/Воспалено слепо црево – најчеста за причина интервенција кај децата

Воспалено слепо црево – најчеста за причина интервенција кај децата

Сподели

Воспалението на слепо црево (апендицитис) претставува најчестата итна абдоминална состојба кај децата за чие решавање е неопходен итен оперативен третман. Д-р Ристо Симеонов, детски хирург, вели дека иако апендицитисот е редок кај доенчињата, неговата инциденција континуирано се зголемува во текот на детскиот период и го достигнува својот пик помеѓу 15. и 25. година од животот и кај двата пола.

Акутно и хронично воспаление

Причината за акутното воспаление на слепото црево е делумна или целосна опструкција на луменот на слепото црево, која најчесто е предизвикана од копролит или зголемување на лимфното ткиво поради инфект. Поретки причини за опструкција на луменот на слепото црево се инклавирани туѓи тела, безоари, малигни неоплазми на самиот апендикс, апендикс како составен дел на инвагинат при инвагинација, абдоминална траума или вродени малформации. Опструкцијата на луменот на апендиксот води до зголемен интралуминален притисок, што предизвикува венска и лимфна стаза. Комбинацијата на овие наоди поттикнува локализиран воспалителен процес кој може да прогредира кон гангрена и перфорација. Акутниот апендицитис е состојба што изнудува итен оперативен третман. Хроничниот апендицитис или т.н. рекурентниот апендицитис, како ретка клиничка манифестација, предизвикува дијагностичка и терапевтска дилема пред сè поради фактот дека најголемиот број од пациентите имаат атипични симптоми. Проценките укажуваат дека инциденцијата на хроничниот апендицитис е 1,5% од вкупниот број на случаи со историја на акутен апендицитис. Причината за хроничниот апендицитис може да биде секундарната, парцијалната или транситорната перзистентна опструкција на луменот на апендиксот.

Симптоми

Клиничката слика за воспаление на апендиксот во стандардни услови се манифестира со неколку часовна дифузна болка во стомакот, која најчесто почнува околу папокот, придружена со мачнина, нагони за повраќање и губиток на апетит. Во понатамошниот тек карактеристично е мигрирање на болката од периумбиликално кон десно т.е. илеоцекално. Миграција на болката најчесто не се добива како податок кај деца на возраст помала од 3 години. Во рамките на клиничката слика се и симптомите, како губиток на апетит (одбивност кон храна), што се јавува кај 80% од пациентите; намален мотилитет на цревата и повраќање.

Дијагноза

Дијагнозата за акутно воспаление на апендиксот (appendicitis acuta) се поставува врз основа на неколку критериуми, и тоа: анамнестички или хетероанамнестички податоци за симптомите (типични/ атипични); клинички преглед; лабораториски иследувања; и имиџинг т.е. ехотомографски иследувања.

Кога се јавува прскање на слепото црево?

Перфорацијата или прскање обично се јавува барем 48 часа по појавата на симптомите. Во ретки случаи се јавува слободна перфорација на апендиксот во перитонеалната празнина. Таа може да биде придружена со перитонитис и септичен шок и да биде комплицирана со подоцнежна формација на повеќе интраперитонеални апцеси. Апендицитисот кој напредува кон перфорација е поврзан со потешка клиничка слика, повисока стапка на морбидитет и подолг престој во болница. Време подолго од 36 часа од првите пријавени симптоми до времето на операцијата корелира со зголемена стапка на перфорација. Доколку дојде до перфорација на апендиксот, абдоминалната болка станува интензивна и подифузна, и се зголемуваат абдоминалните мускулни спазми, што создава вкочанетост. Истовремено, доаѓа до зголемување на срцевата фреквенција и температура до вредност над 39о С. Пациентот може да изгледа болен и да има потреба од краток период на реанимација со течности и антибиотици пред воведување во анестезија. Понекогаш, по перфорација на апендиксот, болката може благо да се намали, иако ретко да дојде до вистински интервал без болка.