Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Детско здравје » Внимание – почнува сезоната на настинки!

Внимание – почнува сезоната на настинки!

Сподели

Настинката претставува лесна или умерено тешка, краткотрајна инфекција на горните дишни патишта. Постојат околку 200 различни видови на вируси кои можат да бидат причинители на  заболувањето. Со првите постудени денови во годината, почнува и сезоната на настинки, инфекции на кои доенчињата и малите деца се особено чувствителни. Честата појава на настинките во раната возраст се должи на сé уште недоволно развиениот имунитет, односно намалената отпорност кон причинителите на заболувањето. Настинката претставува лесна или умерено тешка, краткотрајна инфекција на горните дишни патишта. Причинители на заболувањето можат да бидат повеќе од двестотини различни видови вируси (риновируси, аденовируси, реовируси, коксаки, параинфлуенца и др.)

Како се пренесува инфекцијата?

Пренесувањето на инфекцијата настанува по капков пат, преку кивање и кашлање на заболеното лице, но и преку директен контакт со предмети кои ги користи заболениот. Сувиот воздух во прегреаните непроветрени простории ја оштетува респираторната слузница, ја намалува нејзината природна одбранбена способност и ја прави подложна на инфекции.

Симптоми на настинка

Симптомите на настинка се развиваат бавно, во тек на неколку дена. Заболувањето почнува со затнување на носот, течење на бистар секрет од носот, кивавица, повремена сува кашлица, умерено зголемена температура. Доенчето или малото дете станува нерасположено, плачливо или истоштено. Секретот од носот го отежнува дишењето, а кај најмалите и хранењето.

Симптоми на грип

Потешкиот облик на настинка неретко се прогласува за грип, но станува збор за две различни состојби. Симптомите на грипот почнуваат нагло, со висока температура, треска, главоболка, болки во мускулите, општа слабост и истоштеност, односно тие се значително потешки, посилно изразени и подолготрајни во споредба со настинката.

Знаци на настинка кај доенчиња и деца

Кај новороденчињата и најраната доенечка возраст симптомите слични на настинка може да се знак на сериозно заболување, поради што неопходен е лекарски преглед. Кај постарите доенчиња и поголемите деца, знаци кои укажуваат на посериозно заболување или развој на компликација при која е потребна лекарска помош се: појава на силна, надразнителна кашлица, забрзано или отежнато дишење, носници кои при вдишување максимално се шират, болки во ушите, одбивање на течности, видливо влошување на општата состојба.

Терапија

Специфичен лек за настинка не постои. Симптоматската терапија вклучува:

  • мирување
  • доволен внес на течности
  • ладење, туширање со млака вода
  • проветрување и овлажнување на просториите каде што престојува детето

Лекови кои вообичаено се користат при настинките се:

  • лекови за намалување на високата температура
  • капки на стерилен физиолошки раствор во носот
  • поретко, кај претшколските деца, краткотрајна употреба на деконгестивни капки за нос
  • витаминотерапија, пред сé витамин Ц

Превенција

Во спречување на ширењето на вирусните инфекции од најголема помош е примената на општите превентивни хигиено-диететски мерки за заштита од инфекции и јакнењето на имунитетот:

  • избегнување на контакт со заболени лица
  • миење на рацете како наједноставен и најделотворен начин на спречување на инфекциите
  • создавање на добри хигиенски навики од најраната возраст
  • при кивање и кашлање користење на хартиени марамчиња за една употреба
  • одржување на хигиена во домот
  • обезбедување на средина без чад од цигари
  • избегување на долготраен престој во затворени простории
  • редовно проветрување на просториите
  • престој на свеж воздух
  • избегнување на аерозагадување
  • правилна исхрана – доење до 6. месец, а потоа, продолжувајќи со доењето, воведување на дохрана богата со витамини и минерали

Антибиотиците се немоќни

Антибиотиците се немоќни, неефикасни против вирусните заболувања и не треба да се користат. Користењето на истите “за секој случај” е нерационално, нема да спречи појава на бактериска суперинфекција, а води кон развој на резистентни соеви на бактерии.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт