/Ургентен центар

Ургентен центар

Сподели

Ургентниот центар кој е дел од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ претставува еден од клучните и најважни оддели во склоп на болницата. Со ургентниот центар болницата во целост ги исполнува потребите за беспрекорно функционирање, овозможува потполна и квалитетна здравствена грижа, особено за оние пациенти кои се наоѓаат во животнозагрозувачка состојба и на истите им е потребна итна здравствена помош од самиот момент на пристигнување во болницата. Д-р Хари Хокоцијан, општ доктор, објаснува дека ургентниот центар укажува медицинска помош 24 часа, 7 дена во неделата, а е поделен на две единици, ургентен центар за возрасни и педијатриски ургентен центар.

Високата температура, повраќање, дијареја, болки, се дел од проблемите кои предизвикуваат паника кај родителите, посебно ако истите се интензивираат во текот на ноќта.

24 часа достапен педијатар

Педијатрискиот ургентен центар е наменет исклучиво за пациенти во детска возраст и во него здравствената помош ја укажуваат исклучиво лекари специјалисти педијатри. Голем број состојби во детската возраст бараат ургентен пристап. Високата температура, повраќање, дијареја, повреди се дел од проблемите кои предизвикуваат паника кај родителите, посебно ако истите се интензивираат во текот на ноќта. Со цел да одговориме на потребите на најмалите во моменти кога тоа е најпотребно, го отворивме најсовремениот педијатриски ургентен центар. Концептиран е по примерот на светските реномирани ургентни центри. Тоа го прави водечки педијатриски центар во целиот регион. Во него работи мултидисциплинарен тим на искусни доктори кои може да ги третираат сите болести поврзани со детската возраст. Секоја состојба се третира индивидуално со што се обезбедува најдобриот можен третман за секое дете. Ургентниот центар работи 24 часа секој ден во не- делата. Нашите доктори се достапни да одговорат на сите ваши прашања, тука се да ви дадат совети за најдобра нега на вашите најмили.

Најмодерен ургентен центар во регионот

Делот кој е наменет за возрасни пациенти во својот состав има сала за реанимација, хируршко-интернистичка ординација, гинеколошко-акушерска ординација и дневна болница каде што се згрижуваат и мониторираат итните пациенти во првиот период од нивниот престој во болницата. Опремен е со соодветна медицинска апаратура неопходна за нормално и квалитетно функционирање. Медицинскиот персонал е високопрофесионален и едуциран за укажување на соодветна здравствена помош кај секој итен пациент независно од заболувањето и состојбата на пациентот.

Салата за реанимација е најбитниот сегмент од ургентниот центар. Во неа се сместуваат и веднаш се згрижуваат пациентите кои се во животнозагрозувачка состојба, истите имаат потреба од итен медицински третман и неопходно е веднаш да се спроведе реанимациона постапка, односно итна медицинска помош. Вообичаено при интервенција кај овие пациенти, во реанимационата постапка учествуваат и медицински тимови од Одделот за интензивна нега и реанимација, како и од Одделот за кардиологија. Ургентниот центар е директно поврзан со Одделот за радиологија, со што се овозможува брза дијагностика од типот на РТГ, ЕХО, КТ или МР дијагностика, која вообичаено е потребна при третман на пациентите згрижени во ургентниот центар.

Во дневната болница пациентите престојуваат одреден период, односно нивниот престој е ограничен до оној момент додека се стабилизира нивната здравствена состојба. Во текот на престојот кај овие пациенти се спроведуваат потребните дијагностички постапки и интервенции, примаат соодветна терапија, редовно се мониторираат и според нивната состојба се преземаат мерки за нивна хоспитализација на соодветен оддел во болницата или нивното испишување од болницата доколку состојбата е подобрена и нивната здравствена состојба не побарува понатамошен здравствен третман. За секој пациент кој престојува во дневната болница уредно се води медицинска документација каде што се внесуваат сите резултати и извештаи од дијагностички постапки и анализи, како и од терапевтските третмани спроведени во болницата. Капацитетот на дневната болница е седум кревети, посебно одвоени во боксови, за секој пациент посебно. Д-р Хокоцијан вели дека најчести ургентни состојби за кои веднаш треба да побарате лекарска помош се: инфаркти, мозочни удари, акутни кардиореспираторни инсуфициенции, повреди од пад или сообраќајна незгода, изгореници, алергиски реакции, висока температура, долготрајно повраќање.