Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » ШТО Е ТОЧНО, А ШТО НЕТОЧНО: ВИСТИНИ И ЗАБЛУДИ ЗА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА

ШТО Е ТОЧНО, А ШТО НЕТОЧНО: ВИСТИНИ И ЗАБЛУДИ ЗА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА

Сподели

Каква е нејзината функција, дали зголемената тироидна жлезда е гуша, како ја контролираме работата на тироидната жлезда за време на бременоста? Многу прашања, а секако има единствени одговори. Во пресрет на месецот на зголемување на свеста за болестите на тироидната жлезда, месец мај, еве одговори на повеќето прашања поврзани со тироидната жлезда. Одговара д-р Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина.

Дали сите имаме тироидна жлезда? Точно. Да, сите ја имаме тироидната жлезда. Таа е орган како и сите други, односно како срцето, белите дробови, бубрезите, црниот дроб. Се наоѓа во средната третина на вратот, под таканареченото Адамово јаболко. Изгледа како пеперутка бидејќи има два лобуса, односно крилца и јаболко – телце. Личи и на штит од каде и доаѓа нејзиното второ име. Впрочем, сите знаеме, тироидната жлезда ја нарекуваме и штитна жлезда. Секако, иако е мал процентот, се раѓаат деца со еден тироиден лобус, и оваа состојба се нарекува хемитироидеа. Се разбира, забележано е дека има луѓе без тироидна жлезда (атиреоза). Доколку и двете состојби се навремено дијагностицирани, речиси уште при самото раѓање на бебето, тоа расте и се развива во сосема нормална индивидуа.

Тироидната жлезда произведува хормони кои се од исклучителна важност за организмот? Точно. Тироидната жлезда ги произведува хормоните Т3 или тријодтиронинот и Т4 или тироксинот. Тие влијаат на целокупниот метаболизам и сите енергетски процеси во телото. За да се создадат хормоните неопходно е во организмот секојдневно да се внесува микроелементот јод преку водата и храната, а во нашата држава и преку јодираната сол.

Во Македонија сè уште има недостиг на јод, кој може да направи одредени заболувања на тироидната жлезда Неточно.Во Македонија одамна е искоренет проблемот со недостигот на јод, преку имплементација на долгогодишен проект. Впрочем, ние имаме задолжително јодирање на еден прехранбен продукт, во нашиот случај солта, и тоа со 20-30 милиграми на калиум јодат.

Зголемената тироидна жлезда се нарекува гуша Точно. Зголемената тироидна жлезда се нарекува претиреоза и може да биде сосема едноставна морфолошка состојба или, пак, да е индикатор и за нарушена функција на тироидната жлезда. Оваа состојба во последните години многу ретко ја среќаваме, а за тоа голема заслуга има јодирањето на солта.

Заболувањата на тироидната жлезда се јавуваат повеќе кај жените Точно. Болестите на тироидната жлезда се почести кај женската популација. Се проценува дека односот маж/жена во појавата на болестите е 1:7.

Хипертиреозата е почесто заболување од хипотиреозата? Неточно. Хипотиреозата е почеста состојба од хипертиреозата. Какви се овие болести? Тие се нарушувања на функцијата на тироидната жлезда. Намалената функција на тироидната жлезда се вика хипотиреоза, а зголемената функција на тироидната жлезда е хипертиреоза. Симптомите се речиси спротивни кај двете состојби. Кај пациентите со хипотиреоза има појава на замор, изнемоштеност, побавна работа на срцето, дебелеење, тврда столица, сува кожа и коса, чувство на студ, незаинтересираност за околината и обилни менструални циклуси кај жените, додека, пак, кај пациентите со хипертиреоза има забрзана работа на срцето, слабеење, течни столици, потење, опаѓање на косата, нервоза, психичка напнатост, тресење на рацете (тремор), раздразливост и кратки или оскудни менструални циклуси кај жените. Инаку, има болести кои се јавуваат како последица на нарушена морфологија на тироидната жлезда. Кога станува збор за морфолошките заболувања, тука значајно место има појавата на тироидни јазли или нодуси. Тие се среќаваат често и вообичаено се безопасни, но сепак 4-5 проценти од нив се и малигни, така што доколку истите се со поголеми димензии или, пак, имаат прогресија при нивното контролирање, може да биде потребно да се направи и нивно скенирање и пункција.

Контролирањето на тироидната жлезда во текот на бременоста е сосема бесполезно

Неточно. За време на бременост од исклучителна важност е да се контролира тироидната жлезда, особено кај пациентки кои имале некаква состојба што барала лекување. Супституцијата со тироидните хормони е особено важна како за развојот на плодот, така и за здравјето на мајката. Исто така, суплементите кои содржат јод во себе треба да се со соодветна доза за овој период од животот на мајката.

Доколку имаме некаков проблем со тироидната жлезда, суплементите кои содржат јод, или народните „лекарства“ од типот на мед со млади ореви или ракија со млади ореви, ќе го решат истиот Апсолутно неточно. Земањето на суплементи кои содржат јод или народните „лекарства“ само можат да ја влошат состојбата кај пациентот, особено ако се работи за хипертиреоза, или да дадат „лажно“ добра или лоша лабораториска вредност за тироидните хормони.

Референтните вредности кои стојат покрај секој резултат од тироидните хормони можеме сами да ги толкуваме и да заклучиме дали имаме некаков проблем со тироидната жлезда Неточно. Никогаш немојте сами да ги коментирате вредностите на тироидните хормони. Постојат одредени периоди како и состојби во животот кога тие треба да имаат други вредности од тие што се запишани на вашите резултати. Конкретно, во првиот триместар од бременоста вредноста за хормонот TSH треба да е далеку понизок од стандардните вредности кои ги читате како референти.

Сите состојби/заболувања на тироидната жлезда се третираат со лекарства. Неточно.Функционалните заболувања на тироидната жлезда, како што се хипотиреозата и хиперетиреозата, се третираат медикаментозно, односно со лекови, и тоа од различни групи. Различни затоа што многу често болестите се поистоветуваат па пациентите ги земаат истите лекови што ги зема нивната баба, мајка, сосетка. Морфолошките заболувања, како што се струмата, бенигните јазли, како и малигните заболувања на тироидната жлезда, се лекуваат оперативно. И тука изборот за тоа каков тип операција ќе се изведе е различен, па така, доколку постои само еден јазол на тироидната жлезда и истиот на пункционата биопсија е со бенигни карактеристики, се прави тумеректомија (отстранување само на јазолот) или лобектомија (отстранување на целиот лобус каде што се наоѓа јазолот), но доколку јазолот е со малигни карактеристики, тогаш задолжително се прави тотална тироидектомија (отстранување на целата тироидна жлезда), а во некои случаи се прави и лимфна дисекција (отстранување на евентуално појавените лимфни жлезди на вратот).

Радиоактивен јод е истиот јод што го земаме како суплемент кога имаме негов недостаток. Неточно. Радиоактивниот јод е терапија која се дава при неколку состојби на тироидната жлезда. Најчестата индикација е неговата апликација по операција на тироиден карцином. Во тие случаи пациентот е хоспитализиран, изолиран и под посебен надзор поради самите карактеристики на радиоактивниот јод, а тоа е неговото зрачење кон околината. Кај карциномите се даваат високи дози на радиоактивниот јод. Другите индикации се при хипертиреоза кај која сме имале неуспешно медикаментозно лекување, како и токсичните аденоми, кај кои пациентот ни одбил оперативен третман и го избрал овој начин на лекување.

Најди доктор Закажи преглед Контакт