/Трансплантација на коскена срцевина

Трансплантација на коскена срцевина

Сподели

Новите трендови на трансплантација на коскена срцевина се со цел да се елиминира потребата од комплетно совпаѓање на кoскената срцевина меѓу донорот и примателот. Во таа насока, од голема важност се истражувањата од областа на клеточниот инженеринг. И покрај тоа што примарниот услов за успешни трансплантации на матични клетки, (кои сè уште се нарекуваат трансплантации на коскена срцевина), е совршено совпаѓање меѓу донорот и примателот, проф. д-р Ерџумент Овали, најави дека постои можност да се изведат и успешни трансплантации со делумно совпаѓање.

Трансплантацијата на коскената срцевина се базира на отстранување на матичните клетки од поединецот и нивно пренесување назад кај истиот (автологно) или кај друг пациент (алогенско) со цел тие да се вдомат во коскената срцевина и да продуцираат крвни клетки. Овој метод се користи во лекувањето карциноми кои се развиваат во лимфните јазли, крвта и некои органи, како и откажување на коскената срцевина и одредени генетски заболувања.

Автологна трансплантација

Автологната трансплантација на матични клетки се применува со цел да се овозможи понатамошна хемотерапија во високи дози. Хемотерапијата покрај уништувањето на туморското ткиво, ги оштетува и другите клетки од човечкото тело, вклучувајќи ја и коскената срцевина, која е на прв удар. Затоа, единствениот начин за примена на висока доза хемотерапија, потребна за елиминирање на туморот, е да се земе коскената срцевина пред терапијата како „резервна копија“, а потоа да се примени хемотерапија со потребната доза. Потоа следува трансфер на здравата коскена срцевина назад кај поединецот со цел да се замени оштетената коскена срцевина. Автологната трансплантација, која се сметаше за многу ефикасен метод во прв план, го продолжува животот на некои пациенти и ги спасува животите на другите, но не се применува често бидејќи не е доволна да осигура целосно закрепнување.

Војна на клетките при алогенска трансплантација

Потрагата по различни методи со кои би се надминале недостатоците на автологната трансплантација доведе до примена на алогенска трансплантација. Проф. д-р Овали наведува дека постои уште едно клучно важно прашање:

“Алогенската трансплантација на матични клетки со совпаѓање на ткивото се случува кога човечкото тело ќе ги прифати донираните матични клетки од друг донор. При овој вид трансплантација, пренесените клетки можат да ги препознаат и да ги уништат туморските клетки. Ова може да се опише како битка меѓу клетките. Сепак, можноста што ја нуди алогенската трансплантација на матични клетки, исто така, може да доведе до проблеми.”

Трансплантираните клетки од коскената срцевина покрај тоа што ги препознаваат и напаѓаат туморските клетки, може да ги нападнат и другите клетки во телото бидејќи ги препознаваат како „туѓо тело“. Притоа можно е да дојде до оштетување на бубрезите, црниот дроб и кожата. Професор Овали го истакнува фактот дека алогенската трансплантација може да биде фатална доколку не е ставено сè под контрола. Ризикот од оваа интервенција доведува до потреба за воведување нови побезбедни методи.

Можна е и трансплантација со полусовпаѓање на ткивото

Потрагата по други методи за трансплантација стана поинтензивна со дополнувањето на други проблеми, како што е неуспешноста на трансплантираните клетки да се одржат и недостигот од други клетки за да ги заштитат нив. Со напредокот на науката, се откри дека Т-клетките во имунолошкиот систем имаат свои групи. Некои од тие групи се борат против тумори и микроорганизми, додека други се борат со самото тело. Проф. д-р Овали вели дека клеточниот инженеринг овозможува да се задржат групите кои ги уништуваат туморските клетки и микроорганизмите, и да се отстранат групите кои се борат со нормалните клетки. Со тоа се елиминира потребата од целосни совпаѓања на ткивото и се овозможува да се изведуваат трансплантации со полусовпаѓање.

„Користејќи трансплантација со полусовпаѓање, наоѓањето на целосно компатибилни ткива веќе нема да биде проблем. Ќе биде доволно клетките да бидат земени од мајката, таткото, браќата и сестрите или децата“, вели проф. д-р Овали.

Како што продираат резултатите од успешните трансплантации, се идентификуваат недостатоците во борбата против вирусни инфекции. Во овој момент, лабораториските студии и натаму напредуваат. Професор Овали вели дека истражувањето што тој го спроведува со својот тим покажува дека Т-клетките се состојат од групи со различни цели, а трансплантациите со полусовпаѓања се изведуваат со клеточни комбинации кои се чуваат такви како што се, или се менуваат за да се отстрани или да се намали бројот на некои клетки; комбинациите содржат мемориски Т-клетки кои „научиле“ кои клетки да ги напаѓаат: „Подготвуваме нова вештачка комбинација. Ако и покрај тоа дојде до ‘напад’ врз нормалните клетки или се развие инфекција, постојат посебни матични клетки кои можат да го спречат ‘нападот’. Ние користиме матични клетки кои спречуваат отфрлање или Т-лимфоцити што се посебно подготвени за специфична инфекција. На кратко, манипулацијата со клетки моментално е поделена на два главни дела. Едноставно кажано, првиот дел се базира на елиминирање на клетките кои предизвикуваат несакани реакции и имплантирање на корисни клетки, додека вториот дел се спроведува само ако постои проблем и покрај подготовките и се базира на трансплантација на клетки кои посебно ќе се борат против проблемот“, вели проф. д-р Овали.

Кои се идните цели и очекувања?

Професор Овали вели дека во светот постојат многу малку центри кои можат да ги изведуваат овие постапки и дека нивната лабораторија за матични клетки „Аџибадем Лабсел“, работи на хаплоидентични (полусовпаѓачки) трансплантации. „Она што прво треба да го направиме е да собереме сериски и бројни податоци кои се доволно обемни да покажат дека трансплантациите со полусовпаѓање се исто толку успешни како и трансплантациите со целосно совпаѓање“, вели проф. д-р Овали.