информација и совет може да се добие од колегите педијатри кои работата во Педијатрискиот ургентен центар или колегите кои работата на педијатриското и неонатално одделение.