/Што е ERCP?

Што е ERCP?

Сподели

Златен стандард во дијагноза и третман на болести на жолчното кесе, жолчните патишта и панкреасот

ERCP (ендоскопска ретроградна холангиопанкреатографија) претставува неоперативна инванзивна ендоскопска процедура која се користи за дијагноза и третман на заболувања на жолчното кесе, жолчните патишта и панкреасот (билиарно-панкреатичниот систем). Д-р Димитар Трајков, гастроентерохепатолог, вели дека во последната деценија ERCP примарно се користи во терапевтски цели, а сè поретко како дијагностичка метода. Покрај развојот на многу нови неинванзивни методи MRCP – магнетна резонанца, EUS – ендоскопски ултразвук, ERCP останува златен стандард како во дијагностичките така и во терапевтските процедури на билиарниот и панкреатичниот канален систем.

Како се изведува?

За време на ERCP, гастроентерологот специјализиран во областа на ендоскопски интервентни процедури користи специјален апарат – ендоскоп (дуоденоскоп) со кој преку устата на пациентот, преку желудникот и тенкото црево, со специјални додатоци и алатки навлегува во жолчниот и панкреатичниот канален систем. Во оваа метода како составен дел од процедурата се користи и рендген апарат (флуороскопија). Пациентот во текот на процедурата е во кратка интравенска анестезија.

Индикации за ERCP

  • Жолтило предизвикано од затнување на жолчниот вод
  • Камења во жолчниот вод
  • Стеснувања на жолчниот канал предизвикано од бенигни или малигни процеси
  • Компликации на жолчниот вод од претходни оперативни процедури
  • Хронично воспаление на панкреасот

ERCP во терапевтски цели

Покрај дијагностика, оваа метода е доста ефикасна во третман на голем број состојби и со негова примена се изведува:

  • Ендоскопска сфинктеротомија (сечење и проширување на почетниот дел на жолчниот канал со специјален нож – сфинктеротом)
  • Отстранување камења од жолчниот вод
  • Поставување стент во жолчниот канал за премостување на стеснувања во каналниот систем
  • Проширување (дилатација) на стеснувања на жолчниот вод
  • Поретки други индикации (папилектомии, биопсија на жолчниот вод, отстранување ехинококови цисти… )

Компликации

ERCP е инванзивна процедура кај која постои можност за појава на компликации, кои најчесто се од лесен тип – реактивно воспаление на панкреасот (5% од пациентите). Поретко има потешки облици на панкреатитис, за кои е потребен интензивен хоспитален третман (под 1%) Поретки компликации се:

  • Перфорација на тенко црево
  • Крвавење
  • Алергиска реакција на контрастот користен во процедурата
  • Кардиопулмонални компликации, воспаление на жолчниот вод – холангитис