/ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА ГО КОНТРОЛИРА МЕТАБОЛИЗМОТ И ИГРА ВАЖНА УЛОГА ВО РЕПРОДУКЦИЈАТА И ПЛОДНОСТА

ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА ГО КОНТРОЛИРА МЕТАБОЛИЗМОТ И ИГРА ВАЖНА УЛОГА ВО РЕПРОДУКЦИЈАТА И ПЛОДНОСТА

Сподели

Неплодност или стерилитет може да предизвикаат многу фактори. Д-р Лилјана Муратовска, специјалист по нуклеарна медицина во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ потенцира дека во голем број на случаи причина за стерилитет се хормоналните пореметувања, во кои спаѓа и несоодветна функција на тироидната жлезда. Според неа, ненавремено дијагностицирани и нелекувани пореметувања на тироидната жлезда може да имаат негативни последици на плодноста и кај мажите и кај жените. Се проценува дека пореметувањата на функцијата на тироидната жлезда се едни од најчестите ендокринолошки пореметувања, а податоците покажуваат дека жените заболуваат дури за 5 до 10 пати почесто од мажите.

„Оваа жлезда со изглед на пеперутка или штит, сместена од предната страна на вратот, е одговорна за лачење на хормони кои го регулираат метаболизмот. Во тироидната жлезда се создаваат два важни хормони, тријодотиронин (Т3) и тироксин (Т4). Нивната работа ја регулира трет хормон кој се лачи во хипофизата во мозокот и се вика тиреостимулирачни хормон (ТСХ). Лачењето на хормоните е добро регулирано, а проблеми се јавуваат кога жлездата создава помалку или повеќе на тироидни хормони. Нивното оптимално ниво влијае на срцето, белите дробови и нервниот систем, на органите за варење, но има и големо значење за правилно функционирање на репродуктивниот систем т.е на половите хормони. Поради ова влијание, проблемите со функцијата на тироидната жлезда може да претставуваат една од потенцијалните причини за стерилитет. Неможноста за забременување е еден од сигналите за посета на лекар и за проверка и на функцијата на тироидната жлезда“, вели д-р Муратовска.

Кога тироидната жлезда лачи помалку хормони настанува состојбата на хипотироидизам

Симптоми кои се јавуваат се замор, поспаност, безволност, депресија, болки во мускулите, сува кожа и коса, тврда столица, отоци по телото, губиток на апетит, а зголемување на телесната тежина. Освен ова кај жените се јавуваат и нерегуларни менструални циклуси. Дури и ако менструалните циклуси се регуларни постои можност за пореметување на фертилноста поради пореметена овулација.

Она што е карактеристично кај хипотиреозата е често зголемено ниво на пролактин, хормонот кој стимулира создавање на мајчино млеко. Доколку дојде до забременување може да се појават компликации и зголемен ризик од загуба на плодот. Тоа настанува бидејќи во тек на бременоста се забрзува метаболизмот, а тироидната жлезда со смалена функција не може да ги следи метаболните промени, поради што доаѓа до проблеми со бременоста. Бидејќи тироидните хормони се важни за развојот на нервниот систем кај бебето, потребно е нивно редовно контролирање во тек на бременоста и навремено реагирање во случај на нивно пореметување“, советува д-р Муратовска.

Кога тироидната жлезда лачи повеќе хормони настанува состојбата на хипертироидизам

 Симптоми кои се јавуваат се неправилна и забрзана срцева работа, треперење, замор и малаксаност, дијареа, зголемена нервоза и промени во расположението, често настануваат и пореметувања во овулацијата. Тие се манифестираат како нередовен, најчесто продолжен менструален циклус, што води до неможност за забременување. Ако пак се реализира бременост, се јавува зголемен ризик од спонтан абортус. Тироидните пореметувања иако поретко се јавуваат и  кај мажите може да бидат причина за неплодност. Д-р Муратовска појаснува дека хипертироидизмот влијае на смалено либидо, на потенцијата, на еректилна дисфункција и нарушена структура на сперматозоидите.

„Се јавуваат речиси истите симптоми како кај жените. Хипертиреозата кај мажите се манифестира и со пореметување на нивото на тестостерон и на естроген, а како последица на тоа се јавува гинекомастија, т.е. зголемување на дојките. Кај хипотиреозата може да дојде до снижување на нивото на тестостерон, а зголемување на нивото на пролактин, што влијае на смалување на сексулната желба и потенцијата кај мажите“, вели д-р Муратовска.

 Една од причините зошто е важно редовно контролирање на функцијата на тироидната жлезда е тоа што зависно од сериозноста на хормоналниот дизбаланс, симтомите може да бидат благи и самото пореметување на функцијата на тироидната жлезда може да остане неоткриено со години. Дури и благи форми на тироидни болести, подвлекува д-р Муратовска,  може да бидат причина за неможност за забременување. Поставувањето на соодветна дијагноза е со клинички преглед, проверка на нивото на ТСХ, Т3 (или ФТ3) и Т4 (или ФТ4) хормоните во крвта и ултразвучен преглед на вратот. За забременување е важно да се одреди и нивото на анти тироидни антитела (аТПО и аТГ) бидејќи е докажано дека спонтани абортуси се јавуваат два пати почесто кај жени кои ги имаат овие антитела. Во зависност од дијагнозата се одредува и соодветна терапија.

„Ако кај жена која сака да забремени има пореметена функција на тироидната жлезда, бременоста мора да се планира во период кога болеста е стабилна т.е добро регулирана, бидејќи ембрионот за формирање на своите органи и системи користи исклучиво тироидни хормони од мајката. Мерење на нивото на тироидните хормони и тироидните антитела треба да бидат во пакетот на тестови за неплодност. Прв сигнал за тревога е пореметување на менструалниот циклус и сите жени кои имаат вакви проблеми треба навреме да бидат тестирани за функцијата на тироидната жлезда. Ако подолго од 6 месеци до 1 година безуспешно се обидувате да забремените, проверете го нивото на хормоните на тироидната жлезда кај вас и вашиот партнер“, советува д-р Муратовска.

Таа додава дека во ризични групи спаѓаат идни мајки кои веќе имале спонтани абортуси, кои имаат зголемено ниво на шеќер во крвта или оние кои имаат фамилијарна предиспозиција за тироидни болести.