Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » ПОЛИЦИСТИЧЕН ОВАРИЈАЛЕН СИНДРОМ НАЈЧЕСТОТО ЕНДОКРИНОЛОШКО ЗАБОЛУВАЊЕ КАЈ ЖЕНИТЕ ВО РЕПРОДУКТИВНИОТ ПЕРИОД

ПОЛИЦИСТИЧЕН ОВАРИЈАЛЕН СИНДРОМ НАЈЧЕСТОТО ЕНДОКРИНОЛОШКО ЗАБОЛУВАЊЕ КАЈ ЖЕНИТЕ ВО РЕПРОДУКТИВНИОТ ПЕРИОД

Сподели

Полицистичниот оваријален синдром претставува една комплексна состојба, како резултат на која кај поголемиот дел од пациентките изостанува менструалниот циклус и очекуваната овулација на јајце клетките. Оваа состојба, како што појаснува ендокринологот од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ д-р Надица Божиновска, е најчестото ендокринолошко заболување кај жените во репродуктивна возраст, со преваленца од 10 до 25 проценти. „Поголемиот дел од пациентките се угоени, со акни по лицето и телото, а најчесто имаат и зголемена влакнавост. Па ако се земат предвид ваквите нарушувања, може да се заклучи дека полицистичниот оваријален синдром е една навистина комплексна и долготрајна состојба со метаболни, репродуктивни и психолошки нарушувања кои во некои случаи имаат потреба од третман или советување. Иако важи за најчесто ендокринолошко заболување за време на репродуктивниот период, и покрај тоа што се јавува сè позачестено кај младите девојки и жени, сè уште не постојат кристално јасни насоки по кои треба долгорочно да се евалвираат овие пациентки“, вели д-р Божиновска. За разлика од минатиот век, сега, како што појаснува докторката, дијагностицирање на полицистичниот оваријален синдром се прави навремено страна на гинеколозите и ендокринолозите и се ординира терапија која го регулира менструалниот циклус и ја намалува влакнавоста или акните.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ТЕЛЕСНАТА ТЕЖИНА АЛАРМ ЗА ПОЛИЦИСТИЧНИОТ ОВАРИЈАЛЕН СИНДРОМ

Иако порано се сметаше дека полицистичниот оваријален синдром е состојба од чисто гинеколошко потекло, сега, како што вели д-р Божиновска, постојат медицински докази дека полицистичниот оваријален синдром во голема мера се должи на ендокринолошка абнормалност, односно инсулинска резистенција. Инсулинска резистенција всушност претставува метаболно нарушување, со значително зголемен ризик за појава на предијабетес. „Речиси секогаш, инсулинската резистенција се влошува со додавање во телесна тежина, што, пак, ги влошува репродуктивните и метаболните аспекти на оваа состојба. Инсулинската резистенција и последователната фаза на хиперинсулиенемија (зголемено лачење на инсулин) преку неколку комплексни механизми водат до високи нивоа на естрогени и андрогени хормони. Токму високите нивоа на слободните андрогени кои циркулираат низ организмот се виновници за карактеристичните знаци асоцирани со полицистичниот оваријален синдром, а самото отсуство на овулацијата прави естрогената стимулација на ендометриумот да е непречена и во некои случаи може да предизвика ендометријална хиперплазија“, појаснува ендокринологот д-р Божиновска. Постојат повеќе клинички аспекти кои треба да се имаат предвид кај пациентките со полицистичен оваријален синдром.

Класичните симптоми кои се највидливи и најизразени, најчесто и се третираат по барање на пациентките, бидејќи, дел од нив неретко влијаат и на надворешниот изглед на жената. Станува збор за зголемена појава на акни, хирзуитизам (зголемена влакнавост), паѓање на косата, хиперандрогенизам, како и менструални нерегуларности, промени во расположението и субфертилност.

ПОЛИЦИСТИЧНИОТ ОВАРИЈАЛЕН СИНДРОМ ГО ЗГОЛЕМУВА РИЗИКОТ ОД ПОЈАВА НА ДИЈАБЕТЕС

Д-р Божиновска потенцира дека овој синдром со себе носи долгорочни ризици, кои не се поврзани со вишокот на влакна по телото и лицето или недостигот на овулација, односно дека жените со полицистичен оваријален синдром имаат зголемен ризик за појава на дијабетес, кардиоваскуларни болести, нарушувања на липидниот статус, замастување на црниот дроб, како и зголемен ризик за депресија и ендометријална хиперплазија. „Повеќе од 70% од девојките и жените со полицистичен оваријален синдром имаат инсулинска резистенција и придружна хиперинсулинемија. Инсулинската резистенција всушност значи дека организмот не го препознава инсулинот како што треба и потешко го прима во клетките, па со цел да се одржат нормални нивоа на шеќерот во крвта доаѓа до развој на хиперинсулинемија. Токму оваа хиперинсулинемија, која ја детектиравме и како главен катализатор во целата патогенеза на полицистичниот оваријален синдром, претставува главен ризик-фактор за развој на предијабетес и дијабетес. Имено, сите ние се раѓаме со одредени инсулински резерви во нашиот панкреас, кои не можат да се дополнат. Хиперинсулинемија, или состојба на покачени вредности на инсулин, значи дека панкреасот испушта повеќе инсулин од потребно и со тоа постои голема шанса пред време да ги потроши инсулинските резерви“, појаснува д-р Божиновска. Таа додава дека жените со инсулинска резистенција и хиперинсулинемија имаат зголемен ризик за развој на предијабетес, тип 2 дијабетес мелитус или дијабетес во бременост. Ризикот дополнително се зголемува доколку пациентката е со поголема телесна тежина (кај нив дополнително се потенцира хиперинсулинемијата), доколку не се физички активни или доколку имаат генетска предиспозиција за дијебетес, односно близок член од семејството кој има од тип 2 дијабетес мелитус. Кај девојките и жените со полицистичен оваријален синдром, како што потенцира д-р Божиновска, најчесто се јавува и зголемен кардиоваскуларен ризик за развој на атеросклероза и последователно миокарден инфаркт. Особено во оваа група спаѓаат пациентките со висок крвен притисок и дијабетес. Нарушувањето на метаболизмот на мастите е еден од главните предиктивни кардиоваскуларни фактори, а е често присутен кај девојките и жени со полицистичен оваријален синдром.

ДА СЕ ПРАКТИКУВА РЕДОВНА ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ И ЗДРАВА ИСХРАНА

Сè повеќе податоци укажуваат на тоа дека девојките и жените со полицистичен оваријален синдром имаат и зголемен ризик и за замастување на црниот дроб. „За жал, во пракса, овој скрининг сè уште ретко се применува и вообичаено се поставува дијагнозата во поодмината фаза. Исто така и процентот на жени со полицистичен оваријален синдром кои страдаат од депресија е значително повисок, споредбено со тие кои ја немаат оваа состојба. Од страна на психијатарите вообичаено се препорачува разговор, со цел девојките да се справат со сопствените несигурности предизвикани од некои од познатите видливи промени кои полицистичниот оваријален синдром ги дава по лицето и телото. Можеби ова звучи како помалку важен ризик во споредба со некој од горенаведените, меѓутоа воопшто не треба да се потценува оваа состојба, напротив потребно е да се зборува отворено со цел да се подобри квалитетот на живот кај овие пациентки“, советува д-р Божиновска. Таа додава дека нередовните менструални циклуси или, народно кажано, нередовното лупење на ѕидот на матката може да доведе до зголемен ризик за хиперплазија на ендометриумот, укажувајќи на важноста од редовните прегледи на гинеколог и навремени гинеколошки испитувања. Советите кои ги упатува ендокринологот д-р Божиновска до сите жени со полицистичен оваријален синдром се пред сè здрава исхрана, планирање на оброците и одржување на здрава телесна тежина. „Доколку имате вишок килограми – не очајувајте, направете си план за цела година со реални цели во однос на вашата телесна тежина и што сакате да постигнете. Бидете физички активни, затоа што редовната физичка активност, пред сè кардиовежбите ја намалуваат инсулинската резистенција. Доколку сте активен пушач, веднаш престанете“, советува д-р Божиновска. Овие совети важат за сите, но имаат поголемо значење кај девојките и жените со полицистичен оваријален синдром. Најдобрата превенција се редовните ендокринолошки и гинеколошки прегледи и навремено започнување со терапија.

Најди доктор Закажи преглед Контакт