/СКЕН НА КОСКИ НАЈРАНО ГИ ОТКРИВА МЕТАСТАЗИТЕ НА ЦЕЛИОТ СКЕЛЕТ

СКЕН НА КОСКИ НАЈРАНО ГИ ОТКРИВА МЕТАСТАЗИТЕ НА ЦЕЛИОТ СКЕЛЕТ

Сподели

Се користи најмногу во онкологијата, ортопедијата, а и во педијатријата. Скенот на коски е најсензитивен тест за следење на сите промени на коскениот систем во телото. Иако визуелизацијата на скелетот со радионуклиди се прави повеќе од 50 години, модерната нуклеарна медицина со сите придобивки овозможува да се видат навремено сите промени кои прават каков било проблем или кои индицираат некоја болест. Скенот на коски или уште се вика скелетна сцинтиграфија е меѓу едно од најчестите иследувања што се прават во Одделот за нуклеарна медицина во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Д-р Лилјана Муратовска вели дека за разлика од радиографските методи кои ја прикажуваат коскената структура, скелетна сцинтиграфија се базира на принцип на приказ на изменетата коскена функција. Клучни предности на оваа техника во однос на радиографските методи се неговата висока сензитивност, брзината на изведување и интерпретација на резултатот, како и видливост на недостапни регии. „Предности на скенографската во однос на радиографските методи се неговата висока сензитивност, добивање слики на целиот скелет со едно сликање, проценка на радиолошки тешко достапни регии, како ребра, градна коска и скапули. Скелетната сцинтиграфија може да се врши на амбулантска основа или како дел од болнички престој. Самото скенирање не бара посебна подготовка од страна на пациентот, не предизвикува болка, не е инванзивно, нема бучава како кај МР и не е клаустрофобично“, вели д-р Муратовска.

ОТКРИВА И НАЈМАЛИ ПРОМЕНИ ВО КОСКИТЕ

Таа објаснува дека со оваа техника може да се увидат, односно да се идентификуваат некои коскени повреди. Со овој тест се гледа суштината на траумата по спортски повреди, но и за дијагноза на остеомиелитис, кај артритис, идентификација на коскени инфаркти, разлабавување или инфекција на зглобни протези, аваскуларна некроза, бенигни коскени тумори како остеид остеом, Паџетова и Пертесова болест. Но освен во ортопедијата, најголема примена и исклучителна корист овој метод има во онкологијата. На ваков начин се локализираат примарни малигни коскени тумори, но се идентификуваат и скелетни метастази, а се проценува и каков одговор дала терапијата што ја примал пациентот. Д-р Муратовска вели дека скенот на коски открива метастази во коските многу порано од која било друга дијагностичка метода, со што и лекувањето е навремено. „Промени во коските може да се откријат со сцинтиграфија многу порано отколку со која било друга дијагностичка метода. Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат метастазите во целиот скелет. Ова е многу прецизна дијагностичка постапка и со неа може да се откријат и најмали промени. Бидејќи клетките на ракот се размножуваат брзо, тие ќе се појават како темни регии, жаришта на скенот. Ова се должи на зголемувањето на коскениот метаболизам и коскената преградба во областа на канцерските клетки“, вели д-р Муратовска. Секако по откривањето на заболувањето, со скенот болеста полесно и поефикасно се следи па може да се утврди ефектот од терапијата, колку била ефикасна и како промените реагирале на лекувањето.

СЛИКАЊЕТО ТРАЕ НАЈМНОГУ ЕДЕН ЧАС

Инаку, тумори кои најчесто метастазираат во коските се карциномот на простата, дојка, бубрег, тироидна жлезда и бели дробови, односно правилото на оловен чајник (Pb KeTtLe – prostate, breast, kidney, thyroid, lung). Освен кај овие со назначен остеотропизам, скенот на коски се изведува и кај други малигноми, како гинеколошки, гастроинтестинални или при покачени биохемиски параметри како хиперкалцемија, покачена алкална фосфатаза, туморски маркери и при постоење на коскена болка. Стручно скенот на коски или скелетната сцинтиграфија е специјалзирана нуклеарно-медицинска процедура за идентификување на регии на метаболни коскени промени и за следење на напредокот на терапијата во одредени услови. Тој се изведува на стандарден начин со вбризгување мала количина радиоактивен материјал во вената на пациентот. Најчесто материјалот што не е штетен за здравјето се вбризгува во вената на раката или, пак, во стапалото. „Радиофармацевтски препарат од избор е МДП (метилен дифосфонат) обележан со технециум 99mTc. Потоа се скенира со гама-камера, уред чувствителен на зрачење. Радионуклидот емитува тип на зрачење, таканаречено гама-зрачење. Двoдимензионални проекции на скенот може да бидат доволни, но со цел да се видат мали лезии кои се помали од еден сантиметар, особено во ‘рбетот, се прави и еднофотонска емисиона компјутеризирана томографија (SPECT). Сликањето се изведува по 2-3 часа и трае од половина до еден час, во зависност дали се прават SPECT-слики. Понекогаш се потребни и доцни сликања по 24 часа од инјектирањето, вели д-р Муратовска.

НЕ СЕ ПОЗНАТИ НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ

Според објаснувањата, околу половина од радиоактивниот материјал се локализира во коските. Колку повеќе активна коска има, повеќе радиоактивен материјал ќе се акумулира и ќе се визуелизира. Областите каде што радионуклидот повеќе се акумулира се наречени „жешки точки” (hot spot) и може да укажуваат на присуство на состојби како што се малигни коскени тумори, секундарни метастатски лезии на коските, коскена инфекција или инфламација,траума и друго. „Други промени може да предизвикаат намалена акумулација на радиоактивниот материјал или ‘ладни’ фотопенични дефекти. Не сите тумори лесно се гледаат на скелетна сцинтиграфија. Некои лезии, особено литичките деструктивни се потешки за визуелизација“, дообјаснува д-р Муратовска.