/Д-р Чадиковски: Во „Аџибадем Систина“ сфатив што значи светска здравствена установа

Д-р Чадиковски: Во „Аџибадем Систина“ сфатив што значи светска здравствена установа

Сподели

Тој е единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава. Камо среќа да не беше така – се согласува и самиот. Д-р Владимир Чадиковски е можеби еден од ретките кои имал можност да замине надвор од земјата, но останал овде. Во интервју за Фактор вели дека има проблеми кои го мачат јавното здравство, но дека кога докторот е добар и има установа зад себе неговите квалитети се квалитети во која било земја. Од неодамна е во „Аџибадем Систина“, каде, како што вели, видел професионализам, систем идентичен како во светските центри и стандарди и протоколи кои диктираат принцип на работа кој е признаен во најдобрите болници. Разговорот со Чадиковски е пријатен оти докторот има јасен став за состојбите, ненаметлив. Има тешка работа – но благородна. Во кардиохируршкиот оддел во „Аџибадем Систина“ веќе се оперирани седум деца, а во иднина овој оддел ќе стане референтен центар на Балканот.

Чадиковски со какви впечатоци ја завршивте 2019 година? За Македонија беше стандардно турбулентна. Генерално со какви чувства влегувате во новата?

Чадиковски: Па можам да кажам дека и јас доживеав еден турбулентен период на професионален план претходната година. После 21 година во јавното здравство заминав во приватна болница што претставуваше еден нов предизвик, одговорност и повторно докажување. Започнувате да работите во систем кој е идентичен како во светските центри со стандарди и протоколи кои ви диктираат како треба да работите, пред се поради безбедност на пациентите и здравствениот персонал. Сметам дека секој треба еднаш во животот да излезе на „пазар” да види навистина колку вреди и после да критикува. Во новата година влегувам со ентузијазам, кој повторно се појави после долго време – во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ започнавме со операции, го комплетираме тимот, инфраструктурата, опремата и заедно со менаџментот направивме стратешки план кој за скоро ќе го покаже бенефитот во третманот на деца со срцеви мани и ќе стане центар кој ќе биде препознаен како најдобар во целата држава и регионот.

НАЈСОВРЕМЕН ОДДЕЛ ВО РЕГИОНОТ

Чадиковски вие во втората половина од 2019 година и официјално почнавте да работите во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Трансферот беше по малку и бурен. Што ви значеше ова?

Чадиковски: Од крајот на август претходната година започнав со работа во „Аџибадем Систина“. За прв пат согледав како изгледа да работите во една во најголемите светски здравствени организации која во своето семејство брои 22 болници во  повеќе држави во светот. Влегувате во систем кој ви гарантира услови за работа со ЈСИ стандард, стручна експертиза, да напредувате во професијата, во секој момент да имате можност да ги согледате новите процедури и хируршки техники кои веќе се изведуваат во Турција, да публикувате трудови и книги, а системот во болницата е таков да има кој да се грижи за сите тие работи да ви бидат овозможени, има одлична логистика, а од вас се бара само професионално да си ја работите работата за кој сте едуцирани.

Со вашето преминување, во „Аџибадем Систина“ практично почна да функционира детскиот кардиохируршки оддел. Каков квалитет носи и кои се вашите очекувања од одделот?

Чадиковски: Да, непосредно со мојот ангажман во „Аџибадем Систина“, за кратко време се комплетираше целиот тим со кој работам со години.  Заминав во „Аџибадем“ во Турција да ги запознаам детските кардиохируршки тимови, каде бев фасциниран од тој систем за работа, експертиза и професионалност. Се донесе одлука центарот за детска кардио хирургија во Скопје комплетно да ги превземе сите протоколи за работа од „Аџибадем Истанбул“ во кој се извршуваат  700 интервенции годишно и до сега извршени повеќе од 20.000 операции со одлични резултати.  Започнавме во Скопје пред неполни 2 месеца и до сега опериравме 7 деца со екстремно тешки дијагнози и сите до сега се во добра постоперативна кондиција. Во моментот се мултиплицира тимот и се завршуваат  градежните работи во новиот оддел кој по мое мислење ќе биде најсовремен во регионот како инфраструктурно така и со опрема. За многу кратко време ќе биде пуштен во употреба, а ќе брои 6 кревети за интензивна нега, два кревета за интензивна нега со негативен притисок (изолација), 3 апартмани за пред и постинтензивен третман.  На располагање имаме современа катетеризациона сала за интервентни кардиолошки процедури, најсовремен компјутеризиран ангиограф, најсовремени кардиолошки ехотомографски  апаратии и експерти, комплетно опремени операциони сали за кардиохируршки интервенции, на располагање го имаме целиот перијатриски тим кој брои повеќе од 20 експерти од различни области,  комплетно обучен тим за електрофизиологија,  експерти од областа на детска радиологија. Се ова е гаранција дека одделот за детска кардиохирургија ќе биде акредитиран референтен центар препознаен на мапата за детска кардио хирургија.

НАЈДОБРА НЕГА ЗА СИТЕ ДЕЦА

Дел од тимот со кој работите го познавате, но имате поддршка и од докторите од Аџибадем од Турција. Како функционирате?

Чадиковски: Работам со четири тимови на кардиохирурзи од Турција и навистина ме импонира нивното присуство и можноста да работам со сите тие професионалци. Нивната професионалност и триесетгодишно искуство значи многу. Во неколку наврати сум кажал има неколку причини зошто е потребна поддршка, но едно сум забележал во нашата држава, а тоа е ако сте критичен ако сакате како секаде во свет да споделите искуство, да дојдете до точна дијагноза, ако сакате да слушнете различни пристапи во третманот на тие деца од колеги кои се многу поискусни во таа област, вие сте нестручен, а ако сте некритичен вие сте експерт. Секогаш е многу лесно верувајте, да сте некритичен на туѓи деца, да оперирате нешто за првпат без помош, а да не е ваше дете. Секогаш кога некој критикува и ја оспорува нашата стручност треба една работа да се праша, а тоа е зошто до сега немало детска кардио хиругија во нашата држава и од 2000 до 2013 година и 1000 деца се оперирирани во Бугарија. Јас ќе им одговорам дека е екстремно тешко и бара огромна жртва. Така, повторно ќе кажам во нашиот центар ке ги користиме стручните  искуствата на нашите колеги од Турција кој се од огромно значење, се со цел нашите деца да добијат најдобар третман и родителите доверба дека се дава најдобра здравствена нега на нивните деца.

Работите со специфични пациенти – деца. Велат тоа е потешко. Како вие го доживувате тоа, дали е тежина или?

Чадиковски: Повеќе од 21 година оперирам деца од најразлична возраст и патологија, а последните 7 години вродени срцеви мани кај деца. Навистина преставува една екстремно тешка гранка, многу одговорна, системски зависна, мултидисциплинарна и пред се благодарна кога се ќе заврши добро. Проблемот е што кај операциите на срце секогаш постои одреден морталитет (смртност) и сметам дека нема нешто потешко кога треба да соопштите дека им починоло детето после интервенција, дека не сме успеале да го спасиме. Не постои ништо што може тоа да го ублажи тоа чувство. Морам нешто да напоменам дека за сите овие 6-7 години колку сме посветени кон оваа тешка гранка мислам дека сме единствени во државата под комплетна опсервација за успехот на интервенциите. И од медиумите,  надлежните здравствени авторитети. Не знам дека некоја друга гранка во медицината во нашата држава е под таква опсервација и контрола, но тој притисок верувајте само придонесува да бидеме се подобри и се поблиску до европските центри. Нашиот успех ќе биде препознаен од нашите граѓани и околните држави. Најважно секогаш ми било да знам во себе дека сум направил се да го спасам тоа дете.

ПАТОТ ДО ЛИЦЕНЦАТА, ДЕТСКИТЕ ЖИВОТИ ПРИОРИТЕТ

Вашата кариера ја следеше и јавнoста – моментно сте единствен лиценциран детски кардиохирург. Каков е вашиот живот од овој аспект?

Чадиковски: Во последно време многу се зборуваше за мојата лиценца.  Единствено што ми беше збунувачки е дека никого ништо не го интересираше пред 2013 година. Што се случува со децата со срцеви мани, пред да почнеме да го развиваме проектот за детска кардиохирургија . Во период од 2000  до 2013 година се оперирани 1.000 деца со срцеви мани во Бугарија, а никој не знае какви се резултатите. Од 2000 година поради неможност да одат на операција починале повеќе од 300 до 350 деца. Да имаше детска кардиохирургија повеќе од 90 проценти од децата што починаа од свински грип, а да потсетам во 2009 година бројот беше голем, ќе имаа можност да се спасат дека ќе постоше можноста за екстракорпорална циркулација. Во тој период деца кои беа оставени од родители по домови во најголем процент беа оставени без третман, деца со Даунов синдром, новороденчиња кои долго лежат и умираат во интензивна нега поради оставен вроден отвор на срцето, а тоа се од пет до седум бебиња годишно. Ова се само дел од бенефитите што се добија со отварањето на овој проект во 2013 година.

Никого не го интересираше за да се добие тоа парче хартија што се моравме да поминеме колку труд и жртва треба да се направи. Во тој момент бидејќи работев со повеќе од 400 експерти од различни држави имав можност да полагам со нивна помош на повеќе места и да добијам лиценца надвор од државата. Реков мора тука да направиме нешто ќе остане за сите генерации понатаму сигурно ќе има многу млади колеги што ова би го продолжиле. Така одлучивме со управата на Медицинскиот факултет и Министерот за здравство да направиме програма за детска кардио хирургија. Програмата ја превземавме од американскиот здравствен систем, помина на катедра по хирургија, научно наставен совет, министерство за здравство и влада, се врати на Медицински факултет и се објави конкурс на кој морав после 4 години веќе работено и повеќе од 250 деца поминати да запишам супспецијализација уште две години. Една од основните работи во супспецијализацијата е што мора да имате книга за евиденција на која стои во тек на тие години на едукација колку деца сте оперирале со име и презиме, дијагноза, возраст и оперативен зафат. Во таа книга се оперирани и запишани повеќе од 350 деца со срцеви мани. Медицински факултет повика  комисија од различни профили дека  супспецијализацијата е мултидисциплинарна.

Многу ми драго дека оставивме нешто на Медицински факултет кое може да се надградува и менува, но вратата  за идните доктори кои сакаат да станат детски кардио хирурзи е отворена.

ДОКТОРСКА ПЛАТА ПО ЗАСЛУГИ

Кои се очекувањата за следниот период – македонското здравство е сред егзодус на лекарите, јавното е разнишано од состојбите кои го следат со години особено од финансиски аспект.

Чадиковски: Ова е тема е посебно комплексна, па ќе го кажам моето мислење. Мислам дека секторот здравство е еден од најтешките бидејќи го чува социјалниот мир во државата. Не постои идеален здравствен систем, но една работа која навистина ми сметаше додека бев во јавниот сектор беше „комунистичкиот систем“ за награда – сите да земаат иста плата. Не работиме сите исто. Не придонесува секој исто во институцијата. Некој оперира хернија (кила) некој срце за иста плата, некој прави циркумцизија (сунет) некој трансплантација на бубрези секако за иста плата, некој оперира фиброма на глава друг мозок па пак исто. Затоа сметам дека плата која треба владата да ја зголеми нема да ги реши проблемите, повторно ке имаа колеги кои нема да бидат задоволни баш заради оваа причина. Што се однесува до егзодусот на лекари има два типа лекари. Едниот се лекари кои имаат само медицинска азбука (само што завршиле факултет) и одма заминуваат, па се доедуцираат во друга држава. Другата практика е кога заминуваат лекари со многу години искуство . По мене цела енергија треба да се насочи да се задржат најмладите лекари со базично знаење во кои вреди стручно да се инвестира  и најдобрите лекари  во областа, а се знаат кои се , бидејќи, верувајте, долго време работев таму. Голем број лекари не ја заслужуваат ни постоечката плата, а не да добијат плата која треба да ја обезбеди министерот со новите пресметки. Затоа сметам дека треба да се направи систем кој ќе гарантира дека секој ќе си добие плата по добро сработена работа, проценка на комплексност и добиените резултати, како секаде во светот.

Ако избирате да останете овде, што ве држи?

Чадиковски: Во период пред да го направам трансферот аплицирав во два центри во држави во ЕУ по сугестии и референци од колеги од САД и бев прифатен да почнам со работа на позиција соодветна за мојата професија. Со започнување на разговорите  со менаџментот на „Аџибадем Систина“ понудија визија и план кој дефинитвно беше нешто што разбуди кај мене ентузијазам и желба нешто повторно да создаваме заедно, можноста цел мој тим биде со мене повторно, да соработувам и напредувам стручно со колеги од Турција кои се светски имиња и пред се да создадеме акредитиран центар и можност сите деца со срцеви мани да бидат згрижени по сите светски стандарди.

Кон што ќе се фокусирате во следниот период?

Чадиковски:  Кога ќе се свртам назад толку многу години поминаа во учење, работа, стресови, докажувања, радосни и тажни моменти, едукации по светот со години, жртви… Се прашувам дали се тоа вредеше. За да сте успешен ќе треба да бидете подготвени да имате трпение да помине се. Треба премногу да ја сакате својата професија. Од оваа дистанца ништо не би менувал, животот ве носи по многу предизвици и крстопати вие одлучувате по кој пат ке одите. Никој не ме тераше мене пред 3 години да се едуцирам за трансплантации на црн дроб кај деца во Брисел и да на крај тој проект не го развијам. Ќе се прашам дали беше залудно. Пак ке кажам не, тоа ме однесе да започнам друг проект –  детската кардио – хирургија кој вроди со плод да јас и мојот тим досега извршивме повеќе од 400 операции. Сега сме заедно во една од најголемите здравствени организации  во светот, во „Аџибадем“. Ќе се стремиме заедно со целата логистика која ја има „Аџибадем“ да направиме референтен акредитиран центар за операции на срца кај деца кој ќе биде гордост за цела држава. На крај би ги советувал младите лекари да се стремат нивните соништа да станат реалност иако некогаш се тешки и навидум неостварливи. Порачувам да не ги слушаат критиките од колеги кои ништо не направиле ни за себе ниту за државата. Да се едуцираат во странство, да согледате дека ние не сме центарот на светот, оставете нешто позади себе со кое ќе се гордеат вашите деца и ќе ставите печат колку ја сакате својата држава.

извор: Фактор