Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Карцином на тироидна жлезда

Карцином на тироидна жлезда

Сподели

Тироиден карцином се појавува кога клетките во тироидната жлезда претрпуваат генетски промени (мутации). Најчесто се јавуваат како испакнување (јазел), кое на палпација може да се почувствува преку кожата на вратот, но може и да не се палпира доколку е со помали димензии. Јазолот може да варира во големината и изграден  е од клетки кои се со изменети карактеристики. Потребна е дополнителна дијагностика, како што е ултрасонографски преглед на тироидната жлезда, понатаму скенирање на тироидната жлезда, како и тенкоиглена биопсија под контрола на ултразвук.  Скенографски, јазлите може да се  класифицираат на студени и топли. Посериозно треба да се пристапи кон студените јазли, бидејќи 15% од овој тип можат да бидат канцерогени. Д-р Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, по повод месецот на тироидниот  карцином советува пациенти кои имаат скенографски студени јазли да направат тенкоиглена биопсија со цел да се утврди дали јазолот е канцероген или не.

Видови тироиден карцином и лекување

Папиларниот тип на тироиден карцином е најчесто застапениот тип, ~80% од вкупните дијагностицирани видови. Најчесто е дијагностициран кај пациенти од 20 до 50-годишна возраст и трипати почесто се појавува кај жените. Карциномот може да не покажува никакви симптоми повеќе години (понекогаш дури и 30 години) бидејќи обично останува со големина под 1 см во дијаметар и може никогаш да не порасне. Се забележува инцидентно при хируршко отстранување на жлездата. Утврдувањето на овие јазли за време на превентивните прегледи е подобрено последниве години благодарение на високосензитивната ултразвучна опрема. Овој вид карцином се лекува оперативно. Доколку се работи за микроканцер помал од 10 мм, по операцијата пациентот може да продолжи само со примање лекарства со тиродини хормони. Но во случај кога карциномот  е со поголеми димензии или евентуално се проширил по лимфните јазли или другите органи, тогаш пациентот подлежи на третман со радиоактивен јод,  најчесто четири до шест недели од операцијата.

Фоликуларен тироиден карцином – Овој карцином обично се јавува кај жени на возраст од 40 до 60 години и застапен е ~10% од вкупните дијагностицирани видови. Меѓу тироидните карциноми, фоликуларниот тироиден карцином најтешко се дијагностицира. За да се донесе одлука дали се работи за малигна болест потребно е да се набљудува дали клетките навлегуваат во капсулата која го опкружува јазолот составен од нормални клетки. Во случај кога капсулата е нарушена станува збор за фоликуларен карцином, во спротивно се дијагностицира како бенигна фоликуларна формација. Третманот за овој карцином е подеднаков на третманот кај папиларниот карцином, а тоа е целосна тироидектомија. Без оглед на големината на овој тип на канцер, по операцијата пациентот се третира со радиоактивен јод.

Медуларните тумори се вбројуваат со ~5% од сите дијагностицирани тироидни карциноми. Наследниот тип на медуларен карцином се јавува најчесто на возраст од 1 до 20 години, додека не наследениот тип најчесто се јавува во облик на метастази на лимфните жлезди. Третманот е повторно ист а тоа е целосна тироидектомија заедно со дисекција на лимфните јазли. По операцијата, пациентот не се третира со радиоактивен јод бидејќи клетката, која е поинаква од другите тироидни клетки, не е сензитивна за радиоактивниот јод. Пациентот се следи со проверка на нивото на калцитонин во крвта и тумор-маркерот CEA.

Aнапластичен тироиден карцином – Овој тип се јавува со ~5% застапеност од сите тироидни карциноми. Почест е кај постарите луѓе (со просечна возраст од околу 60). Папиларните или фоликуларните карциноми кои многу години не биле лекувани одненадеж го менуваат своето биолошко однесување и почнуваат да растат брзо прераснувајќи во анапластичен тироиден карцином. Во такви случаи операцијата не е опција за третман. Сепак, третманот со радиоонколошка терапија продолжува поради подобрување на квалитетот на живот кај пациентот.

Најди доктор Закажи преглед Контакт